Правдико

   

Отфрлена иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата поради застареност

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на иницијативата за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против три лица за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Ваквото решение е донесено бидејќи настапила застареност на кривичното гонење.

Пријавата се однесува на објавен оглас за вработување на 30 судски службеници во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, меѓу кои Државната комисија за спречување на корупцијата утврдила пропусти при вработувањето на едно лице на позицијата помлад судски соработник. Меѓутоа, јавниот обвинител по приемот на иницијативата за кривично гонење на тогашниот претседател на Судот, претседателот на Комисијата за избор и прием на кандидати на огласот и на судскиот администратор, оцени дека постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење – застареност.

Имено, постапката за вработување целосно е завршена во мај 2015 година. За кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.1 од Кривичниот законик, законодавецот предвидел казна затвор од 6 месеци до 3 години, а согласно чл.107 ст.1 т.5 од Кривичниот законик, кривичното гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затворска казна над една година. Со оглед на ова, застареноста на кривичното гонење во предметот настапила најдоцна во мај 2018 година, додека иницијативата за кривично гонење од страна на Државната комисија за спречување корупција е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје во јуни 2019 година.

Партнери на Правдико