Откажување на договорот за вработување со и без отказен рок
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.(Обновено 22.10.2018г.) Работниот однос дефиниран според Законот за работни односи е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.
Начини на престанување на важноста на договорот за вработување:
1) со изминување на времето за коешто бил склучен;
2) со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице);
3) поради престанување на работодавачот согласно со закон;
4) со спогодбено раскинување;
5) со отказ;
6) со судска пресуда и
7) во други случаи утврдени со закон.
Откажување на договорот за вработување со отказ
Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина). (повеќе за ова во Кои се основани и неосновани причини за отказ)
Откажување на договорот за вработување со и без отказен рок
Договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок, а во случаите определени со закон, договорните страни можат да го откажат договорот за вработување и без отказен рок.
Поради лични причини со отказен рок работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини, ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување.
Како услов е најпрво на работникот да му се обезбедени потребните услови за работа и му се дадени соодветни упатства, насоки како и писмено предупредување од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и ако по даденото предупредување во рокот утврден од работодавачот кој не може да биде пократок од 15 дена од денот на приемот на писменото предупредување, работникот не го подобри своето работење, во случаите утврдени со колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач.
Поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските
Со отказен рок работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување, особено ако:
1) не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите што важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на работното време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести работодавачот за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести работодавачот;
9) не ги почитува прописите за заштита при работа или не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата и
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на работодавачот.
Без отказен рок работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот:
1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и
6) оддаде деловна, службена или државна тајна.
Минимални отказни рокови
Ако работникот го откажува договорот за вработување, отказниот рок е еден месец. Со договорот за вработување или со колективниот договор може да биде договорен подолг отказен рок, меѓутоа не подолг од три месеца.
Ако работодавачот го откажува договорот за вработување на поединечен работник или на помал број работници отказниот рок е еден месец, а два месеца во случај на престанок на работен однос на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број работници кај работодавачот пред престанокот на работниот однос.
Отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, при што работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.
Отказот на договорот за вработување работодавачот е должен да му го врачи лично на работникот по правило во просториите на работодавачот, односно на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето од кое работникот дневно доаѓа на работа.
Правата и судската заштита на работникот во случај на отказ повеќе во Остварување на правата од работниот однос и судска заштита .
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Кои се основани и неосновани причини за отказ
– Остварување на правата од работниот однос и судска заштита
– Кривична одговорност при непочитувањето на правата од работните односи
– Права и обврски кои произлегуваат од договорот за вработување