Правдико

   

Откриена најголемата операција на перење пари во историјата

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Најмалку 20 милијарди долари, кои се или украдени или криминално заработени, се извлечени од Русија во периодот од 2010 до 2014 година, но претпоставките одат и дотаму што оваа сума може да порасне и до 80 милијарди.

Според податоците до кои дошле големиот број новинари што го истражувале перењето пари, има детали за околу 70 илјади трансакции од кои безмалку две илјади минале низ британски банки, а 373 низ американски. Во комплексната мрежа од трансакции има и сметки на десетина фирми од регионот. Засега се споменуваат само хрватски и словенечки фирми. Бројот на сите сметки преку кои се префрлале парите е поголем од сто. Ниту Македонија ниту пак домашните банкарски сметки не се споменуваат во случајот со сомнителните руски пари.

Ова, како што објавуваат светските медиуми, важи за една од најуспешно спроведените измами во светот. Последните детали деновиве за ваквиот случај го објави весникот „Гардијан“, познат е под името „Глобална перална“, но информации во јавноста се појавија уште пред три години, откако со свое истражување почнаа репортерите ангажирани во меѓународниот Проект за известување за организираниот криминал и корупција (ОЦЦРП).
Според пишувањата на „Гардијан“, во измамите учествувале 500 луѓе, како што се банкари, олигарси и лица поврзани со Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Трансферот на пари, односно дел од префрлањата на овие средства често биле користени и за плаќање вистинска стока во вистински компании, меѓутоа трансакциите ги вршеле фиктивни компании што користеле лажни документи, најчесто регистрирани во Велика Британија и на Кипар. Трагите од новинарското истражување одвеле до дури 96 земји и покажале оти постои широка мрежа фирми со анонимни или со лажни сопственици.
Вообичаено, според објавените информации, една од шемите по кои се переле парите функционирала на тој начин што, две компании измислувале лажен долг, па една на друга си позајмувале пари. Понатаму, една од нив поради заемот оди во стечај, а судот потоа одлучува дека долгот е автентичен, поради што било овозможувано руска компанија да префрли пари на фиктивна фирма, на пример, во Молдавија. Оттаму, парите се префрлувале во Латвија односно во Европската Унија со што тие веќе се целосно „чисти“ односно легални.

На страницата на ОЦЦРП, се наведуваат и земјите каде што завршувале парите преку трансакции. Во базата од регионот се споменуваат и пет фирми од Хрватска, кои во периодот од четири години примиле околу пет милиони долари. По објавувањето на измамата, со детали излегоа и други регионални медиуми. Така, словенечкиот весник „Дело“, објави дека во осум тамошни банки биле уплатени околу 15 милиони евра што потекнуваат од фиктивни претпријатија. Парите се уплаќале на 56 различни сметки, а оделе преку четири фирми и две физички лица од Словенија.

Како што пренесува весникот, сомнителните трансакции на пари со руско потекло ги забележале банките што потоа трансакциите ги пријавиле на словенечките власти. Двете балканските земји важат за држави каде што завршувале помали суми, а многу поголеми, според истражувањето завршувале на сметки во САД, Кина, Германија и во Франција. Помеѓу најпознатите банки преку кои се вршеле трансакциите, пак, се споменуваат британските ХСБЦ, Кралсаката банка на Шкотска, Лојдс, Барклиз, како и литванската Траст Комерцбанк. Тие, како што се пишува, сега се соочуваат со прашањето како не ги забележале сомнителните трансакции или ако забележале зошто не пријавиле. Кога станува збор за банките, се споменуваат и две американски што одбиле да вршат трансфер поради сомнеж за потеклото на парите.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико