Откриени фалсификувани средства за дезинфекција на пазарот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.За пет дена, Државниот пазарен инспекторат затворил 20 угостителски објекти во повеќе градови, констатирал дека се продавале фалсификат средства за дезинфекција, утврдил зголемување на цените на цитрусното овошје, кои Владата ги замрзна, како и други непочитувања. За ова информира Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на инспекцискиот совет, која повика граѓаните да пријавуваат само реални непочитувања на мерките од Владата бидејќи има ограничен број инспектори.
„Од 28 март до 1 април од шесте инспекторати направени се 5.200 надзори и општа констатација е дека повеќето од субјектите ги почитуваат владините мерки за превенција од ширење на коронавирусот. Повеќето од контролите во овие пет дена, вкупно 4.261, ги направи Државниот пазарен инспекторат. Од нив, 823 се однесуваат на замрзнатите цени на одредени производи, а другите се однесуваат на контрола на работата на трговските и услужните објекти“, рече Филиповска-Грашкоска.
Надзорот за продажба на фалсификувани средства за дезинфекција е во тек.
„Констатирано е дека има неосновани пријави на зголемени цени, особено на лимонот кај одредени трговци. Со оглед дека има ограничен број инспектори, апелираме да се пријавува само ако има реални непочитувања на владините мерки. Дополнително, од Државниот пазарен инспекторат е постапено и по пријава за фалсификат средства за дезинфекција, поконкретно станува збор за фалсификати на средствата ‘екосал’ и ‘дезинтал’, при што надзорот сè уште е во тек“, додаде таа.
Инспекторатот утврдил и зголемување на цените на цитрусното овошје иако Владата ги замрзна на дел од тие производи, односно тие мора да се продаваат со цените што ги имале заклучно со 11 март.
„Во овој период затворени се дополнителни 20 угостителски објекти во повеќе градови, како Скопје, Гостивар, Тетово, Струга и Битола. Истовремено, инспекторите во повеќе градови направија визуелни контроли, при што констатираа дека повеќето од угостителите ги почитуваат мерките. Во овој период Државниот пазарен инспекторат ги контролира и кафематите. Во Штип констатирано е дека 34 кафемати не работеле. Дополнително, Пазарниот инспекторатот утврдил дека има помал број зголемување на цените на цитрусното овошје и други производи иако тие цени се замрзнати. По укажувањето, цените се вратени како оние од 11 март“, соопшти Филиповска-Грашкоска.
Извор: Макфакс