Откриени шест случаи на криумчарење мигранти | Правдико

Правдико

   

Откриени шест случаи на криумчарење мигранти

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

мигранти-5Министерството за внатрешни работи реализираше шест одвоени случаи на криумчарење мигранти при што против осум лица се поднесени кривични пријави согласно член 418-б став 2 од КЗ на Р.Македонија (“криумчарење мигранти“), а притоа откриени се вкупно 24 илегални мигранти од кои 11 од Сирија, шестмина од Пакистан, четворица од Сомалија едно лице од Ирак и две лица од Авганистан.

Во првиот случај кривично се пријавени Г.А. (19) и Г.А. (27) двајцата од скопско Зелениково. Имено, откако од страна на полициски службеници од ПС за ГН “Сопот“ биле забележани две патнички возила кои се движеле по автопатот од правец на Куманово, возилата кај клучката кај село Речица се исклучиле од автопатот и потоа од нив излегле седум илегални мигранти (шестмина од Пакистен и еден од Ирак), додека возилата продолжиле да се движат. Набргу сопрено е првото возило “BMW 316“ управувано од првопријавениот Г.А. а неколку часа подоцна лоцирано и сопрено е и второто возило (исто така марка “БМВ“) управувано од второпријавениот. Илегалните мигранти се префрлени во Прифатниот центар во Скопје а од страна на Судија на претходна постапка на двајцата пријавени им е одредена мерка притвор во траење од по осум дена.

Во вториот случај исто така во близина на клучката кај с. Речица биле забележени две ПМВ (едното “Фолксваген Поло“, а второто “Сеат Кордоба“ и двете со кумановски регистарски таблички). Притоа прво е сопрено ПМВ “Фолксваген Поло“, кое било како “претходница на второто возило управувано од пријавениот Д.Ф. (33) од Куманово, а потоа сопрено е и второто возило управувано од И.С.(29) од село Вакцинце кумановско во кое се наоѓале шестмина сириски државјани илегални мигранти. Од страна на Судија на претходна постапка на двајцата кривично пријавени им е одредена мерка притвор во траење од по осум дена.

Во третиот случај кривично е пријавено лицето Ш.Н. (34) од Неготино. Имено пријавениот во близина на клучката кај село Кукуричани на стариот пат Неготино – Градско е фатен во обид со возило “застава 128“ да пренесе двајца сириски илегални мигранти од кумановско. И за него Судија на претходна постапка одреди мерка притвор во траење од осум дена.

Во четвртиот случај  кривично е пријавен Д.Ј. (23) од Гевгелија кој во близина на старата касарна во Гевгелија е фатен во обид со ПМВ  “BMW“ со беровски регистарски таблички да пренесе четворица илегални мигранти од Сомалија до кумановско. Судија на претходна постапка ина Д.Ј. му одреди мерка притвор во траење од осум дена.

Во петиот случај кривично пријавен е Ј.В. (25) од Велес кој на локалниот пат с. Богородица – Гевгелија во возилото марка “КИА “ со велешки регистарски таблички качил тројца сириски мигранти со намера да ги пренесе до Куманово но од страна на полициски службеници е сопрен на автопатот Е-75 во близина на месноста викано “Авлаќот“. Тој иако се обидел по сопирањето да побегне е фатен и приведен а од страна на Судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.

И во последниот шести случај кривично е пријавено лицето А.С. (58) од Скопје кој ангажирајќи такси возило сакал од автобуската станица во Неготино до Скопје да пренесе двајца илегални мигранти од Авганистан.

Извор:МВР

Партнери на Правдико