Оценката на пациентите - нов болнички стандард | Правдико

Правдико

   

Оценката на пациентите – нов болнички стандард

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ќе се мери задоволството на пациентите, но и на вработените како дел од процесот за акредитација на болниците и на клиниките 

doktori_obuka_g_2

Задоволството на пациентите од пружените здравствените услуги ќе биде еден од стандардите кои ќе треба да го исполнуваат болниците и клиниките. Министерството за здравство заедно со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, како дел од процесот за акредитација на болниците и клиниките изготви два прашалници. Со едниот ќе се мери задоволството на пациентите, а другиот е за вработените, за согледување на внатрешната организација на една болница. 

„Како дел од системот за обезбедување и унапредување на квалитетот на здравствената заштита, формирани се внатрешни комисии за следење и подобрување на квалитетот на здравствената заштита во здравствените установа. Изработени се стандарди и критериуми кои треба да се применат во здравствените установи“, истакна денеска директорката на Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи, д-р Елизабета Зисовска. 

Таа најави дека од септември до болниците и клиниките ќе ги испратат прашалниците преку кои здравствените установи поединечно ќе треба да се изјаснат. „На почетокот ќе бидат опфатени само установите со болничка здравствена заштита, кои треба да направат список на стандарди кои веќе ги спровеле и оние на кои им е тешко да ги применат или не им се јасни“, рече Зисовска. 

Во болниците и клиниките ќе се воведуваат стандарди во шест сектори, и тоа за управување и раководење, за човечки ресурси, за управување со информации, со ризик и безбедност на пациентите, стандард за лекување на пациенти, како и за специфични клинички услуги. Министерството за здравство направило работна верзија на стандардите, кои наскоро ќе бидат објавени на интернет- страницата на Агенцијата. По давањето зелено светло, стандардите повторно ќе претрпат преправка во однос на нивно подобрување.

„На пример, дефиниран е приемот на пациентот, подготовката за лекување. Тоа да се спроведува согласно постојните процедури и протоколи. Со стандарди и критериуми се дефинирани и постапките за превенција од интрахоспиталните инфекции“, истакна д-р Зисовска.

Стандардите ќе имаат неколку нивоа, од минимални, оптимални до одлични и совршени. Зисовска укажа дека здравствените установи ќе мора сто проценти да ги остварат минималните стандарди. „Тоа посебно се однесува на безбедноста на пациентот. Сметам дека здравствените установи во најголем дел тоа и го исполнуваат, но сега треба да го имаат во пишувана форма“, рече Зисовска.

Автор: Јасмина Ј. Вељановска

Извор: Утрински весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико