Пакет закони за ослободување од должничкото „ропство“ | Правдико

Правдико

   

Пакет закони за ослободување од должничкото „ропство“

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Пакет финансиски закони ќе бидат донесени во наредниот период, од кои ќе зависи и финансиската егзистенција на илјадници граѓани во Хрватска што се соочуваат со блокирани банкарски сметки. Последните денови во хрватското собрание траеше постапката за измена на Законот за извршување и донесување нов закон за финансиските задруги. До крајот на месецот трае јавната расправа за измена на Законот за кредитирање на потрошувачите и Законот за заштита на потрошувачите, а во септември следува и второто читање на Законот за станбено кредитирање, пишува „Вечерњи лист“.

– Измените на Законот за извршување не ги намалија трошоците за идното извршување на принудната наплата и не ги намалуваат проблемите на блокираните граѓани. Но, сепак, постигнати се важни измени и во иднина не ќе може никому да му се изврши принудна наплата ако главнината на долгот не поминува над 20.000 куни и доколку долгот е во незначителна висина од вредноста на недвижноста. Не може да се изврши ни дел од долгот што се однесува на каматата, во случај кога должникот води судска постапка за пресметување незаконски камати. Во случај на продажба на хипотеката, на должникот му е загарантирано правото на надомест на трошоци за станбено згрижување во период од 18 месеци – вели Горан Алексиќ, пратеник во хрватското собрание.

Една од најважните новини се однесува на забрана за присилна продажба на хипотеката на станот или куќата, ако тоа е единствена недвижност и таа не е ставена под хипотека.

Меѓутоа, новиот закон за извршување остава многу повеќе нерешени прашања, а најважни се тие што се однесуваат на висината на трошоците за извршување, кои и натаму остануваат превисоки за должникот, пишува „Вечерњи лист“.

– Мораат да се намалат трошоците за извршување и тоа е можно ако секоја од страните, должникот и доверителот, го преземе својот дел од трошоците. Мора да се регулира и висината на адвокатските трошоци, кои се и највисоки. Тоа ќе го спречи извлекувањето финансиски средства од државните фирми и локалните комунални претпријатија – вели судијата на Стопанскиот суд, Мислав Колакушиќ.

Весникот наведува случаи кога лицето е во блокада, но постојано се поднесуваат нови барања за извршување, само за да се наплатат повисоки адвокатски трошоци. Во случај, според судијата, кога секој би го плаќал својот дел од трошоците, бројот на блокадите би се намалил за половина.

Како решение се предлага и формирање централизиран систем на извршување и на тој начин би се отворил еден предмет и не би се наплаќале дополнителни трошоци за секој нов долг односно неплатена сметка.

– Секоја недела доаѓа по еден приватник што има договорена работа, примил пари за материјал, но извршителите му ги повлекле средствата од банкарската сметка. Не може повеќе ни да работи, ни да ги враќа средствата. За претприемачите и физичките лица што извршуваат самостојна дејност би требало да се врати одредбата да одговараат со имотот што е внесен при отворањето на фирмата, а не со целиот свој имот. За претприемачите беше воведена оваа одредба, но Уставниот суд двапати ја укинуваше. Во Хрватска има 330 илјади граѓани со блокирани сметки, со долгови над 42 милијарди куни, а кои нараснале благодарение на лошиот закон за извршување – вели пратеникот Горан Алексиќ.

Деновиве трае јавната расправа и за уште два закона – Законот за потрошувачко кредитирање, кој се однесува на одредувањето фиксна маржа, и Законот за заштита на потрошувачи, кој треба да го регулира повратот на преплатени камати.

Во измената на Законот за потрошувачко кредитирање се овозможува должниците да ги договорат параметрите за промена на каматните стапки, така што фиксните делови на каматата не смеат да бидат поголеми од големината на маржата што би била договорена на почетокот на договорниот однос. Со оваа измена би имале пад на каматните стапки од еден до три отсто за сите должници што ги договориле кредитите пред 2013 година, а кои сѐ уште се исплатуваат и оние што се утврдени во швајцарски франци.

Со дополнувањето на Законот за заштита на потрошувачите би се овозможило сите оштетени лица да се опфатат со колективна судска пресуда во случајот „Франак“ да може да побараат од банките информација за преплатените и затезните камати, без притоа да се поднесуваат приватни тужби.

Во Законот за станбено потрошувачко кредитирање се бара забрана на каква било валутна клаузула освен во евра и пресметка на каматата по комфорен метод што е поповолен за должникот. Исто така, се бара ограничување на курсот за конверзија на кредитот во куни на максимално 20 отсто над почетниот курс, без разлика на тоа колку вредноста на некоја странска валута се сменила во однос на куната.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико