Пандемијата на Ковид-19 ги зголеми сајбер-измамите на граѓаните и компаниите | Правдико

Правдико

   

Пандемијата на Ковид-19 ги зголеми сајбер-измамите на граѓаните и компаниите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

„Бројот на лажни веб-страници за онлајн-шопинг и на измамнички трговци преку интернет се зголеми за време на пандемијата на Ковид-19. Од копии на веб-страници на популарни брендови до лажни продавници што никогаш не ја испорачуваат стоката, ситуацијата од коронавирусот откри слабости во моделот на доверба што се користи при купување преку интернет. Пандемијата поттикна насочени напади врз домови, бизниси, влади и критична инфраструктура, што главно се должи на слабеењето на постојните мерки за сајбер-безбедност поради промени во работните и инфраструктурните обрасци предизвикани од пандемијата“. Ова е наведено во извештајот „Пејзаж на закани 2020“, кој неодамна го објави Агенцијата за сајбер-безбедност на ЕУ (ENISA).

Агенцијата наведува дека за време на пандемијата сајбер-криминалците ги унапредиле своите можности, бргу се адаптирале и поефикасно се насочиле кон релевантни групи на жртви. Овој глобален феномен доведе до наплив на персонализирани сајбер-напади на сајбер-криминалци, кои користат понапредни методи и техники, а употребата на мобилната технологија и претплатата на дигитални платформи ги прави помладите генерации поранливи на овие видови закани. Остварувањето финансиска корист и натаму им е најголем мотив на компјутерските криминалци.

„Бројот на жртви на малвер и на фишинг во ЕУ продолжува да расте со користење на темата Ковид-19 како мамка. Овие напади вклучуваат пораки што носат додатоци на малициозни датотеки и пораки што содржат малициозни врски што ги пренасочуваат корисниците кон страници за фишинг или за преземање малициозен софтвер. Ваквите компјутерски измами резултираа со загуба на милиони евра за граѓаните и компаниите во ЕУ“, се вели во извештајот.

Агенцијата за сајбер-безбедност на ЕУ објави и листа на 15 најголеми сајбер-закани. Малверот, односно малициозниот софтвер, стои цврсто како број 1 сајбер-закана, а веднаш по него се фишингот и кражбата на идентитет. На списокот се и веб-базирани напади, напади на веб-апликации, СПАМ, DdoS, прекршување на податоците, инсајдерска закана, ботнети, физичка манипулација, штета, кражба и загуба, истекување информации, Ransomware, сајбер-шпионажа и Cryptojacking.

Граѓаните во земјата имаат можност сомнителните пораки испратени по е-пошта да ги пријават онлајн во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT), кој е дел од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на prijavi@mkd-cirt.mk.

„Секоја порака добиена по е-пошта за која постои сомнение за веродостојност може да се препрати на MKD-CIRT. Сомнителната порака може да е од компанија или адреса од која вообичаено не се добиваат пораки или од непознато лице. Ако пораката изгледа сомнително, најдобро е да се пријави. Тоа ќе помогне да реагираме побргу и на тој начин да се заштитат повеќе корисници од штетното влијание на пораката“, вели Александар Ацев, раководител во MKD-CIRT.

Националниот центар ќе ги анализира сомнителната порака, нејзината содржина, адресата на испраќачот, додатоците и веб-страниците кон кои водат линковите од содржината на пораката. Доколку се открие активност за која се верува дека е штетна, ќе се побара блокирање на адресата од која е испратена пораката со цел да не може повеќе да се праќаат фишинг-пораки преку неа, како и бришење на линковите што водат до малициозните веб-страници.

Оваа услуга инаку не се користи за пријава на сајбер-криминал. Секој што смета дека е жртва на онлајн-измама или сајбер-криминал, тоа треба да го пријавите во Министерството за внатрешни работи.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико