Партиите се договориле за локални избори во октомври | Правдико

Правдико

   

Партиите се договориле за локални избори во октомври

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Партиите се договорија дека од исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнувањето договор за донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во месец октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Исто така, претседателот Џафери беше известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување – стои во соопштението.

Собранискиот спикер истакнал дека со цел да се овозможат услови за редовно работење на Собранието, неопходно е да се почитува Деловникот и ги повика политичките партии застапени во Собранието, согласно член 33 од Деловникот на Собранието да го известат за формирање на пратеничките групи.

– Господинот Џафери потенцираше дека очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури. Претседателот Џафери и претставниците на политичките партии се согласија дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да допринесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија – се вели во соопштението.

На денешната координација со Џафери присуствуваа претставници од СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА, но не претставник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што и најавија утрово.

– Талат Џафери не е избран за претседател на Собранието на Република Македонија во законска процедура и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гледа причина зошто би одговарала на покана која пратеникот Талат Џафери ја испраќа во својство на претседател. Со обидот да го изберат Талат Џафери за претседател, СДС ги погази и Уставот и законите и Деловникот за работа на Собранието – соопшти утринава ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико