Писмо од вработените за состојбата во Kromberg&Schubert | Правдико

Правдико

   

Писмо од вработените за состојбата во Kromberg&Schubert

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На само неколку километри од Битола, во индустриската зона „Жабени“ се наоѓа единствената странска инвестиција во тој регион – германската фабрика за автомобилски кабли „Kromberg&Schubert“. Со над 2000 вработени, ја прави една од најголемите странски инвестиции кај нас. Но, освен како една од најголемите, Kromberg&Schubert се разликува од останатите и според условите за работа, а за тоа најмногу можат да потврдат вработените во фабриката.

Kromber_Schubert

 

Неодамна добивме писмо составено од вработените на оваа германска фабрика во „Жабени.“

Писмото ви го пренесуваме во целост:

„Свесни сме што се случува со странските инвестиции во државата. Секојдневно читаме за фабриките и за теророт кој се спроведува во нив. До кога ќе го трпиме сето ова? Ние, вработените, се собравме и решивме да ја обелодениме вистината за „Кромберг & Шуберт“.

Дел од странските инвестиции сме и ние, „Кромберг & Шуберт“, или подобро познатата фабрика во Жабени. Во нашата фабрика главна дејност е производството на кабелски снопови за автомобилската индустрија. Таа дејност се одвива во производна хала која е чиста, средена и климатизирана па така работната температура се движи од 20-25 степени Целзиусови и во лето и во зима, услови со кои ретко некоја друга фабрика во регионот може да се пофали. Семејството на „Кромберг & Шуберт“ го сочинуваме над 2000 вработени кои работиме во 3 смени соодветно. За сите нас е обезбеден организиран превоз со автобуси кои не земаат од најблиската постојка дури и од подалечните села и не враќаат на истите по завршувањето на смената. Кантината која е во склоп на фабриката секојдневно подготвува топол оброк за сите нас и за истиот не плаќаме ни денар. Платата се исплаќа најдоцна до седмиот ден во месцот во овие 2 и пол години додека постоиме и ќе продолжи да се исплаќа и понатаму навремено. Во истата плата се вклучени и редовни бонуси за редовност и ефикасност. Покрај одморот кој законски следува, во текот на годината се спроведуваат и два колективни одмори од кои едниот е на почетокот на месец Август, а другиот е за време на новогодишните празници. Секој од вработените ги ужива правата кои му се загарантирани со закон и никој не е оставен „подолу“ од другите.

Нашата фабрика се грижи за нас и покрај редовните и константни услови превзема уште многу мотивациони активности сѐ со цел да овозможи сите ние да се чувствуваме како дел од едно семејство. Децата на сите вработени до одредена годишна возраст беа поканети на разгледување на фабриката за да се запознаат со работното место на нивните родители, а исто така беа почестени со топол оброк и школски прибор пред почетокот на училишната година. Истите тие деца добија Новогодишни пакетчиња лично од Дедо Мраз во Домот на Културата – Битола каде што 1400 пакетчиња со слатки производи беа земени од страна на веселите детски рачиња кои се радуваа заедно со нас.

2

Цело ѕвездено небо од „КРОШУ ѕвезди“ прогласувани како работници на месецот, секој месец. Искрено и ние жалиме што некои од прогласените ѕвезди извлекоа награда како сет шољи за кафе покрај наградите од вредносни ваучери од 3000 и 6000 денари кои беа во истиот барабан. Не можеме да се спротиставиме на сопствената среќа, така?

Се сеќавате колку со нетрпение го очекувавме новиот број на списанието „Наш Свет“? Да прочитаме по нешто ново, да се насмееме со по некоја шега и да се информираме за светски случувања. Можеби не пишувавме за Бред Пит и Анџелина Џоли, но пишувавме за проектите, за податоците поврзани со фабриката, за приказните од вработените во КШМК и сите информации кои сметавме дека треба да се споделат со сите Вас.

Колку жолти и по колку црвени картони се поделија во текот на „КРОШУ Лигата“ баш и не се сеќаваме, но се сеќаваме дека се покажа тимскиот и натпреварувачкиот дух како на играчите така и на публиката која навиваше за своите миленици. Се сеќаваме и на наградите кои ги добија тимовите кои на крајот завршија на првото, второто и третото место соодветно… или не?

Колачињата со вишна беа нашите fortune cookies на одбележувањето на Денот на Виното и Љубовта под мотото „КРОШУ те сака“. Различните пораки кои ги доби секој од нас заедно со колачето со срце измамија насмевка на нашите лица но и мала замисленост, дека можеби ова е тоа што сакаме да го имаме само не можеме или не сакаме да погледнеме од друг агол.

„Кај кого е паричката?“ Заедно вртевме мазничиња со паричка и на најсреќниот вработен од секој тим му подаривме по некоја или по 2, 3, 5, 11 стотки за да му се посреќи годината. Тој ден главна порција беше мазниче, а како гарнир следуваше колбас како што налага традицијата, онака колку да не е „на суво“ мазничето.

Не заборавивме да ги израдуваме припадничките на понежниот пол на нивниот ден, 8ми Март. Секоја жена во фабриката доби подарок кој го искажува вниманието кое ние го посветуваме кон нив. Можеби сребреното синџирче и кристалот од „Сваровски“ не се некој скап подарок, но барем беше подарен од срце попратен со топла насмевка.

8ми Септември е денот кога прославуваме за колегијалноста, единството и тимскиот дух кој владее во нашата фабрика. Истиот беше одбележан со забава во летната дискотека „Позитив“ каде се дружевме, се натпреварувавме, јадевме, пиевме па и свртивме по некое оро. Традиција која ветивме дека ќе ја продолжиме за да се собереме сите заедно како што му доликува на една компанија од ваков ранг. Апелираме на наредниот „КРОШУ Ден“ да се изеде цела скара и да се испие цела пијачка бидејки покрај испиените 2 тона пиво, греота е да остане третина од вкупно 250 килограми скара.

13

 

Сите ние барем малку го почуствувавме гламурот на „Ноќта на Оскарите“ кој пробавме да го доловиме со предновогодишната забава која се одржа во „Гранд Премиер“. Единствено нешто што не ни беше вклучено во програмата таа ноќ беше снегот кој заборавивме да го замолиме да не паѓа таа ноќ. Но и тоа не претставуваше толку голем проблем кога запеа Ефто Пупиновски и кога се разврзаа муабети околу масите полни со јадење и пиење.

Дента пред забавата се исплати К-15 на сите вработени кои имаа стаж во фабриката над 6 месеци. К-15 беше исплатено и на сите кои тогаш повеќе не беа во фабриката но ги исполнуваа условите, и дури зачудено другите луѓе прашуваа зошто истото не го вратиле на компанијата „на рака“ бидејќи тоа се случувало со другите приватни компании. Епа ние не сме како другите компании, кој сака ќе го види тоа а сите други го гледаат само не го забележуваат, или барем не сакаат… не знам.

Што уште? Повеќе од 300 интерни унапредувања, практикантска програма, присуство на различни саеми, деловни патувања на повеќе од 700 вработени во Романија, Украина, Словачка, Тунис, Боцвана, Бразил…

Но тоа е што е. Исто како на натпревар, играчите играат а публиката навива. Ние ќе продолжиме да играме, а сите Вие навивајте. Дали ќе навивате за подобриот тим или за послабиот е целосно Ваша одлука. И мора да Ви признаеме – тотално сте во право. Сѐ ова што го правиме е премалку, затоа уште повеќе ќе се трудиме бидејќи знаете како велат „Вашата омраза е наша мотивација“.

Доста нѐ спасуваат ликови „од надвор“ кои не знаат што се случува а мислат дека знаат многу повеќе од нас. Би Ви рекле „Благодариме“, но едноставно нема причина за што. Фала многу на вниманието кое ни го посветувате секојдневно, по неколку пати на ден. Вие продолжете со Вашата „работа“, а ние ќе си ја тераме нашата. Само, кој ќе биде победникот на крајот?

Со искрена почит,

Вработените во Кромберг & Шуберт.“

 

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико