Правдико

   

Планирана „кочница“ за визната либерализација за Турција?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ЕК треба да одлучува за визната либерализација за Турција на 4 мај. Турција се заканува со раскинување на договорот за бегалците ако веднаш не биде реализирано визното олеснување за турските граѓани.

0,,16259018_303,00

На 4 мај треба да биде претставен Извештајот за напредокот на Турција на патот кон ЕУ, а во пресрет на одлуката околу ветената визна либерализација за турските граѓани за ЕУ, ескалира спорот на релација Брисел-Анкара.

Многу услови

Европската комисија гледа позитивно на работите: ако Турција до почетокот на мај ги исполни сите предвидени услови, ќе биде предложен соодветен закон, изјави еврокомесарот Димитрос Аврамопулос. Тој верува дека турската влада ќе успее: станува збор за 72 услови, од кои некои се технички, дел се високополитички. Турција би требало да воведе биометриски пасоши, да потпише договор за реадмисија со Бугарија и со Грција, да соработува со Европол, но и да ги сузбива организираниот криминал и корупцијата, како и да обезбеди функционирање на правната држава. Освен тоа, постојат и клаузули за запазување на човековите права и не само за прифаќање, туку и за заштита на бегалците.

Пред неколку недели портпаролот на ЕК во врска со ова изјави: Турција исполнува околу половина од бараните услови. Во меѓувреме, комесарот Аврамопулос веќе не се обврзува со вакви проценки, сеедно дали станува збор за 72, 56 или 34 услови, „секоја минута е важна, но јас не наведувам никакви бројки“, рече еврокомесарот.

Обиди за уцена од страна на Анкара

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу се закани во Советот на Европа- ако ЕУ не го исполни својот дел од Договорот за бегалците и не се придржува до роковникот во врска со визната либерализација, тогаш „се разбира, никој не може да очекува и Турција да се придржува на обврските.“ Тоа значи, Турција веќе нема да ги прима назад бегалците од Грција и ќе го раскине договорот од март. Ова е проследено со натамошни остри тонови од Анкара: претседателот Ердоган најновата критика од Европскиот парламент на сметка на човековите права во Турција ја нарече „провокативна“, укажувајќи: Турција и‘ е попотребна на Европа отколку ЕУ на Турција. За да се потенцира ова, на еден новинар на германскиот јавен телевизиски сервис АРД не му беше дозволен влез во Турција.

Критика од Европарламентот

„Турција многу се лаже ако верува дека визната либерализација за турските граѓани за влез во ЕУ ќе стапи во сила во јуни. Визната либерализација зависи од 72 точки, од кои Турција уште многу не исполнува“, изјави пратеникот од ЦСУ Маркус Фербер. Дури кога ќе бидат исполнети сите услови, Парламентот ќе се зафати со ова прашање. А едно е сигурно: „Турција нема да добие политички рабат“. Не може да се носи одлука поради политичките обид за уцена од Турција, вели тој. И претседателот на пратеничката група на Унијата, ЦДУ/ЦСУ, Херберт Ројл чувствува „стомачни болки“ поради планираното укинување на визите за турските граѓани.

Министрите за внатрешни работи планираат „кочница“

И кај министрите за внатрешни работи од одделни земји на ЕУ постои двојба. Франција, Германија и Австрија на пример поради тоа планираат воведување клаузула за некој вид „кочница“ во нужен случај. Од Виена истакнуваат дека ваква суспендирачка клаузула е сосем вообичаена. Таа може да се активира ако на пример силно порасне бројот на баратели на азил од соодветната земја. Тоа се поклопува со стравувањата на пратеникот од ЦСУ Маркус Фербер, кој очекува десетици илјади Курди да побараат азил во Германија, доколку продолжи нивното прогонување од страна на Турција. Други пак стравуваат од наплив на илегални работници на црно од Турција.

Крајно, ваква „резервна“ клаузула може да стапи во сила и ако Турција веќе не се придржува на својот дел од Договорот за бегалци и не ги прима назад бегалците од Грција. Значи, би дошло само до некој вид условна визна либерализација, што на Анкара можеби не и‘ е по вкус. Претставници на ЕУ велат дека не станува збор за дискриминација на Турција, зашто и во договорт со Грузија или Украина се вградени слични одредби.

Извор: DW

Партнери на Правдико