По 18 години затвор добија Анџело и Клементина, а Андреј 16 години за убиството на Денис Тот | Правдико

Правдико

   

По 18 години затвор добија Анџело и Клементина, а Андреј 16 години за убиството на Денис Тот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.

Судијката кажа дека се ценети сите околности. Отежувачки околности се степенот на кривичната одговорност, лишувањето на животот… За Анџело и Клементина отежувачки околности се и тоа што повеќепати го удирале Тот.

„Не пријавиле дека ти ему задале удари на оштетениот, ниту го пријавиле настанот во полиција. Клементина не пружа помош вечерта, а Анџело избега. Олеснителни околности за Анџело се тоа што е млад, нежент, се обидел да помогне, не осудиван. За Клементина олеснително е тоа што не е мажена, мајка е, неосудувана е, невработена, како и изразеното жалење за настанот. Судот за Андреј имаше впредвид дека не е женет, вработен, не се води постапка против него, тој преземал дејствија да му помогне на оштетениот, судот го ценеше и тоа што искрено и видливо беше манифестирано каењето на сите рочишта“, додаде судијката.

„Најверодостоен доказ за судот се видео записите од камерите на ‘Привилиџ’ и од ‘Сејв сити’. Јасно се гледаат сите поединечни и заеднички дејствија на обвинетите. Неспорно е дека биле свесни за последицата која настанала. Падот на Денис Тот кој бил спортист и јак, јасно укажува на силината ударите од Анџело. Ударите продолжиле, Клементина била најупорна која иако била тргана, таа се враќала и го не било каде, туку удирала по главата.. Самото вртење на Тот по земјата, влечењето, од страна на Анџело и Андреј, не кажувањето на Брзата помош дека оштетениот бил удиран, упатува на заклучокот дека тие биле свесни за настанување на штетната последица и се согласиле можност за сторување на делото, односно делувале со евентуална умисла. Оштетениот не презел никакви дејствија кон нив, а тоа упатува дека тие биле свесни за последиците“, децидна е судијката Илиевска-Јосифовиќ.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ кажа и кои докази биле ценети како релевантни, а кои како нерелевантни. За сведокот Рената Соколовска, лицето кое повика и Брза помош за Денис Тот, судот кажа дека и поклонил верба на исказот бидејќи има поткрепа со материјалните докази. За сведоците Виктор Серафимовски и Даниел Наневски, судијката посочи дека биле пристрасни.

„Пристрасен е исказот. Вака дадениот исказ, противречен е на другите докази. Овој сведок беше присутен на настанот, се оддалечил, но кога Анџело ги задава ударите, тој е завртен кон него и истиот можел јасно да види што се случува“, кажа судијката за сведочењето на Виктор Серафимовски, па за исказот на сведокот Наневски додаде: „Од видео записот јасно се гледаат два удари од обвинетиот по кои оштетениот паѓа на земја. Ударот од Андреј бил во главата на оштетениот а не во градниот кош. Не може да се занемари фактот дека овој сведок е другар од детство. Овој исказ е делумно-прифатен од судот“.

За сведочењето на Мартин Ѓорѓиевски кој опишуваше што се случуваше во таксито и е единствен ваков сведок во постапката, судијката кажа дека исто така делумно верува на исказот.

„Овој сведок во најголем дел ги потврдува фактите со видео записи. Судот не му поклони верба во кој вели дека имало удар од оштетениот кон обвинетиот Анџело бидејќи е контрадикторен со исказот на Даниел Наневски кој не кажа дека слушнал расправија или видел удар. Евидентно е дека целта е да се помогне на обвинетите да ја намалат кривичната одговорност“, додаде судијката.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла, што е еден од условите за да се исполни битието на делото. Судскиот процес траеше два и пол месеци. Обвинителката Тања Трајчевска беше убедена дека докажала вина за убиството кај обвинетите. На судењата беа сослушани бројни сведоци на настанот, како и вештаци. Клучни беа и снимките од видео надзорот, како од клубот пред кој Тот беше убиен така и снимките од градските камери.

Доколку ракометарот Денис Тот, немал повреда на рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажа вештачењето на Александар Станков, директор и доктор во Судска медицина при обдукција на телото. Докторот Станков, вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“. Ударот во главата во тврда површина, бил клучниот момент. Тој се случил кога Тот бил со бокс удрен од страна на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Сите обвинети се извинија за делото кое го сториле.

„На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска, Андреј Костовски им се става на товар дека пред ноќниот клуб Привилиџ, заеднички со умисла го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Откако обвинетите излегле од ноќниот клуб, влегле во такси возилото, настанала кратка расправија, Андреј излегол од таксито и го влечел оштетениот од возилото. Откако го извадил надвор, настанала расправија. Излегла Клементина и започнала да го турка оштетениот со двете раце на градите. Излегол и Анџело, ја тргнал Клементина и го удрил оштетениот со две тупаници во главата, по што оштетениот паднал на асфалтот. Додека оштетениот лежел, Андреј го удрил во пределот на градниот кош, а Клементина во пределот на главата. Клементина била тргната од оштетениот, но таа пак дошла до оштетениот и го удрила во пределот на главата, па Андреј го удира со тупаница во главата, па Клементина уште еднаш го удриа во главата. Анџело и Клементина влегле во таксиот за да си одат, а потоа таа излегла од таксито за да го удри уште еднаш. Оштетениот имал тешки телесни повреди“, опишуваше судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, читајќи го обвинението по што ги опиша сите повреди кои ги имал Тот, во детали.

Денис Тот беше убиен во април годинава пред скопска дискотека. Во јавноста се рашири видео од тепачката пред дискотеката на кое се гледа како обвинетите го удираат Тот, тој паѓа на асфалтот и останува без значи на живот.

Од април годинава за неговото убиство во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски. Обвинителниот акт беше поднесен на крајот од месец јули.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, стои во обвинението.

Изрекувањето на пресудата траеше скоро еден час.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико