Правдико

   

По трет пат предложено донесување на Закон за урбано зеленило

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

urban_treesПредложениот Закон за урбано зеленило треба воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон. Во предлог законот стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни ГУП-ови, како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од 10 до 30%, зависно од намената и локацијата. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади.

Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето. Со носењето на Законот за урбано зеленило, тоа станува предмет на интерес и заштита од страна на граѓаните и институциите и ќе добие третман каков што заслужува, како предуслов за здрав живот на сегашните и идни генерации.

При изработката на Предлог законот за урбано зеленило беа користени искуствата од австриското и германското законодавство за зеленило, Закон за уредување и одржување на зелените површини од 1968 (за кусо време укинат), како и работна верзија на нацрт-текст од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Користени се и многу законски и подзаконски акти: Закон за заштита на природата, Закон за заштита на животната средина, Закон за урбанизам и просторно планирање; одлуки за прогласување за заштитени подрачја на парк- шумата Водно, карактеристичен пејсаж Гази Баба и кањон Матка; потоа одлуки за комунален ред на Град Скопје и за поставување урбана опрема; Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (од 1997 до 2012, каде најдобро се гледа постепеното бришење на зеленилото од урбанистичката документација); ГУП-ови на Скопје (2002 и 2013); ГУП на Белград и многу други документи и прописи.

Носењето на Законот за урбано зеленило го иницираше ДОМ како зелена партија, низ повеќе фази. Започна од предлог за изработка на зелен катастар на Скопје во 2011-та – следеше поддршка од градоначалникот на Град Скопје, донаторска конференција и одвојување буџет за таа намена. Соработката продолжи со поддршка и на иницијативата за Закон за зеленило во 2012-та, па беше формирана работна група за изработка на законот, од членови на Комисијата за екологија на ДОМ, претставници од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за урбанизам и просторно планирање. Во јуни и јули 2013 година првата верзија на законот помина две расправи со претставници од Градот Скопје и општините, а подоцна и во ЗЕЛС, од каде доби поддршка на 5 февруари 2014 година. Законот за зеленило за прв пат беше поднесен во Собранието на Република Македонија од страна на пратеничката Лилјана Поповска на 26 февруари 2014 година и беше одбиен. Следеше период на ново усогласување на текстот со Министерството за транспорт и врски, нова јавна расправа со претставници од Градот Скопје и ЗЕЛС, како и јавна кампања на ДОМ за потребата од носење на ваков закон. Новата верзија на законот, преименуван во Закон за урбано зеленило, беше поднесена на 4 јуни 2015 година и беше повторно одбиена. По шест месеци од последното поднесување, според деловничките правила, законот се поднесува по трет пат.

Целиот текст на предлог законот можете да го превземете ТУКА

Партнери на Правдико