Побарано задолжително психијатриско лекување за обвинет за напад и обид за убиство врз полицајци
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за изрекување мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа за едно лице обвинето за кривични дела убиство и напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
По спроведена истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека на 3 април 34-годишниот жител на село Горно Коњаре, во состојба на непресметливост поради трајно душевно заболување, се обидел да убие едно лице со кое претходно имале кратка вербална расправија. По расправијата, обвинетиот отишол во својот дом, од каде што зел нож и го пробол оштетениот во пределот на слабината нанесувајќи му тешки телесни повреди од животозагрозувачки карактер. Половина час подоцна обвинетиот сериозно се заканил дека ќе ги нападне четворицата полициски службеници кои постапувале по наредба да го лишат од слобода поради претходно стореното кривично дело. Кога полициските службеници дошле во неговиот дом, тој излегол на вратата повторно држејќи нож во рацете. Еден од полициските службеници му наредил да го фрли ножот, но обвинетиот одбил да го стори тоа и им се заканил. Полициските службеници се повлекле во дворот и застанале во близина на службеното полициско возило, а обвинетиот почнал да им се приближува со крената рака во која го држел ножот. Во тој момент еден од полициските службеници му се приближил на обвинетиот и со употреба на средства за присилба му ја фатил раката, ножот паднал на земјата и обвинетото лице било лишено од слобода.
Јавниот обвинител предложи претходно определената мерка притвор за обвинетиот да се укине, но тој да не се пушти на слобода, туку до завршување на постапката за определување на мерката за безбедност привремено да се смести во здравствена установа.
Извор: Макфакс