Поблиските врски со НАТО ја подобруваат демократијата во Србија | Правдико

Правдико

   

Поблиските врски со НАТО ја подобруваат демократијата во Србија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поблиската соработка со НАТО и спроведувањето на Индивидуалниот акциски план за партнерство (ИПАП) ќе биде од полза за реформите во одбранбениот и безбедносниот систем на Србија, како и за демократските принципи и институциите во земјата – подобрувајќи го животот на обичните граѓани.

100415a-HQ28-007 NATO Headquarters Brussels.

„НАТО е гарант за мирот и безбедноста, што е гарант за основните човекови права. Под чадорот на НАТО, овој гарант е ист за сите, бидејќи безбедноста е загарантирана за сите граѓани на земјите-членки на НАТО“, рече за SETimes Дејан Милетиќ, професор на Линколн универзитетот во Белград и претседател на невладината организација Центар за глобализациски студии.

Јелена Милиќ, директор на Центарот за евроатлански студии во Белград, рече дека односот со НАТО е инструмент за подобрување на демократијата и е важен фактор во подигнувањето на стандардите на политичкиот систем и животите на граѓаните.

„Позицијата на граѓаните е условена од односите меѓу стабилните демократии со стабилни политички системи и јасната поделеност на власта и независните институции, што е случајот со повеќето земји-членки на НАТО“, рече Милетиќ за SETimes.

„Кога станува збор за постконфликтните општества и авторитарните земји, реформата на безбедносниот систем е предуслов за демократизацијата. Тоа се постигнува со исполнување на условите за влез во НАТО. Во случајот на Србија, на тоа може да се работи и преку ИПАП, бидејќи се вели дека НАТО ќе помогне во зајакнувањето на демократската контрола на вооружените сили и разузнавачките служби“, рече таа.

Таа додаде дека според ИПАП, српската влада мора да го преземе водењето на кампањата со која граѓаните се информираат за природата и важноста на соработката со НАТО.

„Една од целите на ИПАП е спроведувањето на нормите, принципите и стандардите кои произлегуваат од основните документи на ОБСЕ, со кое Србија претседава оваа година. Во тој контекст, еден од постојаните процеси ќе биде постигнувањето високи стандарди во демократијата, владеењето на правото и човековите права и почитувањето на слободата на медиумите“, се вели во писмената изјава на српското Министерство за надворешни работи заSETimes.

Милетиќ рече дека воспоставувањето на ИПАП и доближувањето до НАТО се дополнителни врски меѓу Србија и ЕУ.

„Ако Србија навистина го примени ИПАП, ќе влезе во ЕУ и НАТО како заштитник на евроатланските вредности. Нема сомневање дека овие вредности директно влијаат на граѓаните и покажуваат колку соработката со НАТО е добра за нив“, рече Милетиќ за SETimes.

Според министерството, соработката меѓу Србија и НАТО е корисна не само за политичкиот и воениот сектор, туку ги покрива и другите сегменти кои се важни за граѓаните во поширока смисла.

„Важно е да се спомене учеството на нашите научници и институции во заедничките проекти преку програмата на НАТО „Наука за мирот и безбедноста“, велат од министерството.

Со оглед на тоа што Европа е загрозена од различни природни катастрофи, еден од приоритетите на државите е унапредувањето на службите за брза прва реакција и санирање на последиците. Соработката со Евроатлантскиот координативен центар за одговор на катастрофи е механизам на НАТО за цивилни вонредни ситуации кој ќе ѝ биде на располагање за земјата во рамките на ИПАП.

„ИПАП ќе ѝ помогне на Србија да оствари одржлива реформа и јакнење на својот безбедносен сектор. Преку заеднички обуки на припадниците на српските вооружени сили со партнерите, со постигнување интероперабилност, ќе ја зголемиме нашата подготвеност за вонредни ситуации и за поефикасно учество во мировни мисии“, изјавија од министерството за SETimes.

Но, Милиќ и Милетиќ, како и пратеникот на Српската напредна партија, Александар Јовичиќ, предупредуваат дека Србија итно треба да ги информира своите граѓани за ползата од пристапувањето во НАТО.

„Потребно е да се испрати јасна порака до јавноста дека соработката со НАТО е од полза за сите, која ќе биде доволно транспарентна за да се објаснат бенефитите“, рече Јовичиќ.

„Во Србија никогаш не е спроведена про-НАТО кампања“, рече Милиќ. „Напротив, спроведени се две силни анти-НАТО кампањи кога започнаа преговорите за статусот на Косово во 2007 година и подоцна, кога почна да се одвива процесот на нормализација на односите со Косово. Одговорот на претходните наводно про-ЕУ влади на ова беше недопустливо амбивалентен.“

Јовичиќ додаде дека иако претходната влада ја започна соработката со Алијансата преку програмата Партнерство за мир, актуелната влада ќе работи на подобрување на соработката.

Милетиќ рече дека едукацијата на граѓаните за бенефитите од НАТО е заедничка одговорност на владиниот и невладиниот сектор, особено сега кога Русија врши притисок во Украина.

„Ако Украина беше членка на НАТО, ова никогаш немаше да се случи“, рече тој.

„Невладините организации кои се залагаат за ЕУ, но немаат став за НАТО, мора да имаат појасен став за тоа како Русија ги загрозува нашите шанси за интеграција во ЕУ и дека поблиската соработка со НАТО е рамката за тоа да се спречи“, рече Милиќ.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико