Почетоци во парламентарните клупи – Пратениците најмуваат правник да ги учи како се чита закон
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Збунети, не знаат каде треба да се движат или, пак, кое копче да го притиснат ако сакаат да се јават за збор или, пак, да реплицираат или да гласаат, а не пак, да знаат како се читаат предлог законите или, пак, да поднесат амандман. Такви се првите работни денови на речиси секој пратeник кој првпат влегува во Собранието.
За успешно да „пливаат“ во пратеничките води и притоа да ги застапуваат партиските позиции за одредено прашање некои најмуваат правници и стручни лица однадвор, некои ја користат стручната служба во парламентот, а дел се потпираат на искуството на колегите кои веќе имаат пратенички стаж. Најлесно им е на оние што се правници или, пак, имале имаат искуство во јавната администрација или биле носители на друга државна функција.
Секој нов пратеник на почетокот од мандатот во канцеларија ги чека Устав, собраниски Деловник и Закон за Собранието како основни помагала за да станат добри пратеници.
Искрен за тоа дека се му е ново и како се снаоѓа како пратеник кој првпат седнува во собраниските клупи е Артан Груби.
Стручна помош
– Прво ми требаше да научам кое копче за што е, дали за гласање, дали за да се јавам за збор или реплика и кога тоа да го сторам. Се разбира дека ги читам материјалите, но сигурно нема да навлегувам, на пример, во закони од област што не ми е позната. Барам стручна помош од службите, но за пишување амандмани веќе имам искуство бидејќи во партијата ги подготвувавме илјадниците амандмани за Законот за бранителите. За тоа докажавме дека не бидува – се шегува Груби.
Тој најавува дека како помош во вршењето на пратеничката функција ќе го користи новиот Парламентарен институт, и тоа прво за анализа како се спроведува Законот за употребата на јазиците на етничките заедници. Впечатлив пример за тоа како се учи да се биде ревносен пратеник е веќе искусната пратеничка од ЛДП Роза Топузова-Kаревска. Таа на почетокот на првиот мандат решила да зема приватни часови кај правник.
– Бидејќи сум археолог, на почетокот ми беше тешко, затоа најмалку четирипати месечно, а некогаш и повеќе се консултирав со правник од мојот град кој ме научи како скратено се чита закон, но и како веднаш да ги воочам слабостите за да можам да коригирам со амандмани. Ова траеше околу половина година, а потоа почнав почесто да ги користам стручните служби. Сега лесно се снаоѓам и речиси ми е рутина, но ова се должи пред се на искуството – вели Топузова Kаревска.
Слична приказна има и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ во неколку мандати Лилјана Затуровска.
– За мене, како архитект, се беше вистински бауч. Kога првпат станав пратеник, амандманите се поднесуваа директно на седница и се сеќавам дека за првиот амандман иако знаев што сакам да изменам во законот, не знаев како треба да го напишам, како да го образложам. Ми помогнаа стручните служби и колешката Силвана Бонева. Инаку ангажирав и правници, но и експерти од разни области зависно од материјата на законот за да бидам поподготвена. Навистина не беше лесно и едноставно. Сега точно знам каде да погледнам во некој предлог-закон без да го прочитам целиот, т.е. прво го читам образложението – вели Затуровска.
Новите учат од старите
Нејзината сопартијка и нова пратеничка Благица Ласовска, педагог по професија, вели дека на почетокот од мандатот се потпира пред се на советите од поискусните колеги.
– Секој што сака да научи, има можност, секој од нас има асистент, тука е и Парламентарниот институт, но најмногу помагаат колегите кои веќе долги години се пратеници – вели Ласовска.
Од пратеници со стаж помош бара и Васко Наумовски, пратеник од дијаспората. Сепак, тој вели дека добро се снаоѓа во првите месеци од својот пратенички мандат.
– Ги читам законите и материјалите што ни стигаат, а ако има потреба, ги читам и по повеќе пати, па потоа дури гледам каде може да се поднесе амандман. За стручниот дел ги прашувам поискусните колеги – вели Наумовски.
Потврда дека поискусните народни избраници им помагаат на новодојдените дава долгогодишниот пратеник на ДУИ, Џевад Адеми.
– Обврска ни е да им помагаме на колегите што првпат стануваат пратеници. Особено ги читам законите што се од областите на локалната самоуправа, децентрализацијата и регионалниот развој. Kако пратеник од власта ми е полесно бидејќи ми е познат предлог-законот уште додека е во Влада. Разговарам со заменик-генералниот секретар на владата дали за одредено решение мојата партија има забелешки или решението е усогласено. Доколку не е, уште на првото читање поднесувам амандмани. Сум ги користел и ги користам службите во парламентот – вели Адеми, кој по професија е новинар.
Имер Алиу: Лажат дека ги читаат сите закони
Ако пратениците велат дека ги читаат сите закони, тогаш лажат. Лажат и за тоа дека ги читаат целите закони, вели координаторот на ДПА, Имер Алиу. Тој иако е правник по професија вели дека на почеток барал помош од стручните служби.
– Но најмногу помош добиваме од партиските секретаријати. При интервенирањето на законите со амандмани штосот е политичките ставови да се преточат во правни норми – вели Алиу.
Спире Мавровски запаметен по ратификациите
Меѓу најревносните пратеници досега, народните избраници најчесто ни ги посочија Роза Топузовска Kаревска, Силвана Бонева, Спире Мавровски, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Славица Грковска… Овие пратеници не само што ги читале речиси сите закони, туку доаѓале подготвени за седница, а и често барале компаративни анализи со други држави за слични закони. Сепак, кога ќе ги прашате кого би издвоиле, сите на прва им текнува на Мавровски, кој не само законите, туку ги читал и ратификациите. Мавровски е познат во јавноста и по маратонските говори.
Автори: Мариела Траjковска, Kатерина Нешкова
Извор: Дневник