Секој e невин додека не се докаже спротивното - Пресумпција на невиност | Правдико

Правдико

   

Секој e невин додека не се докаже спротивното – Пресумпција на невиност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

739802Институтот пресумпција на невиност е еден од правните темели спрема кој, секој осомничен или обвинет за кривично дело, се смета за невин се додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен. Еден од основните принципи на кој се заснова Уставот на Република Македонија е  гарантирањето и заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.  

Согласно член 13 од Уставот на РМ, секој кој е обвинет за казнено дело се смета за невин, се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Оттука како уставно загарантирано право, на лицето на кое му е повредено правото на пресумпција на невиност, може да бара заштита пред судските органи.

Со ратификувањето на Европската конвенција за заштита на човековита права, таа стана составен дел од правниот систем на РМ и позитивното право. Членот 6 од оваа конвенција се однесува на правото на правична судска постапка, во која е вклучена и пресумпцијата на невиност и гласи:

,, Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата. Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сé додека неговата вина не се докаже по законски пат.”

Со прифаќањето на оваа конвенција Македонија е обврзана да воспостави судство кое ќе овозможи фер судење за секого, и да се погрижи никој да не биде казнет без фер судење.

1405515651_jpg16Како главно начело, пресумпцијата на невиност е дел и од Законот за кривична постапка, кој во член 2, јасно истакнува дека лицето кое е обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Сите државни органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти се должни да се придржуваат до правилото , а со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.

Неприфаќањето и непридржувањето на овој концепт на регулирање на правните постапки во нашиот правен систем, може да доведе до хаотично безаконие и неправда. Доколку ги поставиме работите обратно секој би бил виновен се додека не се докаже дека е невин. Според примената и почитувањето на ова начело може да се легитимира владеењето на правото и демократијата во една држава.

Гаранциите и заштитата за правично судење и пресумпција на невиност е предвидено и во членовите 10 и 11 од Универзалната декларација за човекови права во која се вели:

Член 10
Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.

Член 11
Секој обвинет за кривично дело има право да се претпоставува дека е невин се додека не се докаже неговата вина во согласнсот со закон и на јавно судење, на кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана.Никој нема да се смета за виновен за кое и да е кривично дело поради дејство или пропуст, што не претставувале кривично дело според националното или меѓународното право во времето кога тоа било сторено. Исто така, не смее да се изрече казна поголема од онаа што се применувала во времето кога било сторено кривичното дело.

130503002Она што е тесно поврзано со заштитата на ова право е информирањето на јавноста за судските постапки од страна на  државните органи и средствата за јавно информирање, кои имаат голема одговорност при пренесување на информациите и секогаш треба да го имаат во предвид ова начело, притоа  почитуваќи ги профсионалните стандарди за правилно информирање.

Во етичкиот кодекс на новинарите на РМ, се нагласува дека треба особено треба да се внимава на пресумпција на невиност при известување за настани поврзани со криминал или при известување од судење, со што, обвинетиот не смее да се прогласи за виновен пред тоа да го направи судот.  Исто така новинарите имаат обврска да го заштитат приватниот живот на обвинетиот, не-говиот интегритет и достоинство и да не ги базираат извештаите врз основа на претпоставки за вина или невиност.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Постапка за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд

– Која е функцијата на Уставниот суд

Постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните пред народниот правобранител

– Вашите права при сослушување додека сте лишен од слобода

Препорачуваме

Партнери на Правдико