Почнува судењето за Зоран Божиновски, „Шпион“ на Апелација | Правдико

Правдико

   

Почнува судењето за Зоран Божиновски, „Шпион“ на Апелација

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

zoran-bozinovskiВо четврток се очекува да започне судењето против новинарот Зоран Божиновски кој се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Стартот на судењето за Божиновски е закажан за 10.30 часот, а еден час порано во Апелациониот суд е закажана јавна седница за случајот „Шпион“, случај во кој првично беше осомничен Божиновски, но неговиот предмет беше раздвоен бидејќи беше недостапен..

Во 2014 година беше донесена пресуда за овој случај во којшто се осудени главно сегашни и поранешни припадници на разузнавачката агенција, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и Министерството за одбрана.

Осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.

Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое исто така утре на јавната седница во Апелација, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.

Здружението на новинарите на Македонија во четврток, во 10 часот ќе организира протест пред Основниот суд Скопје 1 во знак на поддршка за Божиновски.

„Ги повикуваме сите новинари да се приклучат на протестот и заедно да му изразиме поддршка на колегата Божиновски. Во исто време сакаме да го осудиме прогонот на новинари, кој во Македонија се заканува да стане пракса“, се вели во повикот на ЗНМ.

Протестот го поддржуваат и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии.

Божиновски беше гонет во текот на 2013 година, но поради неговата недостапност на органите на прогонот истрагата беше прекината и продолжи по неговата екстрадиција од Србија на 21 април.

Тој и претходно беше уапсен на 7-ми ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница на Интерпол. Извесно време помина во екстрадиционен притвор во Србија, по што беше пуштен на слобода, па екстрадиран во Македонија каде се наоѓа во притвор.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико