Подготовки за избори: МВР треба да достави податоци за граѓани до ДИК | Правдико

Правдико

   

Подготовки за избори: МВР треба да достави податоци за граѓани до ДИК

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Откако вчера пратениците со 110 гласа „за“ донесоа одлука за распуштање на Собранието поради предвремените парламентарни избори на 11 декември, почнаа изборните подготовки и одбројувањето. Поради одложеното распуштање од пет дена, роковите пропишани со Изборниот законик се скратуваат за 5 дена, освен за изборната кампања која задолжително мора да трае 20 дена.

17102016230936_web_izbori_na_11_dekemvri_d_andonovski

Државната изборна комисија, како организатор на изборите,  веднаш по распишувањето на изборите испраќа до Министерството за внатрешни работи барање за доставување податоци за граѓаните, кои Министерството до ДИК треба да ги достави наредниот ден од денот на распишување на изборите. Потоа, до четврток, ДИК треба да достави барање до Министерството за информатичко општество и администрација за податоци за вработените во државната и општинската администрација.

Наредна недела, на 27 октомври ДИК треба да го стави избирачкиот список на јавен увид, кој ќе трае 15 дена, односно до 11 ноември. На тој ден, 11 ноември ДИК мора да ги објави описите на изборните единици. Понатаму, на 18 ноември ДИК треба да ги објави во дневен печат листите со кандидатите за пратеници.

Следниот рок, 21 ноември, започнува изборната кампања која завршува на 9 декември. На 22 ноември, ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичктие партии, кои имаат рок од пет дена за да достават барање за запишување, дополнување и бришење податоци. На 27 ноември, ДИК го потпишува избирачкиот список. И крајниот рок е 11 декември, кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори.

Собранието на вчерашната седница го донесе Буџетот за 2017 година. Покрај ова, пратениците ги избраа Дејан Бошковски и Енвер Елмази за членови на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Собранието ги донесе и измените и дополнувањата на Законот за банките, на Законот за иновациска дејност и програмата за одбележување јубилејни годишнини за значајни настани и личности.

Беа отфрлени расправите за измените на Законот за заштитени сведоци и за прекројување на изборните единици, иако при посетата еврокомесарот Јоханес Хан препорача партиите да постигнат договор за редефинирање на изборните единици пред изборите и доби уверување од партиите дека ќе ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство кое ги побара измените во Законот за заштитени сведоци.

Предлог-измените за шестата единица на седницата ги поднесе пратеничката група на ДПА. Со нив се предвидуваше прекројување на изборните единици, односно разликата на бројот на гласачи од една до друга изборна единица од 5 да се намали на 1 отсто. Еден од предлозите беше гласачите од Дебар да се префрлат во петтата изборна единица, со што би се дошло до некакво урамнотежување на бројките.

Иницијативата пак за измени на Законот за заштитени сведоци ја поднесе пратеникот Павле Трајанов.

– Парламентот треба да се надмине и да се ослободи од партиските стеги и да обезбеди услови за работа на сите институции вклучително и на СЈО. Македонија е криминализирана и со криминалот, со ова зло кое разорно делува, мораме да се справиме. Имаме обврска да создадеме услови да се расчисти масовното прислушкување и навлегување во приватноста на граѓаните, кршењето на изборните правила и сериозните сомневања за вклученост во тежок криминал на сите оние кои неодамна Ѓорге Иванов ги аболицираше – рече Трајанов.

За предлозите на Трајанов гласаа 50 пратеници од сите партии и независните пратеници, а против беа 57 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико