Поднесени 12 кривични пријави од страна на Царинската управа на РМ | Правдико

Правдико

   

Поднесени 12 кривични пријави од страна на Царинската управа на РМ

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

carinaПостапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија во октомври 2014 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 12 кривични пријави против 8 правни и 14 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Криумчарење“, „Фалсификување на исправа“, „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Царинска измама“.

Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори* Една кривична пријава е поднесена против две физички лица, македонски државјани, затоа што на ден 30.09.2014 година при претрес на патничко возило, со кое првопријавениот се пријавил на излез од Република Македонија на граничниот премин Делчево, под тапацирите на подот, во фабричка шуплина која се протега долж целиот под од возилото, се пронајдени вкупно 28 пакувања со опојна дрога-марихуана со вкупна нето маса од околу 14 килограми. По спроведена предистражна постапка утврдено е дека организатор на транспортот е второпријавениот кој на првопријавениот му ја дал колата со која требало да ја пренесе дрогата преку граничниот премин за одреден паричен надомест. Првопријавениот откако ќе ја пренел дрогата требало да се сретне со второпријавениот во првиот град од бугарска страна.

* Една кривична пријава е поднесена против едно физичко лице, американски државјанин, заради обид за криумчарење опојна дрога-марихуана. На ден 09.10.2014, осомничениот со своето патничко возило се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. Од страна на царинските службеници возилото е селектирано за детална контрола и упатено за преглед во гаражата на преминот. Во моментот кога возилото се упатило кон гаражата за преглед, пријавениот кој седел на совозачкото седиште, го отворил прозорецот и низ него исфрлил една црна најлонска кесичка во која била завиткана опојна дрогата – марихуана со вкупна нето тежина од 11,09 грама. Пријавениот дрогата ја добил од пријател во Косово и истата имал намера да ја „растура“ по дискотеки во Скопје. На обвинетот му е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која му се утврдува казна затвор во траење од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 5 години не стори ново кривично дело и казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во наредните 5 години.

* Една кривична пријава е поднесена против едно физичко лице, германска државјанка, заради обид за криумчарење марихуана и магични печурки. Осомничената, на ден 12.10.2014 година на граничниот премин Табановце автопат, како патничка во автобус, се пријавила за излез од Република Македонија. При детален преглед на автобусот, зад возачкото седиште во зоната која е означена како место за пушење цигари, на самиот пулт, во хартиена кеса биле пронајдени режан тутун, филтри за цигари и хартија за виткање на тутун, како и еден женски новчаник во кој биле ставени две зипер кесички со марихуана во помала количина. Исто така при детален претрес со царинско куче, во горниот дел од автобусот, во еден од креветите кои патниците ги користат за спиење, завиткана во јорган била пронајдена една стаклена тегла наполнета со 4 магични печурки кои според вештачењето претставуваат психотропна супстанца со халуцинигено дејство. По спроведените предистражни дејствија, инспекторите од Одделението за истраги, констатираа дека режаниот тутун, марихуаната и магичните печурки се сопственост на обвинетата, на која ѝ е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која и се утврдува казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци која нема да се изврши доколку обвинетата за време од 3 години не стори ново кривично дело и казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во траење од една година.

Криумчарење

* Кривична пријава е поднесена против две физички лица, косовски државјани, заради обид за криумчарење на стока со вредност од над милион денари. На ден 19.10.2014 година, со патничко возило со косовски регистарски таблички, осомничените се пријавиле за влез во Република Македонија на граничниот премин Деве Баир, а при извршен претрес на возилото, под патосниците, во платичните фиоки под седиштата, во наслонот за рака помеѓу предните седишта и во фиоката, пронајдени се вкупно 42 нови мобилни телефони марка iPHONEмодел А1549 со слушалки, полначи и кабли за полначи со вкупна вредност од 1.033.200,00 денари.
На прво обвинетиот му е изречена парична казна во вредност од 30.750,00 денари, а на второ-обвинетата алтернативна мерка – условна осуда со која и се утврдува казна затвор во траење од 1 година, што нема да се изврши доколку обвинетата за време од 3 години не стори ново кривично дело. На двајцата обвинети им е изречена казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во траење од една година, одземена е стоката предмет на кривичното дело како и возилото  кое било користено за пренесување на стоката.

Царинска измама

* Кривична пријава е поднесена против правно лице од Струга и неговото одговорно лице, македонски државјанин, поради откриен обид заизбегнување на плаќање на увозни давачки со приложување неверодостојна фактура при увозно царинење. Во царинската испостава Струга во 2011 година, за потребите на правното лице оцаринет е еден употребуван автобус увезен од Холандија, за кој при увозното царинење е поднесена фактура на износ од 25.000 евра. Заради сомневање во верoдостојноста на приложената фактура, Царинската управа се обрати до Царинската администрација на Холандија со барање за дополнителна проверка на фактурата, од каде е добиен одговор според кој автобусот бил превземен од државјанин на Косово, но вистинската вредност била 31.900 евра, за што е доставена и оригиналната фактура. Во соработка со царинската администрација на Косово беа потврдени наводите во одговорот од Холандија, по што Царинската управа ја утврди царинската вредност според реалната вредност на автобусот и со решение го задолжи увозникот да го доплати царинскиот долг во вкупен износ од 126.458,00денари.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Царинската управа поднесе 6 кривични пријави против 6 правни лица и нивните одговорни лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

*Четири кривични пријави, против 4 правни лица од Скопје и нивните одговорни лица, македонски државјани од Скопје, се поднесени до Основното јавно обвинителство во Велес.
Во првиот случај, за потребите на правното лице, на царинската испостава Богородица, за влез во Република Македонија биле пријавени разни стоки од продавач од Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се и привремено задржани 96 делови за патнички автомобили(амортизери, патосници и рачки за менувач на брзини) со ознаки на заштитени трговски марки.
Во вториот случај, за потребите на правното лице, преку царинската испостава Гевгелија, во Македонија биле увезени разни стоки од продавач од Кина. При извршениот преглед на стоката откриени се вкупно 864 тоалетни води со ознаки на заштитени трговски марки.
Во третиот случај, за потребите на правното лице, преку царинската испостава Гевгелија, во Македонија биле увезени разни стоки од продавач од Кина. При извршениот преглед на стоката се откриени вкупно 689 парфеми и 995 слушалки за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки.
Во четвртиот случај, за потребите на правното лице, преку царинската испостава Гевгелија, во Македонија биле увезени разни стоки од продавач од Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се вкупно 1.703 дезодоранси со ознаки на заштитени трговски марки.

* Една кривична пријава, против едно правно лице од Кочани и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Скопје, е поднесена до Основното јавно обвинителство во Штип. За потребите на правното лице, преку царинската испостава Штип, во Република Македонија се увезени разни стоки од продавач од Република Бугарија. При извршениот преглед на стоката откриени се 792 парчиња лак за коса со ознака на заштитена трговската марка.

* Една кривична пријава, против едно правно лице од Гостивар и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Гостивар, е поднесена до Основното јавно обвинителство во Струга. За потребите на правното лице, преку царинската испостава Струга, во Република Македонија се увезени разни стоки од продавач од Република Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се 76 блузи со ознака на заштитена трговската марка.

Во сите случаи, по увидот на задржаната стока, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат нивното право на интелектуална сопственост. Согласно законските одредби, Царинската управа донесе одобренија за уништување на стоката која повредува право на интелектуална сопственост.

Фалсификување на исправа

* Кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Скопје против едно правно лице од Тетово и неговото одговорно лице,македонски државјанин од Тетово, поради постоење на основано сомнение дека лажна исправа употребиле како вистинска. Пријавените, во 2012 година, со една царинска декларација, на царинската испостава Скопје 3 увозно оцариниле употребувано патничко моторно возило, при што приложиле фактура на која била наведена изјава за потекло, потпишана од странскиот продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото, со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во фактурата, Царинската управа се обрати до царинска администрација на Италија, со барање за верификација на истите. Според добиениот одговор, возилото е со потекло од Јужна Африка, а извозникот не ја издал и не ја потпишализјавата за потекло од фактурата.Царинската управа утврди дека возилото увезено од пријавените не ги исполнува условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг по увозната декларација, со што е задолжено пријавеното лице да ги доплати избегнатите давачки.

Извор: Царинска управа на РМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико