Поднесени кривични пријави од царинска управа во декември 2014 година | Правдико

Правдико

   

Поднесени кривични пријави од царинска управа во декември 2014 година

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во месец декември 2014 година до надлежните јавни обвинителства поднесе10 кривични пријави против 3 правни и 11физички лица.

granica-carina
Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Фалсификување на исправа“.

Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Три кривични пријави, против три физички лица, се поднесени заради обиди за криумчарење марихуана.

*Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Гостивар, против македонски државјанин, заради обид за криумчарење на околу 1 килограм марихуана. Пријавениот, на 5.12.2014 година, како патник во такси возило со албански регистарски ознаки, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Блато. При извршениот преглед на ранецот на осомничениот, царинските службеници пронајдоа две кеси наполнети со непозната растителна материја со зеленкаста боја, додека при извршениот личен претрес, пронајдени се уште по една кеса под блузата на осомничениот околу неговиот стомак и во неговата десна патика. По извршеното вештачење од страна на Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи, утврдено е дека растителната материја преставува опојна дрога марихуана со вкупна маса од 974,94 грама.

*Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Куманово, против македонски државјанин, заради обид за криумчарење на околу 680 грама марихуана. Пријавениот, на 3.12.2014 година, како патник во автобус со македонски регистарски ознаки, се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При извршениот детален преглед на личниот багаж сопственост на осомничениот, во куферот под поставата била пронајдена една црна најлонска кеса обвиткана со проѕирна леплива лента наполнета со непозната растителна материја со зеленкаста боја, која на тестер за дрога покажала присуство на опојна дрога – марихуана.
По извршеното вештачење од страна на Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи, било утврдено дека растителната материја преставува опојна дрога марихуана со вкупна маса од 676,2 грама. Во двата случаи, осомничените се изведени пред судии на претходна постапка кои им одредија мерка притвор во траење од 30 дена.

*Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Делчево, против бугарски државјанин, заради обид за криумчарење на околу 2 грама марихуана. Пријавениот, на 2.12.2014 година, управувајќи патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Делчево. По извршениот детален преглед на возилото, во пепелникот кој се наоѓа под радиото, царинските службеници пронајдоа најлонска кеса со непозната растителна материја со зеленкаста боја. По извршено вештачење од страна на Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи, утврдено е дека растителната материја преставува опојна дрога марихуана со вкупна маса од 1,77 грама. Од страна на Основниот суд Делчево обвинетиот со пресуда за издавање на казнен налог е огласен за виновен и му е изречена парична казна.

Криумчарење

Четири кривични пријави се поднесени против 5 физички лица заради обиди за криумчарење на стока со поголема вредност.

*Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, кој се обидел нелегално да изнесе од државата златен накит со вредност од околу 376 илјади денари. Пријавениот, управувајќи патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот прмин Богородица. При извршен детален преглед на возилото, во преградата што се наоѓа до менувачот на брзини, завиткани во бела хартиена салфета, биле пронајдени вкупно 32 парчиња златен накит (ланче, златни рачни часовници и монети).

*Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, кој се обидел нелегално да внесе во државата златен накит со вредност од околу 800 илјади денари. Пријавениот, управувајќи патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Меџитлија. При извршен детален преглед на возилото, во фабричката празнина што се наоѓа околу менувачот на брзини, биле пронајдени шест мали пакетчиња завиткани со бела хартија и облепени со проѕирна самолеплива трака, наполнети со златен накит со вкупна маса од 711 грама.

*Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, кој се обидел нелегално да внесе во државата златен накит со вредност од околу 180 илјади денари. Пријавениот, управувајќи патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. При извршен детален преглед на возилото, во хартиена кеса сместена на подот помеѓу седиштето на возачот и задното седиште, како и во најлонска кеса сместена во багажниот простор, бил пронајден златен накит со вкупна маса од околу 154 грама.

*Една кривична пријава е поднесена против двајца македонски државјани, кои се обиделе нелегално да внесат во државата рачен часовник маркаRolex, со вредност од околу 12.000 евра. Пријавените, со патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, се пријавиле за влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При преглед на возилото на задното седиште биле пронајдени една украсна кеса во која имало кожна футрола за рачен часовник, картичка за гаранција и фактура за рачен часовник марка Rolex на износ од 1.487.000 српски динари, што сопатничката во возилото го сокрила под блузата, на нејзината десна рака, со цел непријавено да го внесе во Република Македонија.

„Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“

Две кривични пријави, против две правни лица и две физички лица, се поднесени поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

*Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Охрид, против правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин, од Тетово. За потребите на правното лице, со три увозни царински декларции на царинската испостава Охрид, биле увезени разни стоки од продавач од Турција. При извршениот преглед на стоката царинските службеници откриле вкупно 940 готови текстилни производи (чорапи, долна облека, долни тренерки, маици, хеланки и дуксери) со ознаки на заштитени трговски марки.

*Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Велес против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Скопје. За потребите на правното лице, преку царинската испостава Гевгелија, во Република Македонија биле увезени разни стоки од продавач од Кина. При извршениот преглед на стоката царинските службеници откриле вкупно 720 капи со ознака на заштитена трговска марка.

Во двата случаи, по увидот на стоката, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат нивното право од интелектуална сопственост, и согласно законските одредби, директорот на Царинската управа на Република Македонија донесе одобрение за уништување на истата.

„Фалсификување на исправа“

Една кривична пријава е поднесена Основното Јавно Обвинителство во Скопје, против правно лице од с. Голема Речица, Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин, поради приложување на лажни документи како доказ за потекло, при увоз на употребувани возила. Пријавените во 2013 и 2014 година, за потребите на пријавеното правно лице, со осум увозни царински декларации на царинската испостава Блаце увозно оцариниле осум употребувани патнички моторни возила, при што приложиле осум фактури од четири различни странски фирми, на кои биле наведени изјави за потекло потпишани од странските продавачи, како доказ за преференцијално потекло на возилата со цел да биде одобрено увозно царинење со царинска стапка слободно.

Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавите за потекло во фактурите, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Република Италија, со барање за верификација на фактурите и доказот за потекло во истите. Според доставениот одговор од странската царинска администрација, оригиналните фактури издадени од странските продавачи не содржат изјави за потекло, поради што Царинската управа утврди дека возилата увезени од пријавените не ги исполнуваат условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг по увозните декларации, по што е задолжено пријавеното правно лице да ги доплати избегнатите давачки.

Извор: Царинска управа на РМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико