Поднесени кривични пријави од царинска управа во јануари 2015 година
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во јануари 2015 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 12 кривични пријави против 4 правни и 13 физички лица. Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Царинска измама“.
Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали
*кривична пријава е поднесена против македонски државјанин заради обид за нелегално внесување на муниција во Република Македонија. Пријавениот, на 06.12.2014 година, како патник во македонски автомобил се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. При детален преглед на внатрешноста на возилото, под патосницата помеѓу совозачкото и задното седиште, пронајдена е една пластична кутија со 16 куршуми со различен калибар, за кои пријавениот не поседувал соодветна дозвола издадена од МВР. По извршеното вештачење од страна на МВР-Оддел за криминалистичка техника, утврдено е дека куршумите претставуваат муниција наменета за испалување од повеќе модели на огнени оружја.
*Две кривични пријави се поднесени против двајца македонски државјани, заради обиди за нелегално внесување на пиротехнички средства во Република Македонија. Во првиот случај, пријавениот, на 29.12.2014 година, управувајќи германски автомобил се пријави за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. При детален преглед на возилото, зад предните седиште, на задното сдиште и во багажниот простор се пронајдени вкупно268 пиротехнички средства (ракети, огномети и петарди). Во вториот случај, пријавениот, на 05.01.2015 година, управувајќи бугарски автомобил се пријави на влез во Република Македонија на граничниот премин Делчево. При детален преглед на возилото, во внатрешниот дел од возилото и во џебот од неговата јакна се пронајдени38 пиротехнички средства (петарди и огномет).
Во двата случаи пријавените не поседувале дозвола издадена од страна на МВР, потребна за увоз на ваков вид производи.
Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
*кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, заради обид за криумчарење на околу 400 грама марихуана. На 07.01.2015 година, царинските службеници на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, пријавен за излез од Република Македонија, во куфер, сместен во багажниот простор, сопственост на пријавениот, пронајдоа кутија од чај наполнета со марихуана.
*кривична пријава е поднесена против двајца полски државјани, зарадиобид за криумчарење на околу 900 грама марихуана. Пријавените, на 19.01.2015 година, заедно со уште двајца полски државјани, со патничко моторно возило со полски регистарски таблички, се пријавија за влез во Република Македонија на граничниот премин Ќафасан. При прегледот на возилото и личниот претрес на возачот, осомничените наместо во тоалет, се упатиле до контејнерите за ѓубре, каде одлепиле пакетчиња залепени со селотејп на нивните тела и ги фрлиле зад контејнерите. Царинските службеници ги пронајдоа двете пакетчиња, наполнети со 914 гр марихуана.
*кривична пријава е поднесена против црногорски државјанин, заради обид за криумчарење на 2 грама кокаин. Пријавениот, на 19.01.2015 година, со патничко возило со црногорски регистарски ознаки, се пријави за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. При детален претрес на возилото, во џебот од левиот ракав од неговата јакна, пронајдено е најлонска кесичка исполнета со кокаин. Судија во претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 обвинетиот го огласи за виновен и му изрече условна осуда во трање од 2г. за 5г. и протерување во трање од 10 години. Кокаинот е одземен.
*кривична пријава е поднесена против државјанин на САД, заради обид за криумчарење на семки од марихуана. На 21.01.2015 година, во чорапи во ранецот на пријавениот – патник во автобус со турски регистарски ознаки, пријавен за излез од Република Македонија на граничниот премин Богородица, царинските службеници пронајдоа две зипер кесички наполнети со 117 семки од марихуана.
Криумчарење
*кривична пријава е поднесена против државјанин на Република Босна и Херцеговина, заради обид за нелегално внесување на стока со вредност од околу 1,6 милиони денари. На 10.01.2015 година, при преглед на камионот со кој управувал пријавениот, пријавен за транзит низ Република Македонија на граничниот премин Богородица, царинските службеници утврдиле дека иако документарно пријавени, недостигаат три палети панталони, а наместо нив се пронајдени 3 палети со 5.184 парчиња Nivea– масло за нега на тело од 200 ml.
Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма
Три кривични пријави се поднесени против три правни и три физички лица, заради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.
*Две кривични пријави е поднесени против две правни лица од Скопје и нивните одговорни лица, македонски државјани, од Скопје.
Во првиот случај, за потребите на правното лице, со една увозна царинска декларција на царинската испостава Скопје 2, за увозно царинење е пријавена стока од продавач од Кина. При преглед на стоката, откриени се 118 елеци со ознаки на заштитени трговски марки.
Во вториот случај, за потребите на правното лице, со една увозна царинска декларција на царинската испостава Скопје 2, за увезно царинење е пријавена стока од продавач од Турција, но при преглед на стоката, откриени се 1.344 дезодоранси со ознаки на заштитени трговски марки.
*Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Радовиш и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Радовиш. За потребите на правното лице, со една увозна царинска декларција на царинската испостава Скопје 2, за увозно царинење е пријавена разна стока од продавач од Кина, но при извршениот преглед на стоката царинските службеници открија 39 рачни часовници и 206 ташни со ознаки на заштитени трговски марки.
Во сите три случаи, по увидот на стоката, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат нивното право од интелектуална сопственост, и согласно законските одредби, донесени се одобренија за уништување на истата.
Царинска измама
Една кривична пријава е поднесена против правно лице од с. Мала Речица, Тетово и неговото одговорно лице – македонски државјанин од Гостивар, заради обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со поднесување на лажна фактура при увозно царинење. За потребите на пријавениот, на царинската испостава Тетово, со една увозна царинска декларација е оцаринет мебел увезен од Турција, при што е поднесена фактура на вкупен износ од 19.225,00 евра.
Поради сомневање во верoдостојноста на приложената фактура, Царинската управа се обрати до Царинската администрација на Република Турција со барање за дополнителна проверка на истата, од каде е добиен одговор дека извозникот од Република Турција издал фактура за стоката на износ што значително се разликува од износот во приложената фактура, односно вистинската вредност на стоката изнесува 34.990,00 евра. Врз основа на новоутврдената вредност на стоката извршена е дополнителна пресметка за наплата на царински долг по предметната декларација, при што се утврдени вкупно избегнати царински и други давачки во износ од околу 175 илјади денари, што увозникот со решение е задолжен да ги плати.
Извор: Царинска управа на РМ