Поднесени кривични пријави од Царинската управа во месец февруари 2017 | Правдико

Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа во месец февруари 2017

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец февруари 2017 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 6 кривични пријави против 6 физички лица и 4 правни лица.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

– До ОЈО Струга поднесена е кривична пријава против М.Р. државјанин на Република Албанија која на 10.02.2017 година, како патник во минибус кој сообраќал на релација Тирана – Струга се пријавила на влез во Република Македонија. При прегледот на јакната која билa оставена во багажникот од комбето, поточно во нејзината внатрешност биле пронајдени 4 пакувања обвиткани со платнени и најлонски кеси наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 2 килограми. Пријавената е изведена пред судија на претходна постапка во ОС Струга кој и одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
– До ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против П.В. македонски државјанин кој на 18.01.2017 година на ЦИ Аеродром – отсек за стоково царинење подигнал пратка која се состоела од една пластична кантичка наполнета со црна непозната смолеста материја со карактеристична миризба. По добиена наредба од ОЈО Скопје било извршено вештачење на непознатата смолеста материја според кое истата преставува наркотична дрога – хашиш смола со вкупна тежина од 100 грама.

Фалсификување исправа

До ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против правно лице од Битола и одговорно лице Н. К. од Битола, поради постоење на основано сомнение дека лажна исправа употребиле како вистинска. Со две увозни царински декларации на царинската испостава Битола, за потребите на правното лице, пријавените увозно оцариниле две употребувани моторни возила. При царинењето кон царинските декларации биле приложени договори за купопродажба издадени од продавач од Германија. Во наведените договори биле втиснати печати со изјави за потекло, потпишани од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од Европската унија, со цел на пријавеното правно лице да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Сојузна Република Германија со барање за верификација на доказот за потекло, од каде доставен е одговор дека извозникот од Германија не ги издал печатите со изјавите за потекло во наведените договори за купопродажба. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

– До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје и одговорното лице И. Т. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На 28.02.2014 година во царинската испостава Блаце, за потребите на пријавеното правно лице, со увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Косово. По извршениот преглед на декларираната стока за увозно царинење, од страна на царинските службеници биле откриени 600 парчиња алкохолен пијалак со ознака на заштитена трговска марка.

– До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје и одговорното лице С. И. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На 03.02.2016 година во царинската испостава Скопје 2, за потребите на пријавеното правно лице, со увозна царинска декларација била пријавена разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката биле пронајдени 380 парчиња тоалетни води со ознаки на заштитени трговски марки.

– До ОЈО Велес е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје и одговорното лице З. Ф. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На 10.10.2016 година во царинската испостава Гевгелија, за потребите на пријавеното правно лице, со увозна царинска декларација била пријавена разна стока со потекло од Република Турција. При извршениот преглед на стоката биле пронајдени 26.496 парчиња тврди компресирани бонбони во пакување со ознаки на заштитена трговска марка.

Во сите три случаи, поради основано сомневање дека се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат неговото право од индустриска сопственост. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.

Препорачуваме

Партнери на Правдико