Поднесени кривични пријави од Царинската управа во месец октомври | Правдико

Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа во месец октомври

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

granica-carinaПостапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец октомври 2016 година, до надлежните јавни обвинителства, поднесе 12 кривични пријави против 5 правни и 12 физички лица.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово, е поднесена против Џ.А. државјанин на Република Албанија, кој на 01.10.2016 година со албански автомобил се пријавил на излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце. При извршена контрола на возилото, во специјално направен бункер на подот под двете предни седишта биле пронајдени вкупно 17 пакетчиња наполнети со марихуана со тежина од 25,8 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Струга, е поднесена против Е.М. државјанин на Република Македонија, кој на 09.10.2016 година со македонски автомобил се пријавил на влез во државата на граничниот премин Ќафасан. При извршениот преглед, во багажниот простор, под резервната гума биле пронајдени 4 најлонски пакетчиња наполнети со зелена растителна материја. Во понатамошниот преглед од возилото биле пронајдени 2 пакетчиња во левото задно крило, 5 пакетчиња во предниот дел од моторот во делот за вентилација и уште 1 пакетче во покривот во делот над предната сијалица. Сите 12 пакетчиња биле наполнети марихуана со тежина од 2,5 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот суд Струга кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Куманово е поднесена против А.Г., државјанин на Република Албанија, кој на 12.10.2016 година со шведски автомобил се пријавил на излез од Македонија на граничниот премин Табановце. При извршена контрола на возилото, во специјално направен бункер на подот под средните седишта, биле пронајдени вкупно 47 пакетчиња наполнети со марихуана со тежина од 21 килограм. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основен суд Куманово кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Гостивар е поднесена против З.Л., државјанин на Република Албанија, кој на 14.10.2016 година со албански автомобил се пријавил на излез од Македонија на граничниот премин Блато. По пристигнување на царинска контрола лицето и возилото биле селектирани за преглед од страна на царинските службеници. При прегледот на возилото веднаш откако царинскиот службеник видел дека во подот од возилото има сокриено најлонски кеси, осомничениот ја искористил можноста и се дал во бегство во непознат правец кон албанската територија. Поради бегството на осомничениот, прегледот на возилото продолжил без негово присуство. При прегледот во левиот и десниот праг биле пронајдени вкупно 23 пакетчиња наполнети со марихуана со вкупна маса од 12,5 килограми.

Криумчарење

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Битола, е поднесена против лицето Н.Ј.Т., државјанка на Македонија, која на 06.10.2016 година како сопатничка во македонски автомобил се пријавила за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. При извршениот преглед во внатрешноста на возилото поточно во преградата на десната врата од страната на совозачот била пронајдена една хартиена кеса во која покрај полнач за мобилен телефон и женска марама имало и кутија за прстен во сина боја и гаранција за прстен, како и датум на продажба 05.10.2016 година. Царинските службеници го побарале прстенот од пријавената при што во истиот момент забележале дека тој се наоѓа на нејзината раката. На ваков начин пријавената избегнувајќи ја царинската контрола пренела непријавена стока со вкупна вредност од 198.630 денари, со намера да избегне плаќање на царина и други увозни давачки во износ од 70.910 денари, за кои е обврзана со закон доколку вредноста на стоката надминува 350 евра и е за лична употреба.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Гевгелија, е поднесена против лицето О.Ј., државјанин на Република Македонија кој на 14.10.2016 година како возач на македонски камион, натоварен со стока од фирма испраќач од Турција за фирма примач од Косово, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Дојран. При документарната контрола било утврдено дека бруто тежината од 33.540 кг. измерена на вага, споредена со тежината од пријавените документи и сообраќајните дозволи покажува разлика во тежина од околу 12 тони. Поради сомневање во документите и тежината, бил извршен преглед на кабината од возилото при што покрај пријавените документи биле пронајдени уште две фактури и два ЦМР, за стоки кои се наоѓале во товарот од возилото, а не биле пријавени пред македонската царина. Исто така била извршена проверка како стоката документарно патувала од Турција до Македонија, при што било утврдено дека истата од моментот кога била натоварена на камионот во Турција па се до излезот на грчката царина била опфатена во царинска декларација, додека при влезот во Македонија осомничениот пријавил само еден дел од стоката, а документите за непријавената стока ги сокрил во кабината од камионот. На ваков начин пријавениот со намера да ја избегне царинската контрола се обидел да пренесе непријавена стока од поголема вредност во вкупен износ од 1.362.667 денари.

Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока или користење на акцизна дозвола или одобрение

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје, е поднесена против лицето А.Ќ., државјанин на Република Македонија. На 14.10.2016 година, при вршење редовна царинска контрола во внатрешноста на територија на Република Македонија, од страна на царинските инспектори од Одделението за истраги, било забележано патничко возило со кумановски регистарски ознаки управувано од осомничениот. Царинските инспектори со службено возило и со употреба на звучна и светлосна сигнализација се обиделе да го запрат возилото во движење. И наместо осомничениот да го запре возилото, тој продолжил да се движи со намера да ја избегне контролата од страна на царинските инспектори. Обвинетиот го запрел возилото, излегол од него и се дал во бегство, а инспекторите по кратко време го совладале и го лишиле од слобода. При прегледот на возилото било забележано дека задните седишта од возилото се извадени и целата внатрешност од возилото и багажниот простор биле натоварени со цигари, од кои 850 штеки од марката „Monte Carlo“ и 400 штеки се од марката „Benton“. На ваков начин обвинетиот со намера да избегне целосно плаќање на акциза на која е обврзан со закон, пренесувал акцизно добро-цигари кои подлежат на акциза спротивно на законот со вкупно избегнати давачки од 872.840,00 денари.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Тетово, е поднесена против правно лице од Тетово и одговорното лице А. Х. од Тетово, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. На 01.07.2016 година за потребите на правното лице во царинската испостава Охрид била пријавена разна стока од испраќач од Република Италија. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени 890 парчиња балони од фолија со ознака на заштитена трговска марка.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Струга, е поднесена против правно лице од Струга и одговорното лице Џ.У. од Струга, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На ден 08.07.2016 година, за потребите на пријавеното правно лице во царинската испостава Струга се увезени разни производи од фирма од Народна Република Кина. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени 160 парчиња детски играчки со ознака на заштитена трговска марка.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје, е поднесена против правно лице од Скопје и одговорното лице А. Р. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. На ден 10.02.2014 година, за потребите на пријавеното правно лице во царинската испостава Скопје 4 се увезени разни производи од фирма од Народна Република Кина. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени 170 заштитни стакла (тач скрин) со ознака на заштитена трговска марка.

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје, е поднесена против правно лице од Скопје и одговорното лице Џ. С. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На ден 13.06.2014 година, за потребите на пријавеното правно лице во царинската испостава Скопје 2 се увезени разни производи од фирма од Народна Република Кина. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени 84 пара спортски обувки со ознака на заштитена трговска марка..

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Скопје е поднесена против правно лице од Скопје и одговорното лице Р. С. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. Во текот на 2013, 2014 и 2015 година, за потребите на пријавеното правно лице во царинските испостави Скопје 2 и Скопје 4 со три царински декларации се увезени разни производи од една иста фирма од Народна Република Кина. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени вкупно: 1700 превезоци за клучеви, 598 фудбалски топки и 1.248 детски играчки, со ознаки на заштитени трговски марки.

Во сите 5 случаи, поради основано сомневање дека се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат правото од индустриска сопственост. На ваков начин осомничените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што сториле кривично дело за кое се осомничени.

Препорачуваме

Партнери на Правдико