Поднесени кривични пријави од Царинската управа за февруари 2015 | Правдико

Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа за февруари 2015

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

carinaПостапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец февруари 2015 година,до надлежните јавни обвинителства поднесе11 кривични пријави против 6 правни и 12 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Фалсификување исправа“, „Криумчарење“ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Една кривична пријава е поднесена против двајца македонски државјани, заради обид за криумчарење амфетамин.

На 15.02.2015 година, еден од осомничените се пријави за влез во Република Македонија, на граничниот премин Табановце автопат, управувајќи патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки. При извршената контрола на возилото, во патна торба сместена на задното седиште, во поставата на долни тренерки пронајден е пар чорапи полни со непозната густа материја со бела боја. По извршеното вештачење од страна на Одделот за криминалистичка техника на МВР, утврдено е дека се работи за психотропна супстанција, стимуланс на централниот нервен систем-амфетамин, со вкупна маса од 192 грама. Според изјавата на возачот, патната торба со сокриената дрога ја зел од второпријавениот, како организатор на транспортот, со намера да ја пренесе во Република Македонија за одреден паричен надомест.

Фалсификување исправа

– Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, кој се обидел да внесе во државата моторно возило со фалсификуван број на шасија. Пријавениот, на 22.01.2015 година на граничниот премин Табановце автопат, при влез во Република Македонија, усно декларирал моторцикл на четири тркала, кој покрај фабрички втиснатиот број на шасија имал и фалсификуван број, втиснат на плочка закачена на предниот дел од носечката рамка.

– Три кривични пријави се поднесени против две правни лица и три физички лица кои, при увозно царинење на употребувани возила, приложиле лажни фактури како доказ за преференцијално потекло на возилата, со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка 0%.

– Две кривични пријави се поднесени против едно правно лице од Радовиш и две физички лица, македонски државјани.

Во првиот случај, кривичната пријава е поденсена против физичко лице кое, со една царинска декларација во 2014 година, увозно оцаринило едно употребувано возило. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата во фактурата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска служба на Холандија, со барање за проверка на фактурата. Холандската царина достави одговор дека изјавата со авторизација во фактурата не била издадена од страна на извозникот.

Во вториот случај, кривична пријава е поднесена против едно правно лице и неговото одговорно лице, против кои Царинската управа и претходно има поднесено кривични пријави за постоење основано сомнение дека го сториле истото кривично дело. Во овој случај, пријавените во текот на 2012 година, со единаесет царински декларации на царинската испостава Штип, увозно оцариниле единаесет употребувани патнички моторни возила. Поради сомневање во веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавите за потекло во фактурите, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска служба на Сојузна Република Германија, со барање за верификација на фактурите и доказот за потекло во истите. Според доставениот одговор, компанијата која била наведена како продавач, ниту ги поседувала ниту ги продала возилата, односно фактурите, како и изјавите за потекло, не се издадениод наведената компанија.

– Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Прилеп и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Прилеп, кои, во 2013 година со една царинска декларација на царинската испостава Битола увозно оцариниле едно употребувано патничко моторно возило. Поради сомневање во веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во фактурата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска служба на Република Италија, со барање за верификација на фактурата и доказот за потекло во истата. Со доставениот одговор, италијанската царинска служба извести дека наведената фактура е фалсификат и не е издадена од извозникот.

Во сите три случаи Царинската управа утврди дека возилата увезени од пријавените не ги исполнуваат условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг по увозните декларации, по што се задолжени пријавените да ги доплатат избегнатите давачки.

Криумчарење

– Една кривична пријава е поднесена против државјанин на Република Германија, заради обид за криумчарење на златен накит со вредност од околу 470 илјади денари. Пријавениот, на 27.01.2015 година, управувајќи патничко возило со германски регистарски таблички, се пријави на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. По извршен преглед на возилото, во фабричка фиока под возачкото седиште, пронајдена е украсна кутија со 15 парчиња златен накит со вкупна маса од 227 грама.

– Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, заради обид за криумчарење на стока со вредност од над 300 илјади денари.

Пријавениот, како патник во патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, се пријави на влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на возилото, во просторот зад предните седишта, на задното седиште и во багажниот простор, пронајдени се 7 вакумирани најлонски кеси и една патна торба со 165 парчиња облека-детски јакни, панталони и хулахопки, за кои пријавениот изјавил дека се негова сопственост.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

-Четири кривични пријави, против четири правни и четири физички лица се поднесени заради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

– Кривична пријава е поднесена против правно лице од Струга и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Струга. Осомничените, преку царинската испостава Гевгелија, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници открија 1.190 фазомери со ознака на заштитена трговска марка.

– Кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Скопје. Осомничените, преку царинската испостава Гевгелија, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници открија 52 фудбалски топки со ознаки на заштитени трговски марки.

– Кривична пријава е поднесена против правно лице од Гостивар и неговото одговорното лице, македонски државјанин од Гостивар, против кои Царинската управа претходно веќе има поднесено една кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека го сториле истото кривично дело. Во овој случај, осомничените, преку царинската испостава Тетово, со една царинска декларација, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници открија 1.190 ремени за рачни часовници со ознаки на заштитена трговска марка.

– Кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Охрид, е поднесена против правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Тетово, против кои Царинската управа претходно веќе има поднесено две кривични пријави заради постоење на основано сомнение дека го сториле истото кривично дело. Во овој случај, осомничените, преку царинската испостава Охрид со една царинска декларација пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле вкупно 90 пара спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки.

Во сите четири случаи, по увидот на стоката, застапниците на трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат нивното право од интелектуална сопственост, и согласно законските одредби, Царинската управа на Република Македонија донесе одобрение за уништување на оваа стока.

Извор: Царинска управа

Партнери на Правдико