Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа за месец август

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

carinaПостапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во месец август 2015 година, до надлежните јавни обвинителства  поднесе 9 кривични пријави против 10 физички лица и 5 правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење“, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и “Фалсификување исправа”.

 Криумчарење- три кривични пријави против три физички лица:

* против македонски државјанин, кој на 8 август 2015 година преку граничниот премин Табановце автопат се обидел нелегално да внесе во Република Македонија сет детектор за откривање на благородни метали марка „NOKTA“ – Golden King deep processor radar plus со вредност од над 240 илјади денари. Осомничениот се пријавил за влез во државата управувајќи патничко моторно возило со италијански регистарски таблички во кое бил пронајден детекторот во два куфери сместени на задното седиште на возилото.

* против грчки државјанин, кој на 20 август 2015 година преку граничниот премин Богородица се обидел нелегално да внесе во Република Македонијазлатен и сребрен накит со вкупна вредност од над 255 илјади денари. Осомничениот, се пријавил за влез во државата управувајќи патничко моторно возило со грчки регистарски таблички во кое по извршен преглед, во женска чанта, сместена на задното седиште биле пронајдени 28 парчиња златен накит со вкупна маса од 212 грама и 33 парчиња сребрен накит со вкупна маса од 191 грам.

* против македонски државјанин, кој на 8 август преку граничниот премин Меџитлија, се обидел нелегално да внесе во Република Македонија 8.400 килограми течен лепак. Осомничениот се пријавил за влез во државата управувајќи товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, кое според докуметите што возачот ги приложил, било натоварено со 14.430 килограми течен лепак со потекло од Турција, наменет за примач од Драч, Албанија. При контрола на товарот биле пронајдени 8.400 килограми лепак што не биле опфатени со приложените документи.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори – една кривична пријава против едно физичко лице:

* против  македонски државјанин, заради обид за неовластена набавка на семки од марихуана. Осомничениот, на 7 август 2015 година во просториите на Пошта 2 Скопје подигнал меѓународна пратка од Германија која гласела на негово име и во која имало вкупно 21 парче семки од марихуана.Осомничениот семките ги порачал преку интернет, од Холандија, и истите ги платил од својата дебитна картичка, префрлувајќи износ од 5.246,00 денари на ПОС Терминал во трговија, во корист на правно лице од Шпанија. На ваков начин пријавениот неовластено, набавил материјал за кој знаел дека е наменет за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Фалсификување исправа – три кривични пријави против три правни и четири физички лица:

* две кривични пријави против две правни лица и нивните одговорни лица,поради поднесување на фалсификувани фактури при увозно царинење на употребувани возила. Против истите осомничени, Царинската управа и претходно има поднесено кривични пријави поради постоење на основано сомнение дека го сториле истото кривично дело.

Во првиот случај, кривична пријава е поднесена против правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин, кои во текот на 2013 и 2014 година во царинската испостава Блаце, увозно оцариниле 15 употребувани патнички моторни возила за кои приложиле фактури на кои биле наведени изјави за потекло потпишани од странскиот продавач како доказ за преференцијално потекло на возилата, со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно.

Во вториот случај, кривична пријава е поднесена против правно лице од Прилеп и неговото одговорно лице, македонски државјанин, кои во 2012 година, во царинската испостава Битола, увозно оцариниле едно употребувано патничко моторно возило, при што приложиле фактура на која била наведена изјава за потекло потпишана од странски продавач, со цел да биде одобрено увозно царинење со царинска стапка слободно.

Во двата случаи, поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложените фактури, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Италија, со барање за верификација на истите. Според доставените одговори, во првиот случај оригиналните фактури не содржеле изјави за потекло и потписите не биле од овластени лица, а во вториот случај печатите и потписите на приложената фактурата биле лажни. Царинската управа утврди дека возилата увезени од осомничените не ги исполнуваат условите за преференцијален тарифен третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и ги задолжи правните лице да ги доплатат избегнатите давачки.

* Една кривична пријава поднесена против правно лице од Радовиш, неговото одговорно лице и поранешен вработен во правното лице, двајцата македонски државјани, поради тоа што направиле и употребиле како вистинска лажна исправа – Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба, неопходно за превоз на стоки според ТИР конвенција. Пријавените фалсификатот го направиле на начин што во оригиналното Уверение издадено за осомниченото правно лице извршиле неовластено преправање на рокот на важност. Преправеното уверение потоа го доставиле до комисијата за издавање на Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба при Царинарница Штип, со цел да им биде издадено ново уверение. Според евиденцијата на Царинската управа на Република Македонија Уверение со дадениот број за возило сопственост на правното лице со преправениот рок на важност не е издадено. Според овие наоди, осомничените направиле лажна исправа со намера да ја употребат како вистинска и ја употребиле пред македонските царински органи, со што го сториле делото за кое се осомничени.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма – две кривични пријави против две правни лица и две физички лица:

* Во првиот случај кривична пријава e поднесена против правно лице од Струмица и неговото одговорно лице, грчки државјанин. За потребите на осомничените, на 16 јуни 2014 година, со една царинска декларација на царинската испостава Струмица, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Република Грција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 660 парчина детска облека со ознака на заштитена трговска марка.

* Во вториот случај, кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, македонски државјанин. За потребите наосомничените, на 14. август 2014 година, со една царинска декларација на царинската испостава Гевгелија, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Република Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 120 парчиња футроли за мобилен телефон со ознака на заштитена трговска марка.

Во двата случаи, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа,  привремено ја задржала предметната стока, а по добиените потврди од носителите на правата на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите ги повредуваат нивните права од интелектуална сопственост, согласно законските одредби, директорот на Царинската управа на Република Македонија донесе одобрение за уништување на стоката.

Партнери на Правдико