Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа за месец јуни

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

granica-carinaПостапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во јуни 2015 година, до надлежните јавни обвинителства, поднесе 8 кривични пријави против 6 правни и 9 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривични дела „Криумчарење“, „Царинска измама“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, ,,Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока’’ и „Фалсификување исправа“.

„Криумчарење“

Две кривични пријави се поднесени против две физички лица за сторено кривично дело криумчарење, од кои:

* Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин кој се обидел нелегално да внесе во Република Македонија медицински материјали со вредност од над 830 илјади денари. Осомничениот, на 27.05.2015 година на граничниот премин Табановце, се пријавил за влез во државата како патник во автобус што сообраќал на релација Дортмун-Охрид. При извршен детален преглед на багажниот простор биле пронајдени вкупно 10 картонски кутии со по 100 парчиња течност за вбризгување ENDOSGEL од 11 ml и една кутија со 1.000 пластични катетери, што осомничениот ги презел од лице од Германија, а требало да го предаде на лице од Гостивар.

*Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, кој на 10.06.2015 година, на граничниот премин Меџитлија, управувајќи патничко возило со македонски регистарски ознаки се обидел нелегално да внесе во Република Македонија 6 мобилни телефони iPhone 6+. Непријавените телефони се пронајдени под тапацирот, во фабрички празнини од левата и десната страна во багажниот простор на возилото.

Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока

Една кривична пријавае поднесена против правно лице од Скопје и двајца македонски државјани од Скопје, одговорни лица во правното лице, заради обид за избегнување на плаќање на акцизни давачки во вкупен износ од околу 1,27 милиони денари. При извршена контрола на правното лице е утврдено дека правното лице извршило увоз на товарно моторно возило, кое потоа во Република Македонија било преправено во патничко моторно возило и продадено како ново патничко возило. Согласно законските прописи, при постапка со која од неакцизно добро се добива акцизно добро настанува акцизен долг за што производителот е обврзан да предаде акцизна пријава, а како основа за пресметка на акцизниот долг се зема продажната вредност на доброто, без данок на додадена вредност.

Од увидот на купопродажната фактура за возилото, издадена од осомниченото правно лице, утврдено е дека купопродажната цена на возилото без ДДВ изнесува над 7 милиони денари за што, согласно Законот за акцизи, стапката за акцизни давачки изнесува 18%, врз основа на што се прсметани избегнати акцизни давачки во износ од околу 1,27 милиони денари.

Царинска измама и Фалсификување исправа

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице – македонски државјанин, заради обид за избегнување на плаќање увозни давачки со поднесување на фалсификуван доказ за потекло.

Во текот на 2011 година, за потребите на осомничените, со една царинска декларација на царинската испостава Штип, била увозно оцаринета стока со потекло до Турција, при што било приложено уверение за движење ЕУР.1 заверено со печат од царинската администрација на Република Турција, врз основа на што бил одобрен преференцијален тарифен третман на стоката, односно увозно царинење соцаринска стапка нула. Поради сомневање во веродостојноста на приложената документација, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на доказот за потекло, од каде е добиен одговор според кој предметното уверение за движење не е издадено одцаринската администрација на Турција. Врз основа на добиениот одговор, Царинската управа изврши дополнителна пресметка на царинските давачки, при што се утврдени избегнати давачки во износ од околу 307 илјади денари и го задолжи правното лице да ги доплати истите.

Царинска измама

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице – македонски државјанин, поради обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со поднесување на лажни податоци за стоките при увозното царинење.

За потребите на осомничените, со една царинска декларација во 2012 година и една во 2013 година, увозно биле оцаринети стоки со потекло од Република Србија. При дополнителна контрола на царинските декларации и преглед и контрола на сметководствената и комерцијалната документација што се однесуваат на увозните дејствија во врска со увезената стока, е утврдено дека осомничените за стоката увезена со предметните декларации биле дополнително задолжени и по основ на авторски права во износ од 8.170 американски долари што не бил прикажан во моментот на царинење на стоката и не бил земен во предвид при одредување на царинската вредност на стоката. Врз основа на утврдената фактичка состојба, Царинската управа изврши дополнителни пресметки за наплата на царински и други давачки по двете увозни царински декларации, при што се утврдени вкупно избегнати давачки во износ од над 189 илјади денари.

Фалсификување исправа

Две кривични пријави, против две правни лица и две физички лица, се поднесени за обиди за приложување на фалсификувани фактури при увозно царинење на употребувани возила.

– Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Куманово и неговото одговорно лице – македонски државјанин, против кои и претходно се поднесени кривични пријави за приложување на 4 лажни фактури при увозно царинење на употребувани возила.

– Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Радовиш и неговото одговорно лице, македонски државјанин, против кои исто така претходно се поднесени кривични пријави за приложување на 46 лажни фактури при увозно царинење на употребувани возила..

Во двата случаи, осомничените, во текот на 2012 година со по една увозна царинска декларација на царинската испостава Гевгелија увозно оцариниле по едно употребувано патничко моторно возило, за кои приложиле фактури на кои биле наведени изјави за потекло, потпишани од странски продавачи како доказ за преференцијално потекло на возилата, со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска администрација на Германија со барање за верификација на фактурите.

Според добиениот одговор, во првиот случај изјавата без авторизација за потекло во фактурата не била издаденаод страна на испраќачот на возилото, за што во прилог била доставена и оригиналната фактура, а во вториот случај компанијата која била наведена како продавач, ниту го поседувала ниту го продала возилото, а фактурата и изјавата за потекло, наведена во неа не биле издадени од страна на наведената компанија.
Во двата случаи, Царинската управа утврди дека увезените возила не ги исполнуваат условите за преференцијален тарифен третман, изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и ги задолжи правните лица да ги доплатат избегнатите давачки.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Струмица и неговото одговорно лице-македонски државјанин, заради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

За потребите на осомничените, против кои и претходно Царинската управа има поднесено кривична пријава за истото кривично дело, во текот на 2014 година со 5 царински декларации на царинската испостава Скопје 1, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката царинските службеници откриле 1.436 готови текстилни производи (пижами, детски комплети, тренерки, маици, кошули, хеланки и др.), 413 модни додатоци (чанти и ремени) и 15 пара чевли, со ознаки на заштитени трговски марки. Согласно законските одредби, Царинската управа на Република Македонија донесе одобрение за уништување на стоката.

Партнери на Правдико