Правдико

   

Поднесени кривични пријави од Царинската управа за месец септември 2016

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

granica-carinaПостапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во месец септември 2016 година,до надлежните јавни обвинителства поднесе9 кривични пријави против 12 физички лица и 2 правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, „Даночно затајување“ и „Фалсификување исправа“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

– До OJO Куманово е поднесена кривична пријава против Ч. Л. државјанин на Република Чешка, кој на ден 31.08.2016 година со возило со чешки регистарски ознаки се пријавил на излез од Република Македонија на ГП Табановце. При извршен личен претрес, во десниот џеб на бермудите била пронајдена пластична дробилка за марихуана и метална табакера за цигари наполнета со непозната растителна материја со зелена боја која на тестер за дрога покажала присуство на марихуана. Во истиот џеб била пронајдена и зипер кесичка наполнета со непозната прашкаста материја со бела боја која на тестер за дрога покажала присуство на амфетамин. По наредба на јавен обвинител извршено е вештачење според кое растителната материја преставува опојна дрога – марихуана со вкупна тежина од 4,5 грама, додека белата прашкаста материја преставува кетамин – психоактивна супстанца, со вкупна нето маса од 8,15 грама. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Куманово каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка условна осуда – казна затвор во траење од 2 години која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 4 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.

– До OJO Скопје е поднесена кривична пријава против физичко лице М. Р., македонски државјанин, кој на ден 15.07.2016 година во просториите на царинската испостава Аеродром Скопје подигнал поштенска пратка од Велика Британија која гласела на негово име, во која имало вкупно 6 парчиња семки од марихуана. На ваков начин пријавениот неовластено, набавил материјали за кои знаел дека се наменети за производство на опојни дроги, со што сторил кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги психотропни супстанци и прекурсори“.

– До OJO Куманово е поднесена кривична пријава против Л. В., државјанин на Норвешка, кој на ден 08.09.2016 година со возило со норвешки регистарски ознаки се пријавил на излез од државата на ГП Табановце. При извршениот преглед, во внатрешноста на ранецот наменет за лап-топ кој се наоѓал на задната клупа, била пронајдена кафеава кожна торбичка, во која биле сместени три проѕирни најлонски кесички наполнети со бела прашкаста материја која на тестер за дрога покажала присуство на амфетамин и еден правоаголен приврзок во чија внатрешност биле откриени пет перфорирани споени ливчиња со натпис „HOFMAN“, завиткани во целофан за кои осомничениот изјавил дека се синтетичка дрога „LSD“. По наредба на јавен обвинител извршено е вештачење според кое белата прашкаста материја преставува кетамин – психоактивна супстанца, со вкупна нето маса од 2,5 грама, додека петте хартиени ливчиња содржат диетиламид на лизергинска киселина (ЛСД) – психотропна супстанца со халуциногено дејство.

Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Куманово каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка условна осуда – казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 5 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.

– До OJO Скопје е поднесена кривична пријава против физичко лице Р. А., државјанин на Република Франција, кој на ден 14.09.2016 година со лет од Рим слетал на Аеродромот во Скопје. Откако го подигнал куферот од лентата за багаж, осомничениот се упатил кон излезот од аеродромот на таканаречениот „зелен канал“ од каде излегуваат патници кои немаат ништо да декларираат за царинска контрола, каде пак од страна на царинскиот службеник бил селектиран за контрола. При контрола на рачна торба која пријавениот ја носел со себе била пронајдена една рачно изработена цигара наполнета со непознатата материја од растително потекло со кафеава боја, додека при контролата на неговиот куфер била пронајдена машка кожна јакна со сива боја, во чиј внатрешен џеб била пронајдена една проѕирна зипер кесичка наполнета со непозната материја во цврста состојба со темно кафена боја во форма на плочка. По наредба на јавен обвинител извршено е вештачење според кое растителниот материјал од цигарата претставува тутун помешан со марихуана со вкупна тежина од 0,88 грама, додека смолестата материја во форма на плочка исто така претставува марихуана со вкупна тежина од 9 грама. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Скопје каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка условна осуда – казна затвор во траење од 1 година која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 3 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.

Криумчарење

– До OJO Гевгелија е поднесена кривична пријава против физичко лице И. А. Е., државјанин на Република Германија, кој на ден 13.09.2016 година со возило со германски регистарски ознаки се пријавил за влез во Македонија на ГП Богородица. При извршен преглед во багажниот простор од возилото во една торба наменета за прибор за автомобил, бил пронајден еден пластичен сад наполнет со ориз, во кој под оризот била сокриена следната непријавена стока: златна жица во парчиња со вкупна тежина од 948 грама и платина во парчиња (гранули) со вкупна тежина од 57 грама.

На ваков начин осомничениот избегнувајќи ја царинската контрола пренел непријавена стока со вкупна вредност од 2.322.849,00 денари. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Гевгелија каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и е осуден на парична казна од 10.000 евра, како и споредна казна – протерување на странец од земјата во траење од 2 години. Со пресудата од осудениот му се одземаат непријавените стоки предмет на кривичното дело, како и возилото со кое биле пренесувани истите.

– До ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против лицата Д. И., П. М. и К. Ј. поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело „криумчарење“, односно избегнувајќи царинска контрола се обиделе да пренесат непријавени два рачни часовници во вредност од 1,744,500.00 денари. На ден 12.08.2016 година на Аеродромот во Скопје на влез во државата пристигнал пријавениот Д. И. и при поминување на царинска контрола се упатил кон зелен канал каде што поминуваат патниците кои немаат ништо за пријавување. Царинските службеници се посомневале дека лицето носи непријавени стоки, заради што истиот бил застанат. При контролата во личниот багаж на патникот во картонска кеса е пронајденa празна кутија од рачен часовник марка ,,CARTIER’’, а во левиот џеб од панталоните на патникот бил пронајден часовник марка ,,Cartier Chronograph“. По извршениот преглед на куферот од лицето е пронајдена и празна кутија за часовник од марката Breguet, а на левата рака од патникот бил пронајден рачен часовник марка ,,Breguet-Horloger de la Marine 4519U’’. Во личниот багаж од патникот биле пронајдени и две фактури за часовниците, од кои е утврдено дека едниот часовник е нов, а вториот бил на поправка. Поправката ја нарачал и платил пријавениот П. М. Истрагата на царинските инспектори утврди дека часовниците биле сопственост на пријавениот К. Ј., кој како газда во фирмата во која се вработени другите двајца пријавени, ги поттикнал да го сторат кривичното дело.

Даночно затајување

– До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје, против одговорното лице Љ. И. од Скопје и физичко лице В. У. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело даночно затајување, односно одговорното лице не пријавило приход на правното лице, иако бил задолжен да го пријави, а е од влијание за утврдување на износот на данокот на кој е обврзан со закон, со намера да одбегне целосно плаќање данок во износ од 742.070,00 денари. Лицето В. У. е осомничена како организатор на набавка на тутун во лист од странство и продажба на истиот во Република Македонија, за што го користи осомниченото правно лице, а за истата услуга му исплаќа одредена сума во готово на одговорното лице за користење на правното лице. На овој начин извршен е увоз на 4 камиони тутун во лист од типот Вирџинија во вкупна количина од 53 илјади килограми со вкупна вредност 106 илјади евра, кои по увозното царинење се преземени од непознати лица и однесени во непознат правец, во организација на пријавената В. У. Според изјава од пријавениот Љ. И., со цел да ги подмири обврските кон странските добавувачи за увезениот тутун, добивал пари во готово од пријавената В.У., а таа за услугата за користење на неговата фирма му исплаќа одредена сума пари во готово за секој увоз на тутун. На барање на Царинската управа, Управата за јавни приходи спроведе контрола на осомниченото правно лице, со која се утврди дека увозникот не презентирал документи, фактури или извозни царински декларации за отуѓување на увезената стока. Согласно одредбите од Законот за персонален данок на доход приходот добиен од продажба на залихата претставува лично примање, на кое што од страна на Управата за јавни приходи е пресметан персонален данок на доход на износ од 742.070,00 денари.

Фалсификување исправа

– До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против физичко лице Б. Б. од Сарај, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело фалсификување исправа, односно лажна исправа употребил како вистинска. Со увозна царинска декларација на Царинската испостава Скопје 2, за потребите на правното лице, пријавениот увозно оцаринил употребуван автобус. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложена фактура издадена од продавач од Сојузна Република Германија. Во наведената фактура била изготвена изјава за потекло,потпишана од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од ЕУ, со цел на пријавениот да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење соцаринска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа се обрати до Царинската администрација на Германија со барање за верификација на доказот за потекло.

Од страна на царинската администрација на Германија, доставен е одговор во кој е констатирано дека продавачот од Германија не изготвил, ниту потпишализјава за потекло во фактурата. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи лицето да ги доплати избегнатите давачки.

– До ОЈО Штип е поднесена кривична пријава против физичко лице И. П. од с.Истибања, Виница, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело фалсификување исправа, односно лажна исправа употребил како вистинска. Со увозна царинска декларација на царинската испостава Штип, пријавениот увозно оцаринил употребувано патничко моторно возило. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложена фактура издадена од продавач од Германија. Во наведената фактура била изготвена изјава за потекло,потпишана од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од ЕУ, со цел на пријавениот да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење соцаринска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа се обрати до Царинската администрација на Германија со барање за верификација на доказот за потекло. Од страна на царинската администрација на Германија, доставен е одговор во кој е констатирано дека продавачот од Германија не изготвилизјава за потекло во фактурата. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи лицето да ги доплати избегнатите давачки.

Партнери на Правдико