Правдико

   

Поднесено обвинение против Васе Доневски за скандалот со „Секјуриком“

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата, Васе Доневски, за злоупотреба на службена положба и овластување при вршење на јавни набавки. Исто така, до кривичниот суд е поднесен и предлог да му се продолжи куќниот притвор. Во скандалот со фирмата „Секјуриком“ тежок над 660 милиони денари, осомничен е и директорот на фирмата Волфганг Гампер, кој е во бегство и против кого е распишана потерница. И против него е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и овластување.

„Во периодот од јуни до август 2015 година, првоосомничениот како директор на владина служба потпомогнат од второосомничениот – како сопственик на правно лице, свесно и со умисла, ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера да прибават значителна имотна корист за сопственикот на правното лице и за правното лице. Осомничените договориле спроведување на постапка за јавна набавка во која предмет на јавната набавка било одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи“, велат од Обвинителството.

Постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки, осомничените имале за цел да ја избегнат должноста за претходна согласност од Советот за јавни набавки. Во текот на постапката постапиле спротивно и на член 43 став 1 од Законот за јавни набавки кој предвидува дека учесниците во подготвување на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови на група на понудувачи во постапката за доделување на договор за јавна набавка.

Доневски и покрај направените пропусти не постапил согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не ја поништил постапката. Тој злоупотребувајќи ја службената должност со преземенетите дејствија го фаворизирал правното лице на второосомничениот, овозможувајќи само една понуда во тендерската постапка, со што била оневозможена аукција за постигнување негативно наддавање за пониска цена, а на штета на Буџетот на РМ во износ од 660.834.855 денари.

Јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за продолжување на мерката куќен притвор за Доневски, а за второосомничениот, кој моментално е недостапен за органите на прогонот и по кого е распишана меѓународна потерница, со решение е определена мерка притвор сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико