Поднесете Годишна даночна пријава за персонален данок на доход- казни од 500 до 1000 евра | Правдико

Правдико

   

Поднесете Годишна даночна пријава за персонален данок на доход- казни од 500 до 1000 евра

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

g_ujp-nova1Како граѓанин на Република Македонија вие сте обврзник на персоналниот данок на доход и сите приходи кои ги остварувате во текот на една календарска година треба да ги пријавите во Управата за јавни приходи. Приходите кои сте ги оствариле во текот на 2014 година, покрај тоа што сте имале обврска одделно да ги пријавите и за истите да платите персонален данок во текот на годината, во рамките на законските рокови, должни сте и збирно да ги пријавите во Годишната даночна пријава, најдоцна до 15 март 2015 година.

Приходите кои ги остварувате, во земјата и странство, а кои подлежат на оданочување и треба да се пријават во УЈП се следните:

  • Лични примања
  • Приходи од самостојна дејност
  • Приходи од имот и имотни права
  • Приходи од авторски права и права од индустриска сопственост
  • Приходи од капитал
  • Приходи од капитални добивки
  • Добивки од игри на среќа
  • Други приходи

ВАЖНО: Годишна даночна пријава се поднесува и за примениот регрес за годишен одмор, приходите остварени преку интернет (е-трговија), надоместокот на плата за породилно боледување, износот на пензијата, секоја добивка остварена од општите игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари.

Кој поднесува Годишна даночна пријава?

Задолжително поднесете Годишна даночна пријава, доколку во текот на 2014 година:

• сте издавале под закуп (кирија) или подзакуп: станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот;

• сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост;

• ви била исплатена дивиденда или камати по основ на заем кој сте го дале на физичко или правно лице;

• сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот;

• сте оствариле добивка од општите игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари (од лото, од наградни игри…);

• имате лични примања од странство;

• работно сте ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварувате лични примања кај претставници и службеници на претставништвата кои уживаат дипломатски имунитет; и

• сте оствариле и „други приходи”.

Не сте должни да поднесете Годишна даночна пријава, доколку во текот на годината имате остварено само приход од: плата; пензија; земјоделска дејност и самостојна дејност. Добивките од посебните игри на среќа остварени во текот на 2014 година, немате обврска да ги пријавите во Годишната даночна пријава.

Кој е рокот за поднесување?

Не заборавајте и не го чекајте последниот момент за да ја исполните вашата граѓанска должност. Како граѓанин и даночен обврзник на персоналниот данок на доход, најважниот датум за вас е 15 март – последниот ден за пријавување на приходите и поднесување на Годишната даночна пријава. Годишната даночна пријава можете да ја поднесете почнувајќи од 1 јануари, но не подоцна од 15 март 2015 година.

Годишната даночна пријава (образец “ПДД-ГДП“) е бесплатна и можете да ја преземете преку интернет,  или да ја побарате во даночните канцеларии на УЈП. Годишната даночна пријава, пополнета во 2 (два) примерока, поднесете ја во надлежната даночната канцеларија на УЈП, според вашето место на живеење или преку е-даноци http://etax.ujp.gov.mk Граѓанинот кој е од друг град, но работи, живее, студира…, односно е со привремен престој во Скопје, даночната пријава може да ја поднесе во Контакт центарот Скопје (ГТЦ 2-ри кат, над Кино Милениум) без разлика на местото на живеење. Исто така, имате можност пријавата да ја поднесете по пошта (во 1 примерок) на адресата на надлежната Регионална дирекција на УЈП.

Годишната даночна пријава пополнете ја на начин опишан во упатството кое е составен дел на пријавата (стр.2 од образец “ПДД-ГДП”).  При пополнување на Годишната даночна пријава, користете ги податоците од потврдите, пресметките и другите документи кои задолжително треба да ви ги достави исплатувачот на приходите, а во кои се наведени износите на приходите и персоналниот данок кои ви биле платени во текот на 2014 година.

Збирната пресметка за исплатените приходи и уплатениот персонален данок и придонеси за 2014 година, исплатувачот на приходи треба да ви ја издаде најдоцна до 15 јануари 2015 година. Доколку до 15.01.2015 година, исплатувачот на приходи не ви издал збирна пресметка со која потврдува дека ви биле исплатени приходите и дека за истите е платен персоналниот данок, пријавете на бесплатната телефонска линија 198 или преку интернет http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/category/592

За пријавување на приходите од имот и од имотни права, капитални добивки и други приходи на кои аконтацијата на данокот не се плаќа по одбивка користете ги податоците од привремените решенија кои ви биле доставени од УЈП.

Казни

Доколку не поднесете даночна пријава до 15 март 2015 година или пак во Годишната даночна пријава нецелосно ги пријавите вашите приходи, ќе ви биде изречена глоба за сторен прекршок.

Глобата за ненавремено поднесување, односно неподнесување на даночна пријава и за нецелосно пријавени приходи се движи од 500 до 1.000 евра, во денарска противвредност.

Обрасците околу пријавување на годишна даношна пријава можете да ги превземете ТУКА

Извор:УЈП

Превземете ја брошурата ТУКА

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Пријавување и ослободување на персонален данок на доход

– Брошура за годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход

Препорачуваме

Партнери на Правдико