Поголема будност за терористички напади околу празниците
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Додека фокусот на домашната јавност е насочен кон постизборието и кон политичката ситуација во земјава се чини како да се занемаруваат многубројните западни предупредувања за можни терористички напади за време на новогодишните празници. Европа, регионот, но и нашите први соседи веќе ги зголемија своите безбедносни мерки за претстојниот период како резултат на последните напади во Германија и во Турција. Низата земји што веднаш воведоа мерки на претпазливост и зголемена полициска контрола на стратегиските места од нашето непосредно соседство се Хрватска, Албанија и БиХ.
Таквиот пример веднаш по нив експресно почнаа да го следат Бугарија и Србија. Засега домашните безбедносни органи не се огласија по прашањето дали Македонија ќе ги зајакне или не своите безбедносни мерки по повод претстојните новогодишни и божиќни празници. Неофицијално, некои од претставниците на дипломатскиот кор во земјава веќе побарале од Министерството за внатрешни работи да ги зголеми мерките на претпазливост и безбедност околу нивните објекти.
Стојан Славевски, професор по безбедност коментира дека токму во овој период кога низ Европа, но и во нашето непосредно соседство се случуваат терористички напади и атентати на амбасадори би требало и нашите безбедносни органи да имаат соодветен план за претпазливост.
– Политизацијата на безбедносниот сектор кај нас води кон заклучок дека нам не ни се приоритетни ваквите предупредувања за евентуални напади низ Европа, но и тука, туку напротив побитни ни се некои други работи. Наместо полицијата и преостанатите служби да се фокусираат на борбата со криминалот и тероризмот, вниманието на овие органи се одвлекува со политика и оттука се доведува во прашање безбедноста на земјата во вакви моменти. Иако, според мене,
Македонија не е директна цел на тероризам на радикалните исламистички структури, кои сѐ повеќе се активни во Европа, сепак честата смена на првите луѓе во МВР може да придонесе до послаба координација и да ни се случи некаков инцидент во таа смисла. Мојот апел е МВР, но и преостанатите безбедносни служби во претстојниот период на раздвиженост на граѓаните во земјава да се фокусираат повеќе на професионалноста, размената на информации и извршувањето на нивните задачи отколку на политиката – оценува Славевски.
Според него, во наредниот период без оглед на тоа која политичка партија ќе составува влада, ќе треба да се насочи кон имплементацијата на препораките и забелешките од извештајот на Прибе, но и во исто време да спроведе целосна деполитизација на ресорното министерство. Единствено така, според Славевски, безбедносната ситуација во земјава би била на највисоко ниво и не би можело да се наруши од надворешен фактор. Тој смета дека во наредниот период се потребни поголема будност и зајакната размена на информации како на регионално така и на глобално ниво.
Во меѓувреме во Франција, Германија, Велика Британија полицијата го засили присуството околу туристичките објекти во големите градови и густо населени места. Во Франција властите соопштија дека ќе бидат распоредени дополнителни 9 илјади полицајци и војници низ земјата, јави АФП. Според новинската агенција дополнително ќе бидат засилени мерките на безбедност и во регионот околу црквите. Во Германија федералната полиција ги засили патролите на аеродромите и на железничките станици, како и проверките во пограничните региони на земјата.
Во Британија полицијата го засили присуството крај голем број објекти што се атрактивни за туристите меѓу кои и Бакингемската палата. Вооружени полицајци, како што пренесуваат западните агенции, ќе патролираат и во трговските центри и божиќните пазари и цркви. Властите во Рим во меѓувреме го забранија влезот на камиони во центарот на главниот град на Италија во текот на божиќните и новогодишните празници, како мерка по нападите во Берлин и во Ница. Само на возила помали од 3,5 тони и на оние што носат медицински материјал и пошта ќе им биде дозволен влез во градот, пренесе Ројтерс.
Извор: Нова Македонија
Прочитај повеќе: БиХ предупредува дека илјадници џихадисти се враќаат назад кон ЕУ