Поим и карактеристики на договорот за ортаклак
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со договорот за ортаклак две или повеќе лица ортаци заемно се обврзуваат да го здружат својот имот и труд или дел од имотот и труд, заради заедничко остварување имотна корист и поделба на таа корист (во вид на добивка). Кај овој тип на договори се создаваат два вида на односи и тоа односи меѓу самите ортаци и односи помеѓу ортаците заедно како една страна и трети лица со кои ортаците стапуваат во некој облигационен однос од друга страна.
Договорот за ортаклак е формален договор, кој мора да биде склучен во писмена форма. За секоја промена на овој договор е потребна согласност од сите ортаци.
Ортаклакот може да биде склучен на одпределено или на неопределено време на траење.
Имот на ортаклакот
Имотот на ортаклакот го сочинуваат влоговите на ортаците (главнината) и имотот стекнат со работење на ортаклакот. Ортаците се сосопственици на имотот на ортаклакот.
Ортаклакот како имотна заедница има свој имот кој е составен од влоговите на ортаците кои учествуваат во создавањето на имотната заедница, како и и секој имот кој ќе го стекне со работењето на ортаклакот. При склучувањето на договорот и создавање на ортаклакот секој ортак е должен да внесе влог во ортаклакот. Ортачкиот влог може да се состои во предмети, пари, права и труд. Ако во договорот за ортаклак поинаку не е договорено, се претпоставува дека ортачките влогови се еднакви. Вредноста на ортачките влогови ја определуваат ортаците сами или ова може да го доверат на трето лице.
Секој ортак одговара за правните и материјалните недостатоци на предметот и за исправно функционирање на т.н. технички стоки, што како влог ги внел во ортаклакот.
Раководење и застапување
Правото на водење на работите на ортаклакот им припаѓа на сите ортаци. Секој ортак може без претходна согласност на другите ортаци, да ги врши работите што не ја преминуваат границата на редовно управување (работење) со ортаклакот, меѓутоа ако некој од ортаците ќе се спротивстави потребна е одлука на сите ортаци. Кога некој од ортаците ги пречекори границите на редовното управување или овластувањата што му се доверени од другите ортаци, тогаш за се што ќе направи важат правилата за работоводство без налог. Секој ортак може без претходна согласност на другите ортаци веднаш да ја изврши работата поради чие неизвршување на ортаклакот му се заканува штета која на друг начин не може да биде отстранета.
Со договорот за ортаклак може водењето на работите на ортаклакот да им биде доверено на еден или повеќе ортаци (полномошници) или на лица кои не се членови на ортаклакот.
Истапување и исклучување на ортаците
Кога договорот за ортаклак е склучен на неопределено време, ортакот може да истапи од ортаклакот во секое време освен во невреме. Ортакот е должен да го откаже своето учество во ортаклакот три месеци однапред пред крајот на пресметковната година. Од оправдани причини – како што се повреда на договорните обврски на договорот со намера или крајно невнимание, неможност за исполнување на обврските, скратување на правата да биде известен и слично, ортакот може без оглед на отказните рокови да истапи од ортаклакот и тогаш кога тој е склучен на одредено време.
Ортакот може да се исклучи од ортаклакот од оправдани причини: повреда на битните обврски од договорот за ортаклак, крајно невнимание, неможност за исполнување на обврските, скратување на неможноста на другите ортаци да бидат известени и слично. Одлуката за исклучување на ортаклакот од оправдани причини ја донесуваат другите ортаци едногласно.
На ортакот кој истапува од ортаклакот му се враќаат во натура предметите кои ги внел во ортаклакот, а му се исплаќа противвредност во пари за предметите и права, кои не можат да бидат вратени, а ако нивната вредност не е определена во договорот, онаа вредност која влогот ја имал во времето на внесување во ортаклакот. Не се враќа вредноста на влогот која се состои во дејност на ортакот. Покрај тоа, на ортакот кој истапува од ортаклакот му се исплатува во пари дел од вредноста на заедничкиот имот што останува по одбивањето на вредноста на влоговите на сите ортаци, а која сразмерно одговара на неговиот придонес во зголемување на вредноста на ортачкиот имот, освен ако поинаку не е договорено.
Поделба на добивката и загубите
Добивка е оној дел од имотот на ортаклакот кој ќе преостане по одбивањето на вредноста на ортачките влогови (главнина), заеднички долгови и трошоци. Загуба настанува ако вредноста на имотот падне под вредноста на ортачките влогови (главнината). Ортаците можат со договор да одредат како меѓу нив се делат добивката и загубата. Кога со договорот е предвидено единствено како ќе се дели добивката, истото правило ќе важи и за поделба на загубата. Ако со договорот не е предвидено како ќе се дели добивката се претпоставува дека ортаците имаат еднакво учество во поделбата, истото важи и за загубата.
Престанок на ортаклакот
Протек на време и премолчно продолжување на ортаклакот
Ортаклакот престанува со протекот на времето одредено за негово траење. Ако по протекот на времето одредено за траење на ортаклакот, ортаците продолжат да ги вршат заедно работите од ист вид се смета дека ортаклакот премолчно е продолжен за неодредено време.
Постигнување на целта
Ортаклакот престанува кога е постигната целта за која е заклучен договорот за ортаклак, како и кога постигнувањето на таа цел станува невозможно.
Оставка или отповикување на работоводителот Ортаклакот престанува со оставка или отповикување на работоводителот на ортаклакот, ако ортаците не можат да се согласат да именуваат друг работоводител.
Смрт на еден од ортаците
Ортаклакот престанува со смрт на еден од ортаците, освен ако не е договорено нешто друго. Со договор може да се предвиди дека наследниците на умрениот ортак, можат да стапат на негово место во ортаклакот, во кој случај наследниците се должни на ортаклакот да му назначат лице кое ќе ги остварува нивните права.
Престанок на правното лице
Ортаклакот престанува ако ортакот – правно лице престанал да постои со припојување кон друго право лице, со разделување на повеќе правни лица или со други статусни промени, освен ако со договор не е определено дека ортаклакот ќе продолжи со правните следбеници на правното лице.
Стечај и презадолженост Член
Ортаклакот престанува со стечај на еден – ортак правно лице. Ортаклакот престанува и тогаш кога личниот доверител на еден ортак, што не можел да го наплати своето побарување од неговиот имот, бара издвојување на неговиот дел од имотот на ортаклакот.
Губење на деловна способност
Ортаклакот престанува кога еден ортак ќе биде лишен од деловната способност.
Други причини за престанок на ортаклакот
Ортаклакот престанува и со:
– спогодба на ортаците;
– пропаѓање на заеднички имот и
– пропаѓање на предмет што како влог требал да го внесе или го внел еден од ортаците, пред или по неговото предавање во ортаклакот, ако со тоа постигнувањето на целта на ортаклакот е значително отежната.
Секој ортак може да бара од судот да изрече раскинување на договорот за ортаклак кога еден од ортаците не ги извршува своите обврски спрема ортаклакот или на било кој друг начин го оневозможува или го отежнува постигнувањето на целта на ортаклакот. Од истите причини може секој ортак да бара од судот да изрече исклучување на некој ортак од ортаклакот.
–ПРАВДИКО–