Поим на договорите склучени на далечина | Правдико

Правдико

   

Поим на договорите склучени на далечина

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

contract-executionДоговор на далечина е договор склучен меѓу трговецот и потрошувачот во рамките на организираната продажба на производи или организираното вршење на услуги од трговецот кој, во време на склучување на договорот, исклучиво користи едно или повеќе средства за далечинска комуникација.

Средствата за далечинска комуникација се оние средства кои се погодни за склучување на договори меѓу трговецот и потрошувачот без истовремено физичко присуство на трговецот и потрошувачот. Средствата , меѓу другото се: адресирани и неадресирани печатени материјали, стандардни писма, печатена реклама со формулар за нарачка, каталог, телефон со човечка или без човечка интервенција, радио, видеофон, видеотекс, телефакс, телевизија, електронска пошта и слично.

Употребата на телефонот без човечка интервенција (автоматски говорни автомати) и телефакси заради склучување на договори дозволено е само со претходна согласност од потрошувачот. Употреба на другите средства за далечинска комуникација заради склучување на договори е дозволено доколку не постои изрично спротивставување од потрошувачот.

Претходно известување

Во определен рок пред склучување на договорот, трговецот е должен да го извести потрошувачот за:

– името, фирмата, матичниот број и полната адреса на трговецот или лицето на кое потрошувачот може да ги изнесе своите приговори;
– називите на производите или услугите кои се нудат;
– главните својства на производите или услугите;
– цените на производите или услугите, вклучувајќи ги данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки;
– трошоците за доставувањето на производите;
– условите на плаќање, односно начинот на испорака на производите или давање на услуги;
– услугите кои се нудат по продажбата (сервисирање и продажба на заменливи делови);
– гаранциите кои се даваат со производот или услугата;
– правата на потрошувачот за раскинување на договорот од членот 92 на овој закон и рокот за раскинување;
– ситуациите во кои е исклучено правото на потрошувачот за раскинување на договорот;
– претпоставките и постапките при отказот на договорите склучени на неопределено време или за период подолг од една година;
– трошоците за употреба на средства за далечинска комуникација кога тие не се вклучени во основната цена;
– периодот во кој понудата и цената се валидни и
– ако се работи за договори за континуирана набавка на производи или договори за континуирано давање на услуги, за најкусото време за кое трговецот е согласен да го склучи договорот.

Известувањето  мора да содржи јасно истакната комерцијална намера на трговецот, односно мора да биде едноставно, јасно, лесно разбирливо, односно прилагодено на средствата за далечинска комуникација кои се употребуваат. Во случај на употреба на телефон, идентитетот на трговецот, како и комерцијалната цел на повикот мора да бидат изрично наведени при започнување на разговорот со потрошувачот.

На потрошувачот мора да му биде предадена потврда за претходното известување писмено или преку некој друг за потрошувачот достапен медиум навремено во текот на исполнувањето на договорот, а најдоцна во моментот на испораката на производот, односно најдоцна на денот на давање на услугите. Потврдата за претходно известување мора да ги содржи сите податоци кои ги содржи претходното известување.

tearing-contract1-300x200Право на раскинување на договорот

Секој договор склучен со средствата за далечинска комуникација, потрошувачот може да го раскине без да бара исполнување и без да наведе причини за тоа, во рок од осум работни дена. Во случај на раскинување на договори за продажба на производи, рокот  почнува да тече од денот кога потрошувачот го примил производот, под претпоставка пред тоа на потрошувачот да му била доставена потврда за претходно известување, а во случај на склучување на договор за давање на услуги, рокот  почнува да тече од денот на склучување на договорот, а доколку до моментот на склучување на договорот на потрошувачот не му била доставена потврда за претходно известување, од денот на приемот на потврдата за претходно известување.

Договорот се раскинува со писмено известување за раскинување испратено до трговецот. Договорот е раскинат во моментот кога трговецот го примил известувањето за раскинување.

Во случај на раскинување на договорот, потрошувачот е должен на свој трошок да му го врати производот на трговецот. Потрошувачот не одговара за штета која трговецот ја претрпел поради раскинување на договорот.

Трговецот е должен, во рок од 30 дена од денот на приемот на писменото известување за раскинување на договорот, да му го врати на потрошувачот целокупниот износ којшто потрошувачот до моментот на раскинување на договорот го платил врз основа на договорот, освен директните трошоци за враќање на производите.

Овие правила не се применуваат на  договори за:

– набавка на прехранбени производи, пијалаци или друга стока наменета за секојдневна употреба, испорачана до домот на потрошувачот, до неговото место на живеење или на работното место од страна на редовни доставувачи и

– давање услуги за сместување, транспорт, угостителски или слободни активности кои давателот на овие услуги презел обврска да ги обезбеди на одреден датум или во одреден период.

Злоупотреба на кредитна картичка на потрошувачот од страна на трговецот

Доколку трговецот со измама ја искористи кредитната картичка на потрошувачот со која потрошувачот го плаќа договорениот производ или услуга, односно на нејзин товар го изврши плаќањето кое што не е во врска со договорот на далечина којшто го склучил со потрошувачот, потрошувачот има право да бара поништување на налогот за плаќање. Доколку плаќањето е веќе извршено, потрошувачот има право да бара од трговецот враќање на платениот износ зголемен за затезната камата.

Забрана за испраќање на производи без порачка од потрошувачот

Не е дозволена испорака на производи на потрошувачот или извршување на услуги кои потрошувачот претходно не ги нарачал кога ваквата набавка содржи и барање за плаќање. Одредбата во трговските општи услови на работење или понуди испратени без претходна порачка од потрошувачот, според која молчењето на потрошувачот би значело прифаќање на понудата е ништовна.

Претходно наведените права и обврски на договорните страни не се однесуваат  на договори:

– за финансиски услуги, како на пример, инвестициони услуги, услуги на осигурување и реосигурување, банкарски услуги и тргување со хартии од вредност;
– склучени со помош на автомати за продажба;
– склучени преку телекомуникациски оператори со употреба на јавни телефонски говорници;
– склучени за градење и продажба на недвижен имот или кои се однесуваат на другите права врз недвижниот имот, освен договори за закуп;
– кои имаат за цел стекнување на право на недвижности, освен договори за наем и
– склучени по пат на јавни набавки.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико