Појаснувања околу новите овластувања на адвокатите во постапките пред нотарот | Правдико

Правдико

   

Појаснувања околу новите овластувања на адвокатите во постапките пред нотарот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

lawyerДосегашниот Закон за нотаријатот покажа одредени недоречености, кои предизвикуваат различно толкување кај нотарите и оставаа можност за различно постапување. Потребата на донесување на нов предлог закон беше неопходно за решавање на големиот број пропусти во постоечкиот, и зголемување на правната сигурност кај граѓаните пред постапките пред нотарот.

Како новина во предлог Законот за нотаријатот  се предвидува присуството на адвокати при составувањето на нотарски исправи и изготвувањето на приватни исправи од адвокати со адвокатски печат и потпис кои потоа ќе се потврдуваат од нотар, кое учество на адвокати зависи од вредноста на предметот на службеното дејствие кое се презема, изготвување на предлозите за донесување на решение за нотарски платен налог како и редовните правни лекови од страна на адвокати,како и присуството на адвокати во постапката за расправање на оставина пред нотар. Ова се воведува со цел зголемување на правната сигурност на странките во постапката пред нотар.

Во предлог Законот за нотаријатот стои:

Составување на нотарски акти

При составувањето на нотарскиот акт, кога вредноста на предметот на службеното дејствие го надминува износот од 20.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително е учество на адвокат во својство на полномошник за секој од странките, како и употреба на адвокатски печат и потпис на нотарскиот акт. Задолжителното учество на адвокат во постапката е неопходно за обезбедување на целосна правна сигурност на граѓанинот при соствуње на нотарски акти од поголема вредност. За нотарските акти под 20.000 евра не е задолжително учество на адвокат во постапката

Доколку една од странките е Република Македонија, банка, осигурително друштво или лизинг компанија задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник само за останатите странки. Доколку некоја од странките не обезбеди адвокат во својство на полномошник, нотарот ќе побара од Адвокатската комора на Република Македонија да назначи адвокат од листата на адвокати која ја составува Адвокатската комора на Република Македонија.

Потврдување на приватни исправи

Ако не е во прашање правна работа за која според овој или друг закон е задолжително постоење на нотарски акт, странките можат приватната исправа за правната работа да ја потврдат кај нотар. Приватната исправа од , задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија. Сите приватни исправи  под 10.000 евра не е задолжително да бидат со адвокатски печат и потпис.

Договори за купопродажба и предоговори за купопродажба

Договорот за купопродажба и преддоговорот за купопродажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително треба да го состави адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис, без оглед дали ќе се потврдат или завери потпис на истите.

Доколку странките за ваквите договори побараат издавање на нотарски акт, при составувањето на нотарскиот акт задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од странките, како и употреба на адвокатски печат и потпис на нотарскиот акт. Барањето за издавање на нотарски акт странките до нотарот го поднесуваат во писмена форма. Она што треба да се напомене е дека нотарите немаат овластување за составување договори, туку тоа е во ексклузивна надлежност на адвокатите. Секое составување на договор од страна на нотар претставува надриписарство и ја става во прашање правната сигурност на странките кои го склучуваат таквиот договор, кој некогаш се дава и во облик на образец.

Издавање на решение за нотарски платен налог

Предлогот за донесување на решение за издавање на нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на клаузулата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на клаузулата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис.

За вршењето на работите од постапката за донесување на решение за издавање на нотарски платен налог, нотарот има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Нотарската тарифа, а адвокатите согласно Адвокатската тарифа на Република Македонија. Наградата и надоместокот на трошоците кои доверителот му ги платил на нотарот и адвокатот се трошоци на постапката кои треба должникот да му ги плати на доверителот. Нотарот и адвокатот се должни на доверителот да му дадат пресметка за наплатената награда и трошоци.

Расправање на оставина

При расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секоја од странките. Воведувањето на присуството на адвокат е со цел учесниците во постапката да бидат информирани за сите последици од нивните изјави како и нивните права кои можат да ги остварат во таа постапка. Досегашната пракса укажа на доста недостатоци и неинформирање на граѓаните за последиците кои може да настанат по правосилноста на решението од нотарот. Во овие постапки нотарот само ја спроведува постапката, додека правните совети и подучување на странките е во исклучива надлежност на адвокатите.

Трошоци во постапките

Доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително составување на приватна исправа или предлог од адвокат и употреба на адвокатски печат и потпис или е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците на нотарот за преземање на соодветното правно дејствие пропишана со Нотарската тарифа.

Нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од новиот предлог закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите. Според ова за истата цена кои до сега ја плаќале граѓаните пред нотарите ќе добијат поголема правна сигурност при учество во овие постапки. Дополнителни трошоци не постојат, туку се ќе биде во рамки на досегашните трошоци кои ги наплатуваше нотарот.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико