Политички и судски имунитет | Правдико

Правдико

   

Политички и судски имунитет

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

wwwqqqИмунитетот за политичарите е стар колку и политиката. Тоа е општоприфатена форма за заштита на високите јавни личности и на судиите.Меѓутоа, дебатата околу степенот на овие имунитети е многу поларизирана. Според некои, принципот на имунитет ја заштитува слободата на изразување во законодавството, срцето на демократскиот систем. Според други, пак, имунитетот активно ги поткопува темелите на демократијата – еднаквоста пред законот.

Иако принципот на слобода од одговорност или слобода на говор обично е прифатен и не е контроверзен, сè повеќе се оспорува таканаречениот “принцип на неприкосновеност” (не се лишува од слобода).Во Стариот Рим, опструирањето на работата на трибуните со себе повлекувало егзекуција, а во поново време,  парламентарниот имунитет е наречен анахрон, односно спротивен на фундаменталните принципи на современото уставно право. Наспроти ваквите критики стојат изјавите на оние кои аргументираат дека, и покрај постоечките аномалии, сè уште се валидни причините кои првично беа за воведување на парламентарниот имунитет во современите устави. Како резултат на оваа дебата, некои земји следени од своите законодавни тела – ги реформираат своите правни постапки и ги менуваат практиките, така што се наметнуваат ограничувања врз опсегот на неприкосновеноста.

По правило, имунитет нема да биде доделен доколку:

а) пратеникот се наоѓа во притвор или против него е покрената кривична постапка пред да биде потврден неговиот мандат; или

б) пратеникот е фатен на дело, при извршување на кривично дело што е казниво со казна затвор над пет години; или

в) пратеникот не побарал имунитет.

Во сите претходно споменати случаи и во сите други случаи, ќе се применуваат следниве постапки:

a) за секое наводно кривично дело ќе се постапува посебно, врз основа на известување или барање од страна на надлежното тело;

б) ќе се определат функциите на пратеникот за кој станува збор;

в) ќе се процени дали давањето имунитет е од суштинска важност за пратеникот да може да ја извршува својата функција; и

г) по правило, имунитетот нема да се доделува, а со тоа секоја одлука за доделување имунитет ќе биде добро основана.

ШЕФОТ НА ДРЖАВАТА И НА ВЛАДАТА

Покрај законодавците, шефот на државата обично има имунитет додека трае неговиот мандат . Уставите обично предвидуваат поведување постапка за отповикување на претседателот, а тешките кривични дела  претставуваат добра основа за тоа. Оттука, може да се потврди дека постои лек, но тој обично се наоѓа кај законодавецот, а не во судството.

ДРУГИ ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ

Постојат класи функционери кои уживаат личен имунитет за своите службени постапки. Тоа, едноставно, значи дека тие не можат лично да бидат тужени за грешките што можеби ги направиле за време на нивната работа. Лекот за оштетениот граѓанин е во тоа да го тужи својот работодавец, односно да ја тужи државата. Меѓутоа, не постои валидна причина зошто ваквиот имунитет би се проширил за да ги опфати личниот живот и приватните деловни активности на овие лица.

СУДИИ

Судиите претставуваат посебен проблем. Тие обично имаат имунитет доколку се тужени за грешки што можеби ги сториле при нивното судење (на пример, за надминување на нивната јурисдикција), а со цел да бидат заштитени од политички притисоци, и обично имаат имунитет од кривично гонење, освен ако имунитетот не им биде одземен. Во случајот со Естонија, прегледот на ГРЕКО препорача секоја одлука за одземање на неприкосновеноста на судиите да биде донесена без политичко влијание. Тоа треба да биде одлука што ќе се темели врз барањето на обвинителот, поддржано од страна на Врховниот суд.  Според естонскиот Устав, постапката за одземање на имунитетот на судиите го вклучува или претседателот на Републиката или Riigikogu (законодавното тело).

Законот за судовите, донесен во 2002 година, ги воспоставува правилата за покренување кривични обвиненија против судиите во обата случаја. Нивната цел е да се гарантира дека никакво политичко влијание нема да се ефектуира врз каква било одлука за одземање на имунитетот и дека таквата одлука ќе се базира врз  барањето од обвинителот, поддржано од Врховниот суд. Меѓутоа, сè уште постои потреба да се добие  согласност од страна на парламентот, за да се покренат обвиненија против претседателите на судовите и судиите, или согласност од страна на претседателот за да се покренат обвиненија против некој виш судија.

ОБВИНИТЕЛИ

Посебно внимание треба да им се посвети на ризиците од имунитетот на обвинителите. Во некои земји, имунитетот на обвинителите е дефиниран премногу општо. Ова ја поткопува способноста на обвинителите да функционираат како бранители на јавниот интерес, а во некои случаи доведува до корумпирани партнерства меѓу обвинителите и водечките личности од подземјето. Во некои земји, како во Бугарија, до неодамна  обвинителите беа буквално  недопирливи“, што ја разгоре широко распространетата јавна критика и  меѓународниот притисок за реформи. Водечките невладини организации во оваа земја препорачаа  ограничување на ваквиот имунитет по пат на структурни реформи, како и зајакнување на внатрешните контроли и зголемување на транспарентноста во судството, воопшто .

ПРИМЕР ЗА ДОБРА ПРАКТИКА

Во Холандија, опсегот на парламентарниот имунитет е многу мал. Од 1884 година наваму, во однос на  кривичните и на правните постапки, холандските законодавци се ставени на исто ниво како и обичните граѓани. Привилегијата се однесува само на принципот на слобода од одговорност, а тоа ги опфаќа само дејствата кои се експлицитно сврзани со парламентарниот мандат. Според тоа, холандските пратеници се заштитени само за мислењата што ги искажуваат и за гласањето при извршувањето на службените должности.  Ова право е апсолутно и неограничено. Парламентот нема никаква улога во одрекувањето од имунитетот на неговите членови. Наместо тоа, веќе 150 години по ваквите предмети пресудува Врховниот суд. Денес нема потреба од правни постапки за одрекување од привилегијата.

Воспоставувањето јасен и спроведлив стандард за политичкиот имунитет е суштинска компонента насекоја национална кампања за борба против корупцијата, особено во земјите каде што привилегиите и заштитата попречуваат важни истраги. Намалувањето на прекумерните овластувања и на злоупотребите сврзани со политичкиот имунитет претставуваат иницијатива преку која се гради довербата во еден демократски систем. Со тоа се демонстрира довербата во објективната способност на институциите, како и високиот степен на политичка волја за одговорност.

Секако, од  уштествено значење е имунитетите и привилегиите да бидат тесно дефинирани и да не отстапуваат премногу од принципот на еднаквост пред законот. Загрижувачки е тоа што трендот во многу земји е токму спротивното – да се иницира законодавство коешто ќе го зголеми опсегот на политичкиот имунитет, со цел да се избегнат или да се пренасочат истрагите за нечесните активности на политичките лидери.

Извадок од: Најдобри практики во борба против корупцијата www.osce.org

Препорачуваме

Партнери на Правдико