Полицијата го тресе наркоподземјето
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Поднесени неколку кривични пријави против дилери, поднесен обвинителен акт, отворени истраги, растурена организирана криминална мрежа и запленети поголеми количества дрога се дел од напорите што ги презедоа надлежните институции во Македонија само во текот на овој месец во насока на сузбивање на криминалот со дрога.
Судејќи според зачестеноста на ваквите случаи, бизнисот со наркотици е еден од најзастапените во криминалните кругови во земјава. Слична е ситуацијата и во меѓународни рамки, за што посведочи и последната статистика на Европол, која покажа дека на Стариот континент во моментов има активни најмалку пет илјади организирани криминални групи. Повеќе од една третина од нив се занимаваат со производство и трговија на дрога.
Кога станува збор за споменатите истраги во Македонија, информациите за последните случаи викендов ги соопштија од Министерството за внатрешни работи. Двајца скопјани добија притвор од осум, односно 30 дена откако полицијата против нив поднесе кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според полициските информации, во домот на девојката на едниот од нив, каде што тој живеел, при претрес биле пронајдени над 200 грама исушена марихуана и семки во три кеси, околу осум милилитри масло од хашиш и две ваги со остатоци од марихуана.
– Пријавениот, кој е познат дилер на наркотични дроги, во текот на овој месец дрогата ја набавил од засега непознати лица, ја препакувал и почнал да им ја продава на уживатели од Скопје – велат од МВР.
Во домот на другиот осомничен, пак, биле пронајдени 12 полиетиленски кесички за улична продажба, три тегли и кутија цигари во која имало марихуана, како и семки и дигитална вага со остатоци од различни опојни дроги. Како што соопшти полицијата, и тој во текот на месецот ја набавил дрогата и ја препакувал со намера да ја продава низ главниот град.
Пред десетина дена, од МВР информираа и за друг случај. Во рамките на оперативната акција „Мрежа“ тогаш беше сузбиена организирана криминална група што на национално ниво се занимавала со продажба на наркотични дроги. Акцијата се спроведе во Прилеп, Битола и во Скопје и беа запленети 700 грама хероин, 250 грама кокаин, околу десет килограми марихуана и 570 таблети екстази. Како што соопштија тогаш, беа приведени шест лица, а двајца биле недостапни.
Покрај полицијата, со своите активности месецов не заостана ниту Царинската управа на Македонија. Нејзините инспектори во соработка со МВР на граничниот премин Блаце минатата недела запленија 20 килограми марихуана. Дрогата требало да се прошверцува од Косово во Македонија, била скриена во комбе со македонска регистрација, кое го возел наш државјанин.
– При прегледот на возилото, во задните врати на комбето, помеѓу лимот и тапацирот, поточно во левата и десната задна врата, под тапацирот на левото и десното задно крило и во внатрешноста на моторот биле пронајдени 42 пакувања, со вкупна тежина од околу 20 килограми – соопштија од царината.
Помеѓу последните преземени мерки се и оние на јавното обвинителство. Оттаму во петокот соопштија дека е отворена истрага против три лица. Едното од нив купило марихуана и се договорило со второто лице да посредува при продажбата. Според информациите од обвинителството, ангажираниот посредник ја договорил продажбата со третото лице, а, наместо пари, купувачот требало да им даде автомобил БМВ.
Кога посредникот ја зел дрогата од првиот и требало да му ја однесе на купувачот, го сопрела полиција на локалниот пат помеѓу селата Одри и Џепчиште.
– По извршен преглед во возилото, во делот кај патосницата од совозачкото седиште, пронајдено е едно поголемо правоаголно пакување со проѕирна фолија, во кое имало наркотична дрога марихуана со вкупна нето-тежина од еден килограм – известија од обвинителството, додавајќи дека до судот е поднесен предлог за определување мерка притвор за сите три лица.
Исто така, на почетокот на март од Основното јавно обвинителство информираа и дека поднеле обвинителен акт против тројца од четворица членови на криминална група што е обвинета дека била вмешана во меѓународна трговија со дрога.
Четвртиот член, пак, уште во текот на истражната постапка се спогодил и добил затворска казна од четири години и два месеца.
– Четиричлената група организирала влез на сто килограми марихуана од Република Албанија и ја чувала во Скопје, во домот на еден од обвинетите. Дрогата била наменета за наркопазарот во Република Турција, до каде што требала да биде пренесена илегално – потсетија надлежните.
Зошто трговијата со дрога е толку застапена не само кај нас туку и во Европа, според познавачите, причината е во големата заработка. Во прилог на оваа теза одат и процените на Европол дека бизнисот со производство, дистрибуција и продажба на криминалците во европското подземје им носи годишен профит од најмалку 24 милијарди евра.
Затоа и криминалните мрежи се обидуваат да го прошират својот бизнис и, како што се вели во последниот извештај на европската полиција, дури 75 отсто од организираните групи што се во наркобизнисот тргуваат најмалку со два вида дрога.
Во оваа насока, во последната публикација од Европол потсетија и оти нелегалната марихуана останува неприкосновено најкористена дрога во Европа. Тука се и значително поскапите или т.н. елитни дроги, како кокаинот и хероинот.
Освен за добропознатите, оттаму исто така искажуваат загриженост и за новите синтетички дроги, од кои повеќето се произведуваат токму на европската територија, потсетувајќи дека во последните пет години само во ЕУ првпат биле откриени точно 419 нови психоактивни супстанции.
Извор: Нова Македонија