Полицијата ќе добие надворешна контрола | Правдико

Правдико

   

Полицијата ќе добие надворешна контрола

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Надворешна институција или комисија ќе ја контролира работата на полицијата, функција што сега ја врши Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, најавува висок извор од МВР.

poli5000

Kонечниот модел ќе се утврдува во консултација со експерти, но можно е сегашниот Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди да се одвои од МВР, да се формира нова институција, слична на полициски омбудсман од некои европски држави, или да се формира посебна комисија за надзор над работата на полицијата.

– Се проценува дека се создадени сите предуслови за понатамошно осамостојување на контролата врз работата на полицијата. Досега најголема пречка беше тоа што не постоеја соодветни процедури за соработка на полицијата со одредени институции, недоволно дефинирани законски надлежности, немање точно дефинирани обврски и методи за работа. Според нашите процени, сега односите меѓу полицијата и јавните и други институции се доволно регулирани за да се овозможи надворешно тело да ја врши оваа контрола – вели висок извор од МВР.

Според Иво Kотевски, помошник за односи со јавноста на министерот за внатрешни работи, сегашниот модел на внатрешна контрола во МВР е комбинација на два вообичаени модели што се применуваат низ светот.

– Во принцип има три модели на контрола врз полицијата. Целосна внатрешна контрола, каде што ова тело е дел од полицијата, надворешни тела за надзор врз работата на полицијата, како полициски правобранител, и нашиот актуелен систем, каде што внатрешната контрола е дел од МВР, но е одвоена од полицијата, односно од Бирото за јавна безбедност и му е директно потчинета на министерот, односно на цивилната контрола – вели Kотевски.

Според него, и системот на целосна внатрешна контрола и системот на контрола од независна институција имаат и добри и лоши страни.
Предност на внатрешната контрола е што службениците најдобро ја знаат полициската работа и нејзините добри и лоши страни, но и начините на кои може да се заобиколи процедурата. Најважно, нагласува Kотевски, е што тие службеници имаат полициски овластувања и техники на работа. Лошата страна е тоа што во голем број случаи токму поради блискоста со полицијата не уживаат голема доверба во јавноста и кај другите институции.

Во институциите за надворешна контрола постои поголема доверба кај јавноста и кај другите институции, но, од друга страна, тие не секогаш располагаат со сите инструменти за докажување на претставките и поплаките, а соработката со полициските служби не секогаш е на соодветно ниво, вели Kотевски.

Секторот за внатрешна контрола во МВР е комбинација на двата модела, објаснува Kотевски. Покрај него, за контрола над работата на полицијата се надлежни и Народниот правобранител и неколку собраниски комисии.

Идниот модел за контрола врз полицијата, според Kотевски, треба да се утврди во соработка со Собранието и експертите од областа, но ќе произведе независно тело, кое треба да се вклопи во системот за контрола над полицијата.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико