Пораз за Тереза Меј во британскиот Горен дом | Правдико

Правдико

   

Пораз за Тереза Меј во британскиот Горен дом

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Пораз за премиерката Тереза Меј. Домот на Лордовите донесе одлука за промени во нејзиниот закон за Брегзит. Временскиот план за излегувањето на Велика Британија од ЕУ сега би можел да биде забавен.

Мнозинство на членовите на Домот на лордовите гласаше за амандманот со кој во законот за Брегзит се гарантираат правата на странците од Европската унија кои живеат во Велика Британија. За премиерката Тереза Меј ова претставува барем симболичен пораз. Долниот дом на парламентот го прифати нејзиниот закон за Брегзит без промени. Во Горниот дом нејзината конзервативна партија нема сопствено мнозинство.

Поради амандманот на Горниот Дом сега законот за Брегзит мора повторно да биде вратен во Долниот дом и таму одново да се расправа за него. Со тоа се одложува конечното усвојување на законот. Се очекува, меѓутоа, дека Долниот дом ќе го отфрли амандманот на Домот на лордовите и оти Горниот дом на крајот ќе попушти. Пред гласањето во Домот на лордовите, Тереза Меј меѓутоа увери дека нема ништо да се промени во временскиот план за Брегзит.

Познавачите на состојбите меѓутоа проценуваат дека временскиот план за Брегзит ќе претрпи задоцнување од најмалку една недела.

Лондон е против еднострани гаранции

Лондон одбива да даде еднострани гаранции за граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија. Тоа би требало да се случи во рамките на договор, во кој истотака ќе бидат утврдени и правата на Британците во Европската Унија. Во Велика Британија живеат околу три милиони граѓани на ЕУ. Речиси еден милион Британци пак живеат на континентот. Британците на референдумот во јуни минатата година со тесно мнозинство се изјаснија за истапување на нивната земја од ЕУ. Тереза Меј вети дека пред 31 март годинава ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, со што ќе бидат покренати двегогодишните преговоти со ЕУ за условите за излегување на Велика Британија од Унијата.

Извор: Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико