Последици од давање и примање поткуп | Правдико

Правдико

   

Последици од давање и примање поткуп

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

timthumbБорбата со корупцијата во меѓународни рамки е доста актуелна, од причина што самата корупција со своите појави и облици претставува голема пречка во остварувањето на основните начела, а тоа е владеење на правото и правната држава. Поткупот е типично коруптивно кривично дело кое во Кривичниот законик на Република Македонија се јавува во два облици и тоа како примање и давање поткуп. 

Примање поткуп

Кривичното дело примање поткуп настанува кога службено лице кое директно или индиректно ќе побара или ќе прими подарок или друга корист или ќе прими ветување за подарок или друга корист за себе или за друг за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Во овој случај станува збор за поткуп на службеното лице да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши односно да не изврши службено дејствие што службеното лице било должно да го изврши. Важен елемент во ова кривично дело е  самото службено дејствие кое треба да биде во рамките на службените овластувања кои ги има службеното лице. Доколку службеното лице прими подарок за извршување на  дејствие кое не е службено и кое е надвор од неговите службени овластувања тогаш не постојат елементи за кривично дело.

Судска пракса: Сторител на кривичното дело Примање на поткуп од членот 357 ставот 1 од КЗ, може да биде службено лице и наведените лица во ставот 4 на овој член, доколку конкретното службено дејствие, кое не би смеел да го изврши или не го извршил, а морал да го изврши, спаѓаат во рамките на неговото службено овластување. (Пресуда на Апелационен суд Битола, Kж. бр. 162/2007)

Предвидена казна за вавиот тип на примање поткуп е казна затвор од четири до десет години.

moneyИсто така за примање на поткуп се смета и кога службено лице кое директно или индиректно ќе побара или ќе прими подарок или друга корист или ќе прими ветување за подарок или друга корист за себе или за друг, за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејствие што би морало да го изврши, или да не изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши. За разлика од претходниот облик на примање поткуп овде примањето на поткуп се врши за определено дејствие кои и така мора да се изврши, односно да не изврши дејствие кое и така  не смее да се изврши. Во овој случај е предвидена казна затвор од една до пет години.

Службено лице кое по извршувањето или неизвршувањето на службеното дејствие во врска со него ќе побара или ќе прими подарок или друга корист, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Отежителна околност  постои во случаите кога со примањето поткуп  е прибавена поголема имотна корист, за што е предвидена казна  затвор од најмалку четири години, а доколку со примањето поткуп е прибавена значителна имотна корист од поголеми размери, службеното лице ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Исто се казнува  и одговорното лице кое врши работи од јавен интерес, одговорно лице во странско правно лице, како и странско службено лице ако делото е извршено со повреда на неговите овластувања, во врска со стекнување, остварување или одземање права утврдени со закон или заради стекнување корист или нанесување штета на друг. Примениот подарок или имотната корист ќе се одземат.

mitaДавање поткуп

За кривичното дело давање поткуп ќе одговара тој што директно или индиректно на службено лице ќе му даде, вети или ќе му понуди подарок или друга корист за него или за друг за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Иста одговорност има и лицето кое посредува во давањето на поткупот. Делото е извршено со самото давање или ветување на подарокот, без разлика дали службеното лице го примило подарокот или понудата. Самото давање на поткуп претставува потикнување  и наведување на службеното лице да врши незаконски дејствија спротивни на неговото службено овластување. Во овој случај предвидена е казна затвор од една до пет години.

Исто така за давање поткуп одговара и тој што директно или индиректно на службено лице ќе му даде, вети или ќе му понуди подарок или друга корист за него или за друг за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејствие што би морало да го изврши или да не изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.Иста одговорност има и лицето кое посредува во давањето на поткупот. Овој облик на давање поткуп се однесува за  вршење на определено дејствие кое и така мора да се изврши, односно неизвршување на  дејствие кое и така  не смее да се изврши. Ваквиот облик на давање поткуп е казнив со парична казна или со затвор до три години. Дадениот подарок или имотна корист ќе се одземат.

Одредбите за кривичното дело давање поткуп се применуваат и кога поткуп е даден или ветен на одговорно лице,одговорно лице во странско правно лице, лице кое врши работи од јавен интерес и странско службено лице,  во врска со кривичното дело примање поткуп.

Ослободување од одговорност

За кривичното дело давање поткуп нема да се казни тој кој дал или ветил поткуп по барање од службено лице и тоа го пријави пред да дознае дека делото е откриено.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико