Последици од лажно пријавување на кривично дело
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во Кривичниот законик на Република Македонија, лажното пријавување е предвидено како кривично дело за кои се предвидени ригорозни казни, а со цел избегнување на злоупотреба и изигрување на правосудството. Согласно член 366 став 1: ,,Тој што ќе пријави друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, а знае дека не е сторител, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.
Самата пријава најпрво треба да стигне до Јавниот обвинител и да се однесува за дело кое се гони по службена должност, при што лицето кое пријавува во моментот на пријавувањето да знае дека пријавениот не е сторител на кривичното дело. Истото се однесува и кога пријавата е насочена спрема некое лице со која се сака да се претстави како соизвршител или соучесник на некое кривично дело.
Покрај директниот начин на лажно пријавување со поднесување на кривична пријава до јавниот обвинител, постои и индиректно пријавување и тоа со предизвикување на поведување казнена постапка, со подметнување траги или предмети на кривично дело. Во ставот 2 од истиот член: ,,Тој што со подметнување траги или предмети на кривично дело или на друг начин ќе предизвика поведување на кривична постапка за кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност против лице за кое знае дека не е сторител ќе се казни со затвор од една до три години“. Овде станува збор за поинаков начин на пријавување преку подметнување траги или предмети на кривично дело или предизвикување на поведување на кривична постапка на некој друг начин.
Подметнувањето на траги и предмети може да се изврши на различни начини со кои би се создало една фингирана слика дека одредено лице сторило кривично дело или било соучесник или соизвршител на истото. Како последица која се јавува од подметнувањето е предизвикувањето на поведување казнена постапка за дело што се гони по службена должност.
Во ставот 3 од истиот член предвидена е санкција и за лажно самопријавување, така што оној што ќе пријави дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена должнот, иако не го стори ќе се казни со парична казна или со затвор до три месеци. Лажното самопријавување може да настане дури и со подметнување на траги или предмети со кои ќе се иницира покренување казнена постапка против самиот себеси но и во текот на веќе започната постапка. Побудите можат да бидат различни како што е добивање на публицитет, заштитутвање на вистинскиот сторител, обструкции и насочување на истрагата во погрешен правец и слично.
Како последно дело на лажно пријавување од овој член е лажното пријавување на сторено кривично дело. За ова дело со парична казна или со затвор до три месеци ќе се казни и тој што ќе пријави дека е сторено кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, иако знае дека тоа дело не е сторено. За остварување на ова дело потребна е директна умисла дека делото не е сторено, додека пак пријавувањето на кривично дело со основани сомненија дека е сторено кривично дело, со што таквите сомненија ќе бидат поткрепени со докази во пријавата, нема да се смета како лажно пријавување и не повлекува одговорност.
Самото лажно пријавување може да повлече и граѓанска одговорнсот за клевета, доколку со лажното пријавување се сака да се повреди честа и угледот на некое лице, при што сторителот на кривичното дело може да одговара и за надомест на штета според одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии: