Злоупотреба на службената должност и нејзино санкционирање
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со цел да се овозможи владеење на правото, и ограничување на моќта на државната власт, Кривичниот законик на РМ, предвидел кривични дела против службената должност. Овој тип на кривични дела се карактеристични по тоа што се вршат во вршење на службената должност од страна на службените лица , кој злоупотребувајќи ги своите јавни и службени овластувања, вршат кривични дела кои спаѓаат во кругот на нивните овластувања или преку искористување на нивната положба, за преземање на дејствија кои се надвор од нивните овластувања.
Како службени лица според Кривичниот законик се сметаат:
а) претседателот на Република Македонија, поставените амбасадори и други претставници на Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија, избран или именуван функционер во и од Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и други органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамките на правата и должностите на Републиката, во единиците на локалната самоуправа, како и лица кои постојано или повремено вршат службена должност во овие органи и организаци;
б) државен службеник кој врши стручни, нормативно-правни, извршни, управно-надзорни работи и управни работи во согласност со Уставот и со закон,
в) овластено лице во правно лице на кое со закон или со друг пропис донесен врз основа на закон му е доверено вршење на јавни овластувања, кога должноста ја врши во рамките на тие овластувања,
г) лице кое врши определени службени должности врз основа на овластување дадено со закон или со други прописи донесени врз основа на закон,
д) воено лице кога се во прашање кривични дела кај кои како извршител е означено службено лице и
ѓ) претставник на странска држава или на меѓународна организација во Република Македонија.
Злоупотреба на службената положба и овластување
Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Ова се однесува на секое однесување на службеното лице кое злоупотребувајќи ја својота положба, со пречекорување или неизвршување на службената должност, сака да прибави имотна корист или на некому да му нанесе штета. За сторување на ова кривично дело потребно е умисла и сторителот да знае дека врши злоупотреба и искористување на својата положбам дека врши пречекорувањето или неизвршувањето на својата службена должност.
Како отежителна околност е кога сторителот прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години,
Доколку имотната корист или штетата е значителна и е од поголеми размери тогаш сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
Со истата казна ќе одговара и одговорното лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.
Во случаите кога делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
Во рамките на ова кривично дело како примери можат да се наведат: фалсификување на службени исправи, злоупотреба на положба за свои лични цели, прибавување имотна корист во рамки на службата, неизвршување на дејствија кои службеното лице е должно да ги извршува, постапување надвор од границите на овластувањата на службеното лице и слично.
Под поимот службена должност, покрај државните органи, овој поим се однесува и за правните лица со јавни овластувања како што се јавните претпријатија, социјалните, комуналните и други јавни служби.
–ПРАВДИКО–