Последна седмица за договор за изборните правила
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Преговорите околу новите измени во Изборниот законик почнаа пред околу два месеца, а еврокомесарот Хан го определи 6 октомври како последен рок за нивна завршница.
На четирите најголеми партии им остана уште најмногу една седмица да ја договорат изборната регулатива што ќе се применува за претстојните предвремени парламентарни избори, чие одржување е зацртано со политичкиот договор за излез од кризата. Следната среда – 6 октомври е последниот термин за постигнување договор за содржината на Изборниот законик, што го одреди еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, при неодамнешниот престој во Скопје. Тоа, сепак, значи извесно пробивање на рокот, бидејќи претходно токму денешниот ден – 30 септември се споменуваше како последен датум за договор за изборните правила, за да се отвори пат за исполнување на другите обврски од договорот од Пржино, кои се исто така врзани со термини.
Преговорите околу новите измени во Изборниот законик почнаа пред близу два месеца, а според информациите, се’ уште постојат значителни разногласија меѓу партиите. Досега, особено тешко се одвиваа разговорите околу гласањето на дијаспората и евентуалната промена на изборниот модел, што, според информациите, сепак, не е приоритетно прашање во овој момент и може да остане отворено за следните избори. Од друга страна, работните групи се пред договор за начинот на прочистување на избирачкиот список и за состанок на ДИК.
Паралелно со разговорите за составот на ДИК, партиските работни групи ги почнаа неодамна и преговорите за регулација на медиумите, за што треба да се постигне договор до 15 октомври. Пет дена подоцна, на 20 октомври, според „роковникот“ од договорот од Пржино, во неколку владини ресори треба да бидат назначени нови министри и заменик-министри со врзан потпис од редовите на СДСМ. Исто така, владејачката ВМРО-ДПМНЕ до овој термин треба да определи свои кадри за заменици во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, кои до изборите ќе бидат под контрола на опозицијата. Новата влада, пак, треба да биде избрана на 15 јануари или 100 дена пред одржувањето на изборите. (А.М.М.)
Што треба да договорат партиите до 6 октомври
– Модифицирање на составот на ДИК, преку вклучување експерти и зголемување на надлежностите и овластувањата на Комисијата
– Изборниот модел за парламентарни избори: дали ќе остане пропорционалниот систем во шест региони или ќе се намали бројката на изборни единици
– Начинот на гласање и бројот на мандати од дијаспората
– Техника на гласање: најверојатно со отпечаток од прст
– Прочистување на избирачкиот список: најверојатно преку теренска проверка во комбинација со активна регистрација на гласачите
– Формите преку кои ќе се гарантира одделување на државата од партијата за време на изборна кампања
– Системско решение според кое пред секои парламентарни избори ќе се именува „техничка влада“, по примерот од претстојните избори, според кој премиерот треба да се повлече сто дена пред датумот определен за гласање.
Извор: Утрински Весник