Постапка и услови за добивање надоместок согласно новиот закон за стечајците | Правдико

Правдико

   

Постапка и услови за добивање надоместок согласно новиот закон за стечајците

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни 2017 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година.

Со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок во периодот 1995 – 2017 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација. Исто така се овозможува правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност бил на определено или неопределено време и без разлика дали  престанал по волја и вина на работникот.

Услови

Услови за надоместок има невработено лице:

– кое било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци,

– на кое работниот однос му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок во претпријатие со доминантна сопственост на државата или на кое работниот однос му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, по приватизација на претпријатието кое претходно било во доминантна сопственост на државата, под услов истиот да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост на државата и при приватизацијата да не дошло до промена на единствениот матичен број на субјектот (ЕМБС), согласно со закон,

– кое на денот на поднесување на барањето е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж),

– на кое работниот однос му престанал заклучно со 30 јуни 2017 година,

– кое остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година.

НАПОМЕНА: Овој закон не се однесува на оние лица кои примиле испратнина поголема од 12 месечни плати во висина над просечната исплатена месечна нето плата во Република Македонија во дадениот период.

Висина на надоместокот

Невработеното лице има право на месечен паричен надоместок во висина од 34% од просечно исплатената месечна нето плата по работник во Републиката за претходната година.

Правото на паричен надоместок невработеното лице го остварува до негово вработување или пензионирање, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок, утврдени со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Постапка за добивање на надоместокот

Право на паричен надоместок, согласно со овој закон, може да оствари невработено лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување на Република Македонија  каде што е евидентирано, најдоцна до 31 декември 2018 година.

Агенцијата за вработување, правото на паричен надоместок го утврдува врз основа на лично барање на невработеното лице. Правото на паричен надоместок, согласно со овој закон се остварува од денот на поднесување на барањето до Агенцијата за вработување. Доколку барањето не е поднесено во рокот надлежниот орган барањето ќе го отфрли како ненавремено.

НАПОМЕНА: Со остварувањето на правото на паричниот надоместок согласно со одредбите од овој закон, на невработеното лице му престанува правото на парични примања по други основи.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико