Постапка и услови за добивање ознака за национален ресторан – меана
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Како посебен угостителски објект за исхрана согласно Законот за угостителска дејност, претставува и националниот ресторан -меана, за кој органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството издава посебна ознака.
Кој може да добие ознака на национален ресторан – меана?
За да може да ја добие ознаката угостителскиот објект треба да ги исполни следниве критериуми:
1) да има извршена категоризација на угостителскиот објект, со не изминат рок на важност;
2) понудата на храна во листите за јадење треба да биде во сооднос од најмалку 70% домашни традиционални јадења споредбено со интернационалните јадења, додека понудата на вино и други пијалаци треба да биде во сооднос од најмалку 80% вина и други пијалаци произведени во Република Македонија споредбено со интернационални вина и други пијалаци;
3) при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект да се употребуваат природни материјали, како и мотиви од домашната традиционална култура, народни инструменти, носии, покуќнина садови и слично;
4) облеката на персоналот треба да има апликации и мотиви од традицијата и
5) музиката која ќе се изведува во угостителскиот објект треба да биде изворна со акустичен звук.
Еднаш стекнатата ознака не може да се пренесува
Угостителските објекти во понудената листа на јадења треба да имаат најмалку 70% домашни традиционални јадења споредбено со интернационалните јадења, при што во понудата на јадења бројот на традиционалните јадења од Листата на јадења не треба да биде помала од пет од наведените јадење во истата. При подготовката на јадењата треба да користат производи и материјали од домашно потекло, истите јадења да се припремаат на домашен традиционален начин, по рецепт од национален, односно од регионален карактер.
Понудата на вино и други алкохолни пијалоци во винските карти на националните ресторани треба да биде во сооднос од најмалку 80% домашни вина и други пијалоци споредбено со интернационалните вина и други пијалоци.
При надворешното уредување треба да се користат материјали од камен, дрво, цигла, печена тула, ковано железо или друг природен градежен материјал кој е карактеристичен во традиционалната архитектура.
Кај внатрешното уредување, угостителските објекти треба да бидат уредени на стар традиционален начин на кој што биле уредени старите меани со опрема и уреди карактеристични за нашето поднебје (огништа, котлиња, ѓумчиња, бардаци, разни тепсии, мали чашки за ракија, чоканчиња, бокалчиња за вино, дрвени, земјени или чингани посадки и сличен прибор за јадење, ткаени или везени ирами, платнени чаршафи за на маса, фенери, разни свеќници и друг вид на осветлување на ресторанот-меана), почитувајќи ги старите обичаи и традиции.
Што содржи ознаката?
Ознаката за „Национален ресторан – меана“ е стандардизирана плочка во форма на правоаголник со димензии 21 х 30 см и дебелина од 1мм, изработена од високополиран нерѓосувачки челик (материјал ИНОХ 18/10).
На ознаката се впишани следните податоци:
На горниот дел од плочката испишан е на македонски јазик називот Република
Македонија и под него Национален ресторан – меана, а на долниот дел од плочката на англиски јазик. Помеѓу натписите на македонски и англиски јазик, нацртан е графичкиот симбол – котле, чии контури се во црна боја , а засенетите делови во боја на бакар. На горниот лев агол на котлето има два полулака, едниот во жолта , а другиот во црвена боја . На долниот дел од котлето има два полу лака во сина и зелена боја . Димензијата на симболот е 17 х 26 см.
Постапка за добивање ознака на национален ресторан – меана
Постапката за добивање на ознаката за национален ресторан – меана, ја спроведува Комисија за спроведување постапка за добивање на ознаката национален ресторан меана составена од пет члена, кои имаат заменици. Комисијата ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството и е составена од еден член на органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството, еден член од Министерството за култура, еден член од Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресурси, еден член од туристичките комори и еден член од угостителското стопанство.
За спроведената постапка Комисијата изготвува решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, доколку се исполнети критериумите . Решението се издава со важност од три години. Против ова Решение може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Трошоците за добивање на ознаката закон ги сноси угостителот.
Вршителите на угостителската дејност за исхрана – ресторани за стекнување на право на користење на ознаката Национален ресторан -меана, поднесуваат барање со потребна документација до Министерството за економија.
Со барањето се приложува:
1) решение од Централниот регистар на Република Македонија и
2) решение за извршена категоризација
3) доказ за платена административна такса и
4) доказ за платен надоместок за работата на Комисијата
Барањето се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
Трошоци
За добивање на ознаката национален ресторан – меана се наплатуваат трошоци по однос на користење на службено патничко моторно возило и работа на членовите на Комисијата за вршење на увид на лице место.
Трошоците подносителот на барањето за добивање на ознаката национален ресторан – меана ги уплаќа на сметка на Буџетот на Република Македонија и тоа:
– доколку се користи службено патничко моторно возило за добивање на ознаката национален ресторан меана за угостителски објект кој се наоѓа во Градот Скопје и населените места и околината на градот, трошоците изнесуваат 500 денари.
– ако патничкото возило се користи за добивање на ознаката национален ресторан меана за угостителски објект во градовите и населените места кои се оддалечени од градот Скопје до 100 км трошоците изнесуваат 1000 денари и
– доколку патничкото возило се користи за добивање на ознаката национален ресторан меана за угостителски објект, во градовите и населените места кои се оддалечени од градот Скопје над 100 км, трошоците изнесуваат 2000 денари.
Трошоците , за вршење увид во објектот/просторот, се пресметуваат во висина од 150 денари за секој започнат час, за секој член на Комисијата. Бројот на часовите за вршење на увидот се утврдува записнички од страна на Комисијата и на овластеното лице – претставник на националниот ресторан – меана, за ефективно поминатото време.
Одземање на ознаката
Ознаката се одзема со решение на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството, во случаи кога носителот на ознаката ќе престане да ги исполнува критериумите утврдени согласно со Законот за угостителска дејност.
Глоби
Доколку угостителскиот објект користи ознака национален ресторан – меана без добиено решение согласно закон, предвидена е глоба во висина од 1000 евра во денарска противвредност. Покрај оваа глоба му се издава мандатен платен налог на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговец поединец, во висина од 30% од глобата.
Статијата е објавена во првиот регионален Б2Б магазин за угостителство InBar
–ПРАВДИКО–