Постапка и услови за основање автокамп | Правдико

Правдико

   

Постапка и услови за основање автокамп

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

017Автокамп е посебно ограден и означен простор што претставува функционална целина, формиран во согласност со одредбите од овој закон, заради кампирање. Автокампот треба да има простор за кампирање  на кој се формирани кампединици за поставување на опремата за кампирање (шатор, кампприколка, маса, столови, лежалки и слично), како и за сместување на возилото, ако не е обезбедено посебно паркиралиште.

Автокампот се основа на подрачје за кое е донесена урбанистичко-планска документација за автокамп или друга соодветна урбанистичко-планска документација предвидена согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање.  Автокамп може да се основа доколку земјиштето е во целосна сопственост на Република Македонија или пак доколку земјиштето е во сопственост на правно или физичко лице.

Основање на автокамп на земјиште во сопственост на Република Македонија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот пред започнување на постапка за донесување на урбанистичко-планска документација со која ќе се предвиди автокамп на земјиште во сопственост на Република Македонија, доставува известување до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се предвидува формирање на автокамп. Единицата на локалната самоуправа во рок од десет дена по приемот на известувањето , дава мислење до Агенцијата.  По истекот на рокот Агенцијата поднесува писмено барање до Владата на Република Македонија за добивање на согласност за основање на автокамп.

Барањето особено содржи податоци за:

– опфатот на автокампот со список на индикации за катастарските парцели кои влегуваат во опфатот,
– постоечката и инфраструктурата која треба да се изгради за потребите на автокампот (патна, комунална, енергетска и друг вид на инфраструктура),
– потребни финансиски средства за формирање на автокамп и
– мислење на единицата на локалната самоуправа, доколку е доставено до Агенцијата во утврдениот  рок.

По приемот на барањето Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за основање на автокамп со која ја утврдува и минималната категорија на автокампот или ќе го одбие барањето.

Основање на автокамп на земјиште во приватна сопственост

Правни и физички лица кои се сопственици на градежно земјиште, односно закупци на градежно земјиште сопственост на друго правно или физичко лице, кое согласно со планската документација е наменето за автокамп, поднесуваат барање за добивање на согласност за формирање на автокамп до Агенцијата, кон кое приложуваат извод од урбанистичко-планска документација со која е предвиден автокамп, геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште и имотен лист со утврдено право на сопственост или право на закуп за градежното земјиште.

По приемот на барањето со комплетна документација Агенцијата ја известува единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се предвидува формирање на автокамп. Единицата на локалната самоуправа во рок од десет дена по приемот на известувањето дава мислење до Агенцијата.

По истекот на рокот Агенцијата поднесува писмено барање до Владата на Република Македонија за добивање на согласност за основање на автокамп, кон кое ја доставува документацијата , како и мислењето на единицата на локалната самоуправа, доколку е доставено до Агенцијата во законскиот рок.

По приемот на барањето  Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за основање на автокамп или ќе го одбие барањето.

Категоризација на автокамповите

Корисникот на автокампот пред доставување на барање за категоризација на автокампот е должен да достави до Агенцијата план за уредување на просторот за кампирање предвиден со урбанистичко-планската документација, кој треба да биде изработен во согласност со условите за категоризација на автокамп од кои се однесуваат на просторот за кампирање, во зависност од категоријата на автокампот.

Планот за уредување на просторот за кампирање на предлог на Агенцијата го одобрува органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот. Формата и содржината на планот за уредување на просторот за кампирање ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Автокампот пред започнување со вршење на дејноста задолжително се категоризира согласно со условите за категоризација, а во зависност од уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите.

Категориите се означуваат со број на ѕвездички, при што распоредувањето во категории и означувањето на категории се врши на следниов начин:

– автокампови од прва категорија со четири ѕвездички,
– автокампови од втора категорија со три ѕвездички,
– автокампови од трета категорија со две ѕвездички и
– автокампови од четврта категорија со една ѕвездичка.

Категоризацијата на автокамп ја врши Комисија за категоризација на автокампови формирана од страна на директорот на Агенцијата составена од шест члена и тоа по еден претставник од Агенцијата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерство за здравство, Министерството за труд и социјална политика и од единицата на локалната самоуправа во која се формира автокампот, а при формирањето на Комисијата се почитува начелото на соодветната и правичната застапеност на претставниците на заедниците во единицата на локалната самоуправа во која се формира автокампот.

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико