Постапка на давање под краткотраен закуп на градежно земјиште сопственост на РМ | Правдико

Правдико

   

Постапка на давање под краткотраен закуп на градежно земјиште сопственост на РМ

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

 На градежно земјиште сопственост на Република Македонија може да се заснова право на краткотраен закуп во корист на домашни и странски физички и правни лица, согласно со одредбите од овој закон, кој може да трае најмногу до пет години.

Градежно неизградено земјиште може да се даде под краткотраен закуп, заради поставување на времени објекти и  заради организирање на градилиште врз основа на проект за подготвителни работи пропишан согласно со Законот за градење.

Постапка на давање под краткотраен закуп

Постапката за давање на земјиште под краткотраен закуп ја водат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во зависност од нивното подрачје утврдено со закон. Градоначалникот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во име на Република Македонија склучува договор за краткотраен закуп кој има сила на извршна исправа.

Градежното земјиште сопственост на Република Македонија се дава под краткотраен закуп по пат на јавно наддавање. По исклучок , земјиштето предвидено за плажи пред изграден угостителски објект, како и земјиштето за организирање на градилиште се дава под краткотраен закуп со непосредна спогодба.

Јавно наддавање

Постапката за отуѓување и давање под краткотраен  закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, се спроведува согласно со одредбите од Законот за градежно земјиште, со електронско јавно наддавање , со претходно дадена објава од страна на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање во:

– два дневни весника кои се издаваат на македонски јазик, а излегуваат најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата,

– еден дневен весник кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик во општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје сe наоѓа градежното земјиште предмет на објавата, а излегува најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата и

– во “Службен весник на Република Македонија“.

Објавата опфаќа најмалку една половина од една страна на печатениот медиум. Комисијата е должна на денот на објавувањето на објавата во дневен весник, да ги објави податоците и целокупната документација за градежните парцели предмет на отуѓување на интернет страницата на која ќе се врши јавното наддавање.

Учеството на јавното наддавање заинтересираните правни и физички лица го потврдуваат со поднесување на пријава за учество на јавно наддавање по електронски пат во која се наведени податоците за која градежна парцела се однесува пријавата, за подносителот на пријавата, како и за трансакциона или жиро-сметка на која ќе биде вратен депозитот за учество на јавното наддавање.

Постапката за јавно наддавање ја спроведува комисија за спроведување на постапките за јавно наддавање формирана од градоначалникот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. Во зависност од видот и значењето на објектите кои ќе се градат на земјиштето што е предмет на јавното наддавање, комисијата се состои од три до девет члена од кои еден е претседател. Претседателот и најмалку две третини од вкупниот број на членовите на комисијата е потребно да имаат овластување за водење на постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија .

Јавното наддавање започнува со објавување на почетната цена на земјиштето кое е предмет на објавата по метар квадратен, а се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците во наддавањето.За успешно спроведена постапка на јавно наддавање, потребно е да има најмалку едно постапно наддавање над почетната цена по метар квадратен. Јавно наддавање не може да трае пократко од 15 минути.

Јавното наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во објавата, при што доколку во истекот на последните две минути од определеното време за траење на јавното надавање, од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема нова дадена понуда.

За најповолен понудувач по метар квадратен се смета учесникот на јавното наддавање кој понудил последна цена по метар квадратен, која претставува највисока цена за отуѓување на градежното земјиште, односно највисока цена за едногодишна закупнина на градежното земјиште доколку истото се дава под закуп. Комисијата по завршувањето на јавното наддавање изготвува записник за спроведеното јавно наддавање и електронски го доставува до сите учесници на јавното наддавање.

Најповолниот понудувач во рок од 15 дена од денот на завршувањето на постапката за јавно наддавање е должен да ги уплати средствата  и до Комисијата да достави доказ за извршената уплата со целокупната документација потребна за учество на јавното наддавање.

По завршувањето на постапката за јавно наддавање, со најповолниот понудувач, во рок од пет работни дена по доставување на доказ за извршена уплата со целокупната документација потребна за учество на јавното наддавање, градоначалникот во име на Република Македонија склучува договор за отуѓување на градежно земјиште, односно за давање под краткотраен закуп.

Непосредна спогодба

Градежното земјиште сопственост на Република Македонија може да се даде под краткотраен закуп со непосредна спогодба, по поднесено барање до надлежната општина и тоа на сопствениците на угостителски објект пред кои е предвидено плажа, како и на правни и физички лица за потребите за формирање на градилиште.

Кон барањата  се доставува:

– извод од урбанистички план или урбанистичка планска документација,
– урбанистичко техничка документација за уредување на плажа, односно проект за подготвителни работи за организирање на градилиште,
– геодетски елаборат за нумерички податоци изработен врз основа на урбанистичко-техничката документација, односно проект за
подготвителни работи,
– доказ за сопственост на угостителскиот објект пред плажа, односно извод од урбанистичка планска документација за објектот за кој се
врши организација на градилиште,
– имотен лист за градежното земјиште сопственост на Република Македонија, кој до денот на поднесувањето не е постар од 30 дена и
– уверение за историски преглед на извршените запишувања во Агенцијата за катастар на недвижностите за предметното градежно земјиште сопственост на Република Македонија за периодот од кога е востановен катастар на земјиште во катастарската општина, со идентификација на катастарска парцела и катастарска општина.

По барањето општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, одлучуваат согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка. По донесено решение со кое се уважува барањето, градоначалникот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во име на Република Македонија склучува договор за давање под краткотраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

Договорот за давање на градежно земјиште сопственост на Република Македонија под краткотраен закуп особено содржи:

– предмет на договорот,
– податоци за градежното земјиште,
– намена и податоци за објектот утврден со програмата,
– рок и начин на плаќање на закупнината,
– висина на закупнината,
– обврска на закупецот за плаќање на нотарските трошоци и
– услови за раскинување на договорот.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико