Постапка по претставка до Комисијата за заштита од дискриминација | Правдико

Правдико

   

Постапка по претставка до Комисијата за заштита од дискриминација

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

celiac-discrimination1Под поимот Дискриминација се подразбира секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа.

Во функција на спречување и заштита од дискриминацијата, ЗСЗД  (Закон за спречување и заштита од дискриминација) предвидува воспоставување  Комисија за заштита од дискриминација со посебни надлежности и посебна парнична постапка за заштита од дискриминацијата која се води пред судовите. Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган која работи во согласност со надлежностите утврдени со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата е составена од седум членови кои ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од пет години, со право на еден повторен избор.

Надлежности на Комисијата

1) постапува по претставки, дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискриминација;

2) на подносителот на претставката му дава информации за неговите права и можности  за покренување на судска или друга постапка за заштита;

3) покренува иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторени повреди на овој закон;

4) поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија;

5) ја информира јавноста со случаите на дискриминација и превзема активности за промоција и едукација на еднаквоста, човековите права и недискриминација;

6) го следи спроведувањето на овој закон, иницира измена на прописи заради спроведување и унапредување на заштитата од дискриминација;

7) воспоставува соработка со органите надлежни за остварување на еднаквост и заштита на човековите права во локалната самоуправа;

8) дава препораки на државните органи за преземање на мерки за остварување на еднаквоста;

9) дава мислења по предлози на закони од значење за заштита од дискриминација;

10) прибира статистички и други податоци, формира бази на податоци, спроведува студии, истражувања и обуки во врска со дискриминацијата;

11) соработува со соодветни национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на заштита од дискриминација и

12) донесува деловник за работа и други акти за внатрешна организација на работата. sub-aop-employment-discrimination

Лицето кое смета дека претрпело дискриминација поднесува претставка до Комисијата, писмено или усно на записник, без обврска за плаќање на такса и друг надоместок. Со претставката лицето поднесува докази и факти од кои може да се утврди актот или дејствието на дискриминација. Постапката пред Комисијата за лицата кои живеат во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од  македонскиот јазик, можат да употребат кој било од службените јазици и неговото писмо.

Ваквите поднесоци Комисијата ги преведува на македонски јазик и неговото кирилско писмо и постапува по нив. Претставката може да се поднесе најдоцна во рок од три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација. Комисијата може да поведе постапка и по истекот на рокот доколку оцени дека се работи за случај од таква важност за кој би било неопходно и целисходно да се води постапката.

По приемот на претставката Комисијата  ја утврдува  фактичката состојба со увид во документите и земање на изјави од подносителот на претставката, лицето против кое е поднесена претставката, како и од други лица. Комисијата во рок од 15 дена ја доставува претставката до лицето против кого е поднесена. Комисијата не постапува по претставката ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое поднесувачот се повикува, ако во истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази и ако утврди дека поради истек на времето од направената повреда на правото, не е можно да се постигне целта на постапката.

Во рок од 90 дена од денот на поднесувањето на претставката Комисијата дава мислење за наводната дискриминација и за тоа го известува поднесувачот и лицето против кое е поднесена претставката.  Со писменото мислење, а по утврдената дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото. Лицето на кое препораката е упатена, е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката, како и за тоа да ја извести Комисијата. Доколку се случи  лицето на кое препораката е упатена не постапи по препораката, односно не ја отстрани повредата на правото, Комисијата може да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежен орган за утврдување на неговата одговорност.

–ПРАВДИКО–

– Дискриминација во огласите за вработување

– Прирачник за обука на тема дискриминација

– Прирачник за спречување на дискриминација во воспитно-образовниот систем

– Водич за улогата на Комисијата за заштита од дискриминација во судска постапка и преминување на товарот на докажување

– Водич за основи за дискриминација

– КЗД во функција на заштитата од дискриминација – водич за граѓаните

– Обука на обучувачи за концептот на еднаквост и недискриминација

– Што претставува половата дискриминација?

– Што претставува дискриминацијата врз основа на инвалидитет?

Препорачуваме

Партнери на Правдико