Постапка по пријава на кривично дело или прекршок во Полиција | Правдико

Правдико

   

Постапка по пријава на кривично дело или прекршок во Полиција

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

policija-skopje1-540x320Полицискиот службеник прима во усна или писмена форма кривични пријави за кривични дела за кои се гони по службена должност и пријави за прекршоци.
Усно изјавените пријави полицискиот службеник може да ги прими во просториите на организационите единици на Полицијата или надвор од нив.

Полицискиот службеник веднаш по приемот на пријавите , составува записник кога пријавата е примена во службените простории.

Записникот  содржи:

– време и место на прием, назив на организационата единица на Полицијата во која е примена пријавата, име и презиме на полицискиот службеник кој ја примил и на записничарот кој ги внесува податоците;

– лични податоци за подносителот на пријавата;

– констатација дека подносителот на пријавата е предупреден за последиците од лажно пријавување;

– опис на настанот;

– исказ на лицето кое ја поднело пријавата, за неговото основано сомневање дека лицето против кого е поднесена пријавата е сторител на казниво дело или дека истото е соучесник во негово извршување; за фактите на кои го заснова основаното сомневање; личниот опис, личните и други податоци за лицето, како и податоци за за местото каде лицето може да се пронајде;

–  податоци  за  доказите  со  кои  се  потврдува  веродостојноста  на  изјавата  на подносителот на пријавата, односно ако станува збор за материјални докази се наведуваат предметите, трагите или другите материјални докази, а ако тоа се искази на сведоци се наведуваат нивните лични податоци;

– констатација дали подносителот на пријавата е оштетен или не;

– попис и опис на украдените или оштетените предмети, поединечно и детално, како и приближна висина на сторената штета и

– изјава со која подносителот на пријавата кој е оштетен со стореното казниво дело се поучува за неговото право за поведување на постапка за остварување на имотно-правно барање.

По составувањето на записникот, полицискиот службеник ќе му го прочита истиот на подносителот на пријавата и дополнително ќе ги внесе неговите забелешки во однос на истиот, како и констатацијата дека записникот е прочитан пред неговото потпишување. Записникот го потпишуваат полицискиот службеник, записничарот и подносителот на пријавата.Кога пријавата е примена надвор од службените простории, полицискиот службеник изготвува службена белешка за примена пријава за сторено казниво дело.

Полицискиот службеник изготвува службена белешка за прием на пријава и тогаш кога таа е поднесена преку телефон или други средства за комуникација.

Кога полицискиот службеник од поднесените пријави   дознае за постоење на основи на сомневање дека сторител на делото или прекршокот е малолетно лице превзема итни и неодложни мерки и бара во понатамошното  постапување  да  се  вклучи  полициски  службеник  за  малолетничка деликвенција.

При поднесувањето на кривичната пријава , а полицискиот службеник со преземање на соодветни полициски овластувања утврди дека се работи за кривично дело за кое се гони по приватна тужба или се утврди дека делото нема обележја на казниво дело, полицискиот службеник е должен за тоа да го извести оштетениот веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена. Ако постојат  основи за сомневање дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, полицискиот службеник без одлагање го известува јавниот обвинител согласно закон.

Потоа Полицијата собира податоци за тоа казниво дело, неговиот сторител, учесниците во неговото извршување, трагите, доказите и другите околности корисни за откривање и пронаоѓање на сторителот на тоа казниво дело. Кога Полицијата ќе ги собере информациите и податоците за кривичното дело за кое се гони по службена должност, составува кривична пријава и без одлагање ја доставува до надлежниот јавен обвинител, доколку со друг закон не е поинаку утврдено.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико