Постапка за добивање право на азил во Република Македонија | Правдико

Правдико

   

Постапка за добивање право на азил во Република Македонија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

legal-documentsКатегории баратели на азил:

Правото на азил според Законот за азил и привремена заштита може да им се додели само на следниве две категории бегалци:

-Признаен бегалец и

-Лице под супсидијарна заштита

 

Признаен бегалец е лице кое што оправдано стравува дека доколку остане во државата чиј државјанин е, или ако е лице без државјанство, во државата во која има вообичаено место на престој ќе биде прогонето по основ на раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или поради своето политичко уверување.

Лице под супсидијарна заштита е лице кое стравува дека доколку остане во државата чиј државјанин е, или ако станува збор за лице без државјанство, во државата во која има вообичаено место на престој ќе се соочи со вистински ризик од претрпување сериозни повреди. Како сериозни повреди се сметаат: смртна казна или егзекуција; тортура или нечовечно или деградирачко постапување или казнување; сериозни и индивидуални закани по животот или личноста на цивилно лице по пат на недискриминирачко насилство, во ситуација на меѓународен или внатрешен вооружен конфликт.

Поднесување на барање за признавање право на азил

migranti_zheni_azilБарањето за признавање право на азил се поднесува пред полицијата на граничниот премин, најблиската полициска станица или во просториите на Одделението за азил кои се наоѓаат во Прифатниот центар за баратели на азил. Ако барателот на право на азил веќе престојува на територијата на Република Македонија должен е барањето да го поднесе до Одделението за азил. Барањето се поднесува писмено или усно на записник на македонски јазик, или ако тоа не е можно, на јазикот на земјата на потекло, на некој од пошироко прифатените странски јазици или на јазик за кој може разумно да се претпостави дека барателот на право на азил го разбира.

Одделението за азил е должно во рок не подолг од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето да ги извести барателите на право на азил за начинот на спроведување на постапката, нивните права и обврски, последиците кои можат да настанат ако не се придржуваат до предвидените обврски, нивното право на правна помош, а особено за правото да контактираат со претставници на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации со цел да се обезбеди транспарентност на постапката и гаранција дека нема да бидат ниту загрозени, ниту повредени нивните права и слободи.

Процена на факти и околности

Откако барањето ќе биде примено и барателот ќе ги достави сите документи и други докази со кои располага, а кои можат да придонесат кон донесување на правилна одлука, Одделението за азил  преминува на процена на фактите и околностите кои се од значење за утврдување дали на лицето ќе му биде доделено право на азил или ќе биде одбиено неговото барање. Процената се врши со цел да се утврди дали лицето навистина ги исполнува условите кои ги бара Законот за азил и привремена заштита за да може да му биде доделено право на азил.

Редовна постапка

Редовната постапка за признавање право на азил во прв степен се спроведува од страна на Одделението за азил, кое е должно одлуката да ја донесе во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на барањето.

Сослушување на барателот на право на азил

полиција-770x470Пред да биде донесена одлуката по барањето за право на азил барателот има можност лично да биде сослушан, а неговото сослушување може да биде и аудио снимено, за што лицето претходно се информира. Сослушувањето по правило се врши без присуство на членовите на семејството на барателот, освен ако Одделението за азил не процени дека нивното присуство е неопходно. Барателите на право на азил се сослушуваат од страна на лице од ист пол, а за да може комуникацијата да се одвива непречено , овластеното службено лице кое го води сослушувањето обезбедува преведувач. За време на разговорот се води записник кој го потпишуваат лицата кои учествувале во сослушувањето. Ако барателот на азил одбива да го потпише записникот, истото се евидентира во предметот на барателот.

Донесување на решение и право на тужба

Во оваа постапка можат да се донесат два вида на решение:

  • решение со кое се признава статус на признаен бегалец, односно статус на лице под супсидијарна заштита или
  • решение со кое се одбива барањето за признавање право на азил

Против решението на Одделението за азил, барателот на право на азил може да поведе управен спор во рок од 30 дена од денот на доставувањето на решението, а тужбата има суспензивно дејство.

Автор: Павлинче Маркоска

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико