Правдико

   

Постапка за добивање статус на организација од јавен интерес

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

meeting-iStockОрганизациите можат да се стекнат со статус од јавен интерес ако вршат дејности од јавен интерес, спроведување на програми и проекти на централно и/или локално ниво, самостојно или во соработка со органите на државната управа и органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и користење на финансиски средства за реализација на активностите. 

Под поимот ,,организација” се подразбира секое здружение, фондација, сојуз, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување, регистрирани согласно со одредбитена Законот за здруженија и фондации.

Организациите можат да се стекнат со статус од јавен интерес ако вршат дејности од јавен интерес, спроведување на програми и проекти на централно и/или локално ниво, самостојно или во соработка со органите на државната управа и органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и користење на финансиски средства за реализација на активностите.

Дејности од јавен интерес се:

  • развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права,
  • помош и заштита на лица со физички или ментален хендикеп, лица со попреченост во развојот и лица со посебни потреби,
  • заштита на деца и младинци,
  • заштита на маргинализирани лица и нивно социјално вклучување,
  • заштита од злоупотреба на дрога, сексуално преносливи болести, малолетничка
  • деликвенција, алкохолизам, проституција и трговија со луѓе,
  • здравство, унапредување на здравјето и медицинска грижа,
  • уметност, култура и заштита на културното наследство,
  • аматерски спорт,
  • заштита на животната средина и одржлив развој,
  • локален и инфраструктурен развој,
  • наука, образование и обука во образовниот процес,
  • развој на етиката и моралот,
  • хуманитарна и социјална помош, намалување на сиромаштијата,
  • справување со елементарни непогоди,
  • заштита и грижа за животни,
  • заштита на потрошувачите,
  • унапредување на добротворството и волонтерството и
  • друга дејност од јавен интерес определен со Законот за здруженија и фондации или друг закон.

Здружението или фондацијата ќе се здобие со статус на организација од јавен интерес, ако:

  • е регистрирана согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации,
  • дејноста од јавен интерес е главна приходна шифра во нејзиното работење,
  • работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата,
  • има потребна организациска структура согласно Законот за здруженија и фондации ,
  • има кадровски капацитети потребни за дејност согласно со законот,
  • има соодветни финансиски ресурси, односно вкупна вредност на имотот или годишен приход од минимум 1.500 евра во денарска противвредност според курсот на Народна банка на Република Македонија,
  • има пропишано правила за судир на интереси и за обезбедување на транспарентност и јавност во работењето и
  • не е во стечај или ликвидација и нема блокирана жиро сметка.

Постапка за добивање статус на организација од јавен интерес

Здружението или фондацијата поднесува барање за добивање на статус на организација од јавен интерес до Комисијата за организации со статус од јавен интерес.Кон барањето се поднесува и:

  • решение за запишување во Регистарот,
  • статут,
  • програма за работа за тековната година,
  • опис на дејноста од јавен интерес дефинирана во статутот и активностите со кои е спроведувана,
  • препорака од организации или институции со кои соработувале,
  • опис на организациската структура,
  • опис на кадровскиот капацитет потребен за дејност согласно со закон,
  • изјава за судир на интереси од застапникот,
  • информација за економска и финансиска состојба на организацијата,
  • завршна сметка доколку здружението или фондацијата има заокружено еден фискален циклус,
  • потврда дека не е отворена постапка за ликвидација и
  • потврда дека со правосилна одлука не е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејност.

Документите не смеат да бидат постари од шест месеци и се доставуваат во оригинал или заверена копија на нотар.Статусот од јавен интерес е непренослив на организациите настанати со статусни измени.

Статусот на организациите од јавен интерес го определува Владата на Република Македонија по предлог на Комисијата за организации со статус од јавен интерес.Комисијата  ја формира Владата на Република Македонија.

Барањето за добивање на статус на организација од јавен интерес се поднесува до Владата на Република Македонија преку Комисијата.

Владата на Република Македонија донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.Против решението на Владата на Република Македонија може да се поведе управен спор.  Управниот суд по тужбата одлучува во рок од 30 дена од денот на приемот на тужбата.

Престанок на статус од јавен интерес

Статусот на организација од јавен интерес престанува:

  • по барање на здружението или фондацијата,
  • кога престанала да ги исполнува условите што се потребни за добивање на статусот организација од јавен интерес,
  • ако не формира надзорен одбор и не постапува согласно со статутот,
  • ако не поднесе извештај во роковите определени во Законот за здруженија и фондации ,
  • ако не поднесе ревизиски извештај во роковите согласно со Законот за здруженија и фондации  и
  • со своето работење не го одразува јавниот интерес за кој го добила статусот.

Владата донесува решение за престанок на статусот на организацијата од јавен интерес. Организацијата се известува за забелешките  и се одредува рок од 30 дена за нивно отстранување. Доколку организацијата не ги отстрани забелешките во наведениот рок, се донесува решение за престанок. Комисијата донесува решение за престанок на статусот од јавен интерес.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико